Македонија како најдобро рангирана селекција од Европа што не обезбеди место на СП се стекна со статус на прва резерва

РАКОМЕТ – ЖЕНИ

Светската ракометна федерација (ИХФ) ги додели вајлд-картите за претстојниот ракометен Мундијал во женска конкуренција во Шпанија, на кој првпат ќе учествуваат 32 селекции.
Вајлд-картите ги добија селекциите на Полска и Словачка, а Македонија како најдобро рангирана репрезентација од Европа што не обезбеди место на СП се стекна со статус на прва резерва, односно ќе чека шанса доколку некоја од 32-те селекции учеснички поради ковид -19 не биде во можност да настапи на СП, како што беше случај на СП за мажи во јануари, кога Македонија и Швајцарија ги заменија селекциите на Полска и САД, кои, пак, имаа голем број заразени во своите редови.
СП во Шпанија ќе се игра од 2 до 19 декември во Кастелон, Леирија, Торевиеха и Гранољерс, а ждрепката за групите е закажана за утре. Досега 22 селекции имаат обезбедено место на СП, од кои 18 од Европа, а допрва ќе треба да се одиграат три квалификациски турнири, еден во Азија и два во американски конфедерации Северна Америка со Кариби и Јужна со Средна Америка.

Директно место на СП добија домаќинот на СП, Шпанија, актуелниот светски првак од 2019, Холандија, и четирите најдобро пласирани селекции од ЕП 2020, Хрватска, Данска, Франција и Норвешка. Преку бараж-дуелите со место на СП се стекнаа селекциите на Русија, Чешка, Словенија, Србија, Шведска, Австрија, Унгарија, Романија, Црна Гора и Германија, додека, пак, Полска и Словачка добија вајлд-карти. Место на СП обезбедија и четирите најдобро пласирани селекции во африканскиот шампионат, Ангола, Конго, Тунис и Камерун, а преостанатите 10 места треба да се пополнат со шесте најдобри селекции од азискиот шампионат, кој ќе се игра од 15 до 25 септември во Јордан, како и четири американски селекции, една од квалификацискиот турнир во САД, на кој ќе играат селекции од Северна Америка и Кариби (22-25 август), и уште три од квалификацискиот турнир во Чиле, на кој ќе настапат репрезентации од Средна и Јужна Америка (5-9 октомври).