Првиот турнир во Вимблдон се одржал во 1887 година и
досега ниту еднаш не бил откажан во мирнодопски услови

Организаторите на годинашниот тениски гранслем-турнир и еден од најпрестижните во светот, Вимблдон (29 јуни-12 јули), испратија соопштение до јавноста во кое нагласуваат дека откажувањето на турнирот поради појавата и ширењето на коронавирусот е сосема реална опција, доколку тоа го побара Владата на Велика Британија.
– Додека продолжуваме со плановите на неговата организација, ќе се однесуваме и мошне одговорно.

Но во случај Владата да побара турнирот да биде откажан, тоа и ќе го сториме, а нашето осигурување ќе ни овозможи да им ги вратиме парите на сите оние што во меѓувреме набавиле влезници за овој турнир – велат организаторите на Вимблдон, а пренесува порталот „Тенис 365“.
Првиот Вимблдон се одржал во 1887 година и досега ниту еднаш не бил откажан во мирнодопски услови.

И гранслем-турнирот во Париз, Ролан Гарос, кој пак се одржува пред Вимблдон (24 мај-29 јуни), исто така е неизвесен.
Победник на турнирот за мажи на Вимблдон од минатата година е српскиот тенисер и моментно водечки на АТП-листата, Новак Ѓоковиќ, кој во финалето по голема и неизвесна борба го совлада Швајцарецот Роже Федерер со 3-2 во сетови. Во женска конкуренција славеше Романката Симона Халеп, која во финалето ја победи Серена Вилијамс од САД со 6-2, 6-2.