Речиси со сигурност може да се каже дека во сите случаи на опожарување на отворено предизвикувач е човекот. Казните од 200 евра за палење оган на отворено не се доволна закана за граѓаните, па тие продолжуваат со старите навики, да палат каде што ќе стигнат

Низ земјата, секојдневно горат стрништа, шуми, нискостеблеста вегетација, трска… Загрижува фактот што пожарите се јавија на почетокот на пролетта, кога температурите на воздухот не се високи, па се поставува прашањето што ќе се случи налето, кога температурата на воздухот ќе се искачи над 30 Целзиусови степени.
Речиси со сигурност може да се каже дека во сите случаи на опожарување на отворено предизвикувач е човекот. Казните од 200 евра за палење оган на отворено не се доволна закана за граѓаните, па тие продолжуваат со старите навики, да палат каде што ќе стигнат. Се палат бадникарски огнови во време на голема загаденост на воздухот, потоа следуваат василичарските огнови, постојано горат диви депонии, контејнери, а „пироманијата“ кулминира со доаѓањето на пролетта и првомајските празници, кога се распламтуваат скарите буквално насекаде, без оглед дали станува збор за излетничко место или некоја локација среде шума каде што постои забрана за палење.

– Проблем е што кај нас доволно не се казнува. Минатиот викенд шетав во близината на езерото Козјак, а таму во еден ливадест дел над езерото, едно младо друштво имаше запалено оган за скара. Свиреа на гитара, се веселеа, се најадоа и напија, а потоа изгорениот ќумур од скарата го фрлија во близината на сувата трева и си заминаа – вели Стојан Трпевски, жител на Долно Соње.

Тој додава дека подоцна отишол и го затрупал фрлениот ќумур од скарата со земја, за да не дојде до опожарување на блиската сува трева.

– Во делот над езерото Козјак има пријатни места за прошетки, но и многу сува трева и смреки, кои лесно се палат. Со оглед на тоа дека тука постојано има некое ветре од планините, жарот од ќумурот лесно би можел да се претвори во пламен што ќе ја зафати тревата и потоа огинот, носен од ветерот, за кратко да прерасне во пожар од огромни размери и да се прошири и кон Водно, но и кон резерватот Јасен. Вакви случки имаше во неколку наврати во минатото и не беше воопшто пријатно – нагласува Трпевски.

Според Законот за шуми, забрането е палење отворен оган во шума и на земјиште во непосредната близина на шумата, на растојание од најмалку 200 метри од работ на шумата. Местата на кои е дозволено палење отворен оган мора да бидат видно обележани и внесени во планот за заштита на шумите од пожар.

Инаку, забраните за палење оган на отворено се од привремен карактер, односно се забранува палење оган кога е големо загадувањето на воздухот, како и во летниот период, кога поради високите температури лесно може да дојде на пожар.

– Недостигаат закони со кои би се регулирал проблемот со палењето оган на отворено. Сега забраните се донесуваат привремено, обично во летниот период кога времето е жешко и лесно се појавува пожар – велат од Центарот за управување со кризи.

Според нив, пожарите најчесто се предизвикани од човечки фактор.

– Во тек е формирање заедничка група составена од лица од „Македонски шуми“, од Дирекцијата за заштита и спасување, од инспекциските служби во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која ќе овозможи да се врши постојан надзор над шумите, па се надеваме дека ќе успеат да фатат некој од несовесните граѓани што палат оган на отворено – додаваат од ЦУК.

Оттаму уште велат дека се целосно иритирани од непослушноста на луѓето, но и од нефункционалноста на дел од службите.

Токму неодговорниот однос на граѓаните, но и на надлежните служби, оди во прилог на појавата на пожари на повеќе локации, кои, доколку излезат од контрола, може да прераснат во сериозна закана за животот и имотот на луѓето.

[email protected]