Покрај напредокот во роботиката и вештачката интелигенција, човечкиот фактор и во иднина сепак ќе биде потребен на многу работни места. Истражувањата покажуваат дека се зголемува бројот на фирми што користат компјутери и вештачка интелигенција за помош при работата на луѓето. Некои експерти велат дека на овој начин пополека се појавува трендот на замена на човечката работна сила со роботика и вештачка сила. Но последната студија на фирмата за развој „Фјучр воркплејс“ покажува дека луѓето, сепак, и во иднина ќе бидат неопходни за некои работни места

Развитокот на вештачката интелигенција се приближува до критична точка, сѐ повеќе се измислуваат начини за автоматизирање на процесите за работење за да се олесни работата. При автоматизација на процесот и замената на човечката работната сила со компјутерска, луѓето можат да станат непотребни, сметаат некои експерти. Овој процес во серијалот филмови „Терминатор“ се прикажува како почеток на ерата во која доминираат машините и компјутерите, а нивната цел е да го уништат човештвото затоа што тоа повеќе не е корисно. За среќа, најновото истражување на извршната фирма за развој „Фјучр воркплејс“ покажува дека луѓето сепак и понатаму, односно и во иднина ќе бидат неопходни.

„Фјучр воркплејс“ открива дека има скок од 18 проценти во однос на минатата година, каде што бројот на работници што користат вештачка интелигенција во некои аспекти на своите работни места, претставува повеќе од половина од анкетираните во истражувањето.
Дан Шавбел, директор за истражување во „Фјучр воркплејс“ и автор на книгата „Враќање кон човекот“, за „Њујорк пост“ вели дека 64 проценти од луѓето му веруваат повеќе на роботот отколку на менаџерот. Со ова се поставува прашањето што можат роботите да направат подобро од менаџерите и што можат менаџерите да направат подобро од роботите.

Според Шавбел, она што менаџерите можат да го направат подобро од роботите се меки вештини како разбирање на чувствата на вработените, тренирање на вработените, создавање работна култура. Тоа се работите што тешко можат да се измерат, но влијаат на нечиј работен ден. Работите што роботите можат да ги направат подобро се тешките вештини како обезбедување непристрасно информирање, одржување распоред на работа, решавање проблеми и одржување на буџетот. Дали напредувањето на вештачката интелигенција може да ги преземе и меките вештини?
– Во моментов, тоа не е возможно. Мислам дека иднината на работата е во човечките ресурси, кои ќе управуваат со човечката работна сила, додека, пак, информатичката технологија ќе управува со работната сила. Нема сомнение дека луѓето и роботите ќе работат рамо до рамо – вели Шавбел.

Повеќето истражувања покажуваат дека технологијата ги прави луѓето поантисоцијални. Особено децата како што растат стануваат поантисоцијални затоа што порано добиваат пристап до технологија. Шавбел вели дека, сепак, во моментов има побарувачка за многу тешки вештини, кои ќе се автоматизираат. Тоа значи дека во блиската иднина кога тешките вештини ќе се автоматизираат и ќе има побарувачка за меките вештини, следната генерација ќе биде во голема неволја.