Ѕвечкањето со оружје и од страна на САД и од страна на Иран во изминатиов период отвори три важни прашања. Прво, кои се навистина корените на анимозитетот помеѓу Вашингтон и Техеран, второ, дали актуелната американска стратегија може да успее и, трето, ако не успее, постои ли некоја друга опција

Уште од формирањето на Исламската Република во 1979 година, односите помеѓу Вашингтон и Техеран се карактеризираат со меѓусебно сомневање и екстремно непријателство. Таа реторика уште повеќе се интензивираше во текот на последниве недели. Претседателот Трамп ги предупреди Иранците да не им се закануваат на САД или „ќе страдаат од последици какви што малку од земјите претрпеле во досегашнава историја“. Како дополнување на ова, државниот секретар Помпео изјави: „Ќе примениме финансиски притисок без преседан“.

Од друга страна, претседателот Руани ги предупреди САД „да не си играат со опашката на лавот“ и изјави дека „мирот со неговата земја е мајка на сите мирови, а војната со неа е мајка на сите војни“. Згора на тоа, првиот човек на Генералштабот на иранските вооружени сили, генерал-мајорот Мохамед Багери искажа тврдење дека американските центри за распоредување и интереси на Блискиот Исток се „лесно пристапни за иранската јавна и тајна одбранбена моќ“.

Командантот на Кудс (единица на специјалните сили на Иранската револуционерна гарда, одговорна за нејзините екстратериторијални операции), генерал-мајор Касем Солеимани дури даде и завет: „Можеби вие ќе почнете војна, но ние сме тие што ќе ја завршат“. Овие жестоки изјави од двете страни отворија три важни прашања. Прво, кои се корените на анимозитетот помеѓу Вашингтон и Техеран, второ, дали актуелната американска стратегија може да успее и трето, ако не успее, постои ли некоја друга опција.

Корените на иранско-американските несогласувања може да се најдат во географијата и историјата на Блискиот Исток. Иранците ја доживуваат својата татковина како доминантна сила во регионот на Персискиот Залив. Таа е една од древните светски цивилизации и луѓето имаат силен национален идентитет. Иран ја контролира едната страна од Персискиот Залив, а другата е контролирана од неговите арапски соседи. Неговата популација е поголема од вкупната популација на земјите што влегуваат во заливскиот Совет за соработка. Главниот двигател на регионалната политика на Техеран е силното чувство на виктимизација (прогонуваност, измачуваност). Без присуството на странски сили, како што велат високи дипломатски извори на Иран, Иран ќе беше доминантна регионална сила. А на ваков начин, нагласуваат истите извори, руското, британското, а сега и американското присуство „му ја ускратија на Техеран неговата природна доминација во регионот“.

Од друга страна, САД имаат витални економски и стратегиски интереси во Персискиот Залив и во поширокиот блискоисточно-јужноазиски регион, па затоа мора да одржуваат стабилно присуство ако сакаат да ги заштитат овие интереси. Заштитата на глобалните нафтени резерви, борбата против некои насилни екстремистички групи, превенцијата од ширење на оружјето за масовно уништување и зачувувањето на безбедноста на Израел се наоѓаат на врвот на американските приоритети.

Со оглед на овие непомирливи гледишта и перспективи, САД разгледуваа и спроведоа различни стратегии за фундаментална промена на наводното иранско, како што другата страна сака да нагласи, „малигно влијание“. Тие стратегии вклучуваат интензивирање на економскиот притисок и поддржување на опозициските групи како Муџахедин е Калк (МЕК) и создавање т.н. „арапско НАТО“, официјално познато како Блискоисточна стратегиска алијанса (МЕСА). Таа алијанса ќе биде помеѓу арапските држави во Персискиот Залив (предводени од Саудиска Арабија и ОАР), Јордан и Египет. Целта на МЕСА ќе биде да го контролира влијанието на Иран во Сирија, Ирак, Либан, Јемен и во остатокот од регионот.

Како одговор на овие стратегии, Иранците се заканија дека ќе ја затворат Хрумската Теснина, запирајќи го слободниот проток на нафта и гас. Претседателот Руани изјави дека ако иранскиот нафтен извоз биде блокиран, ни на другите држави од Персискиот Залив нема да им се дозволи да ја извезуваат својата нафта. Во врска со ова, важен е и фактот дека Иран е под разни системи на санкции уште од 1979 година. Техеран има насобрано огромно искуство во превенирање санкции. Најпосле, новите повторно наметнати санкции немаат некоја голема шанса да бидат прифатени од страна на меѓународната заедница.

Турција, Индија, Кина и Русија (помеѓу другите) изјавија дека би ги почитувале санкциите наметнати од страна на Обединетите нации, но не и од Америка. Набргу откако на 6 август, администрацијата на Трамп повторно наметна санкции против Иран, ЕУ излезе со заедничка изјава на министрите за надворешни работи на Франција, Германија и на Британија. Во неа тие изјавија жалење и гарантираа дека ќе работат на „зачувување на финансиските текови и извозот на нафта и гас“.

Претседателот Руани нагласи дека е бесмислено да се одржуваат преговори додека се во сила овие санкции. Покрај тоа, во последниве години, неколку американски политичари од висок ранг, како Џон Болтон, Руди Џулијани, Џон Мекејн и Бил Ричардсон имаа свои говори на конференциите на МЕК, кој е корисен за обезбедување информации во врска со иранското нуклеарно вооружување и други проблематики, но откако го поддржа Садам Хусеин во 1980-тите, ја изгуби сета поддршка што ја имаше во земјата. Групата не е одржлива алтернатива на режимот во Техеран.

Во обид да се мобилизира опозицијата во Исламската Република, државниот секретар Помпео зборуваше на собирот на ирански Американци во јужна Калифорнија на крајот на јули, а администрацијата на Трамп ги зачести емисиите на персиски јазик на Гласот на Америка и на Радио Фарда (иранско издание на американското владино Радио Слободна Европа/Радио слобода) во контекст на дискредитација на Исламската Република и да се промовира промена на режимот во државата.

Иницијативата за создавање „арапско НАТО“ се соочува со клучни предизвици. Арапско-иранските односи се комплицирани. Египет, водечката арапска држава, постојано тврди дека безбедноста на арапските земји во Персискиот Залив е дел од нејзината национална безбедност. Освен нагласената реторика, Египет одби да испрати воени трупи што би се бореле во Јемен. Сходно на тоа, за разлика од Ријад и Абу Даби, Каиро не ја поддржува сириската опозиција и се залага за помирување со претседателот Асад. Слично реагираат и државите од Советот за соработка во заливот, затоа што нивните ставови не се усогласени. Разидувањето помеѓу Катар од една страна и Саудиска Арабија, Бахреин и Емиратите од друга, се покажа како долгорочен јаз. Кувајт и Оман традиционално се држат до својата политика на независност, настојувајќи да не заземаат страна во регионалните спорови. Мускат одби да им се придружи на Ријад и на Абу Даби во војната во соседниот Јемен. Во кратки црти, екстремно мали се шансите арапските земји да ги остават настрана меѓусебните клучни разлики и да се здружат во спречувањето на регионалната политика на Техеран.

Дали постои алтернативна стратегија за справување со Иран? Употребата на воен, дипломатски и економски притисок може лесно да биде манипулирана од страна на екстремистите во Техеран. Згора на тоа, откако администрацијата на Трамп се повлече од договорот за нуклеарно оружје, умерените и екстремистите ги здружија силите и се поддржуваат. На пример, прагматичниот Руани се приближи кон десницата и ги усвои позициите, кои се слични на оние на Исламската револуционерна гарда. Наедно, ајатолахот Каменеи ги повика политичките водачи да немаат доверба во САД, образложувајќи дека Вашингтон никогаш не ја прифатил исламската револуција.
Овие тврдокорни позиции не значат дека конфликтот е единственото решение. Важно е да не се преувеличува улогата на идеологијата како двигател на иранската надворешна политика.

Како и во повеќето земји во светот, главната дебата во Техеран се однесува на основната егзистенција. Мнозинството Иранци и Владата во Техеран се заинтересирани за економска благосостојба и создавање работни места за милиони млади луѓе. Како и другите регионални сили, Иран секогаш ќе се труди да ги оствари своите стратегиски интереси во рамките на соседството. Во тој контекст, иранската интервенција во Ирак, Сирија и во Либан не е фундаментално различна од онаа на Саудиска Арабија во Бахреин, египетската во Либија и турската во северозападна Сирија.

Според сево ова, стратегијата на наметнување санкции, поддржување на опозициските групации и создавањето арапско НАТО најверојатно дополнително ќе го дестабилизира Блискиот Исток. Една од алтернативните стратегии би била прифаќањето на фактот дека Иран отсекогаш бил и ќе биде голема регионална сила.
Но пред сѐ и над сѐ треба да се истакне ставот дека Техеран и Вашингтон можат да најдат области на заеднички интереси, како на пример стабилизирање на Авганистан и на Ирак и завршување на Граѓанската војна во Сирија. Иранските и американските интереси не се исклучуваат меѓусебно! Промоцијата на економски развој и регионално помирување е стратегија за победа на двете страни! Ништо добро нема да произлезе од ескалација на судирите со една нација што има 80 милиони луѓе. Постои потреба да се редефинира и повторно да се изгради безбедносната архитектура на Блискиот Исток. Ваквата архитектура треба да биде инклузивна, а главните регионални сили треба да се прифатат меѓусебно и да престанат да гледаат на надворешната политика како на игра на победници и на губитници.