Се случија терористички сцени, а сето тоа поради употребени пелени Фото: Дарко Андоновски

Исчистени и дезинфицирани се станот и влезот во станбената зграда во која завчеравечер се одвиваше вистинска драма. Сцените со евакуирање станари од влезот број 1 на зградата број 15, во комплексот „Скопјанка“, на булеварот Кузман Јосифовски-Питу, личеа на сцени од филм во кој се случува терористички напад.

Безмалку такви беа и првичните впечатоци на станарите, кои поради непозната материја не можеа да дишат и чувствуваа печење на очите од страшната и непријатна миризба, па некои беа извлекувани и со маски. Речиси пет часа поминаа надвор од своите домови, а од што произлегува непријатната реа истражуваа униформирани претставници на АРМ од Единицата за атомска и хемиска одбрана, потоа пожарникари и специјални полициски екипи, а на местото на настанот беше и скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Местото во тој дел од општината Аеродром прилегаше на воена зона за сите што случајно или намерно поминуваа оттаму. Малку подоцна било утврдено дека непријатната миризба доаѓа од насобрани употребени пелени и од пластични шишиња полни со урина, кои биле најдени под скалите од бездомникот што ноќевал тука. Миризбата на амонијак, всушност, била предизвикана од станот 11 на вториот кат, во кој живееле две жени, мајка и ќерка, а во кој биле пронајдени купишта употребени пелени. Уште завчеравечер од страна на екипа на АРМ со апаратура било констатирано дека се работело за амонијак од употребени пелени.

На местото на настанот излегле и служби од Министерството за здравство – Центар за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Скопје. Станарите беа во паника и мислеа дека некој им фрлил солзавец, па поради тоа чувствуваат печење на очите. За настанот се информираше во живо, а по доживеаниот страв и драма, вчера конечно тамошните станари можеа да здивнат. Службите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ вчера го исчистија станот од валканите пелени, а сето тоа се случи поради негрижата на ќерката за својата мајка.

– Од страна на противпожарната екипа беа отворени сите врати од помошните простории, по што миризбата се изгуби, освен на вториот кат, во стан сопственост на С.С. (64), каде што живее со нејзината ќерка и двајца внуци – информираат од МВР.
Од општината Аеродром вчера кажаа дека во врска со настанот што се случи во станбената зграда во ТЦ „Скопјанка“, а по пријава на градоначалникот на градот Скопје, специјализиран тим на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Скопје веднаш излегол на терен.

– Беше констатирано дека во станот живее сама 65-годишна жена. До јануари оваа година со неа живеела нејзината 90-годишна мајка, која починала. Социјалните работници не се стручни да дадат мислење за здравствената состојба на жената, а во однос на социјалниот аспект е констатирано дека жената има ќерка, која во согласност со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа и, според нејзината изјава, повремено ја посетувала мајката. Жената е корисник на пензија и има стан во нејзина сопственост. Во согласност со Законот за социјална заштита, Центарот за социјална работа нема надлежност да постапува, бидејќи ќерката има обврска да се грижи за мајката, за нејзината здравствена состојба и одржувањето на личната и хигиената во станот. Со оглед на целокупната состојба, стручен тим од ЦСР-Скопје, од Службата за заштита на стари и возрасни лица, е на терен за да изврши разговор со ќерката и да ѝ укаже на нејзините обврски во согласност со Законот и остварувањето на правата од областа на социјалната заштита. ЦСР-Скопје и во иднина ќе го следи случајот. Исто така, сакаме да известиме дека во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во изминатиот период во врска со ова немало никаква пријава за постапување и излегување на терен – велат од Одделението за односи со јавност во Министерството за труд и социјални работи.

Градоначалникот Петре Шилегов најави дека станот ќе биде дезинфициран, како и влезот на станбената зграда. Ги прашавме дали ќе направат уште нешто, ќе ангажираат ли служби за грижа за стари лица.
– Градот Скопје нема конкретна надлежност во таа насока и од тие причини беше контактирано и на терен излегоа стручните служби од Министерството за труд и социјална политика и Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на градот Скопје. За повеќе информации на нивните конкретни чекори, обратете се во овие институции – ни рекоа од градот Скопје.

Ги прашавме и во општината Аеродром дали можеби тие ќе преземат некакви активности во врска со случајот, а оттаму ни одговорија дека станува збор за стан во приватна сопственост, поради што службите на општината Аеродром немаат ингеренции да интервенираат.

– Би ве замолиле за сите подетални информации да се обратите до Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и до Центарот за социјални работи на градот Скопје. Инаку, досега немало пријава до општината за бездомник на посочената адреса, ниту пак имало некакви поплаки и пријави од жителите во зградата. Пред неколку месеци до општината од граѓани пристигнаа пријави за бездомник во подземниот премин што е во рамките на трговскиот центар „Скопјанка“, по што нашите служби веднаш го пријавија случајот во мобилната екипа на Центарот за социјални работи на градот Скопје. Но не можеме да потврдиме дали станува збор за истото лице – објаснуваат од Аеродром.

Она што може да се заклучи е дека вакви немили настани не треба да се случуваат, било да е во прашање негрижа на деца за родители, било да станува збор за негрижа на институциите. Ваквите проблеми треба системски да се решаваат и секој да си ја преземе одговорноста.