Повеќе одмор за ракометарите, распоредот на натпреварите на големите натпреварувања и заштита на врвните играчи беа теми на состанокот одржан во седиштето на Светската ракометна федерација (ИХФ) во Базел меѓу претседателите на ИХФ Хасан Мустафа, на Европската ракометна федерација (ЕХФ) Михаеел Видерер и на Европското ракометно здружение на играчи (ЕХПУ), чии претставници беа Уве Генсхајмер (Германија), Михаел Апелгрен (Шведска) и Бо Спелерберг (Данска).

– Со задоволство ги сослушаме забелешките на играчите бидејќи тие се главниот извор на овој спорт. Ја цениме нивната улога и ќе се обидеме да ги заштитиме. Нашата средба со претставниците на играчите беше многу продуктивна. Раководствата на ИХФ, ЕХФ и ЕХПУ беа во можност да разменат идеи и предлози, кои ќе бидат од голема корист за ракометниот спорт – рече Мустафа.

Претходно, како одговор на кампањата што по завршувањето на Светско првенство (СП) во Германија и во Данска годинава ја почнаа ракометарите, во која меѓу другото бараа повеќе одмор помеѓу натпреварите на мундијалите и нивна вклученост во донесувањето одлуки, на седница на советот на ИХФ во јули беа изгласани мерки со кои играчите ќе имаат повеќе одмор на СП. Така, на следното СП во Египет во 2021 година ќе се зголеми бројот на играчи од 16 на 18, ќе има поголем број измени во составите на репрезентациите, досегашните три ќе се зголемат на пет и селекциите ќе добијат задолжителен еден ден одмор помеѓу натпреварите.