Уживајте во затруениот медиумски простор што го контролираат партиите, а барем засега нам ни остануваат Јутјуб и социјалните мрежи, вели Петар Младеновски од групата „Суперхикс“

Медиумскиот простор ѝ е одземен на македонска естрада во последниве години и пејачите немаат каде да ги пласира своите нови песни, кои, за среќа, сѐ повеќе се снимаат. Ударните термини на речиси сите национални телевизиите се резервирани за политички дебати и дуели, на кои разни „експерти“ прават анализи на актуелните политички состојби. Вадењето валкани алишта очигледно е поинтересно за првите луѓе на телевизиите, отколку забавни, едукативни, спортски и документарни емисии, а за детска програма не станува ни збор.
Како што вели Петар Младеновски од групата „Суперхикс“, сега на артистите за промоција им останаа само Јутјуб и социјалните мрежи.

– Медиумското шоу политичарите им го украдоа на артистите одамна. Можеби уште пред дваесетина години, ама ова стана позасилено во последниве десет, откако политичарите си дозволија да си ги откупат медиумите за себе, па и да станат на некој начин нивни „уредници“. Во амбиент во кој политичарите и на власт и во опозиција „уредуваат-наредуваат“, а медиумите се финансиски зависни од нив, затоа што реална публика и спонзори немаме, па сѐ се сведува на тоа медиумите директно да зависат од средства од разни кампањи со кои секако раководат истите политичари. Промена нема ни да има во скоро време. Уживајте во затруениот медиумски простор што го контролираат партиите, а барем засега нам ни остануваат Јутјуб и социјалните мрежи – вели Младеновски.

Емисијата „Стисни плеј“ на Македонската телевизија, која со години успешно ја уредува Александра Јовановска, е една од ретките што им дава простор на нашите естрадни ѕвезди.

– Кога се случуваат значајни процеси за една земја во ред е политичарите да бидат застапени во медиумите, бидејќи народот сака да се информира за сопствената и за иднината на својата земја, но денес веќе нивните појавувања се поголема забава од која било хумористична програма. Народот се сврте кон сопствените проблеми и животи, сфати дека нема кој да му помогне, бидејќи ниту една институција не функционира и државата не е на страната на сопствените граѓани. Во такви услови, последните политички настани во нашата земја служат само за сеир меѓу народот – вели Јовановска.

Според неа, умешноста на директорите и на уредниците треба да биде пронаоѓањето баланс за застапеност на разновидна програма.

Јовановска им советува на првите луѓе на некои телевизии да помислат дека со ширењето на тие бедни содржини, веројатно лекувајќи ги сопствените фрустрации, уништуваат цели генерации.

За познатиот пејач на народна музика Душко Георгиевски, иако состојбата е алармантна, сѐ уште има шанса да се најде баланс и музиката да биде поприсутна на програмите на нашите телевизии.

– Навистина времето никогаш како досега не било оптоварено со историски одлуки, со преголеми политички превирања. Поради тоа политичарите треба да бидат застапени на медиумите, но од друга страна откако ќе помине напорниот ден да има некоја емисија за домашна музика. Дали уредниците размислуваат колку чини да се изработи една песна почнувајќи од музика, текст, аранжман, студио, спот, реквизити, шминкери… И на крајот кога ќе видите дека некое вакво ваше дело се емитува во доцните ноќни, односно во раните утрински часови навистина останувате во прашалници – посочува Георгиевски.

Според него, не смееме да заборавиме дека медиумите имаат значајно влијание во формирањето на јавното мислење и одржувањето на културното битие на еден народ.
За Владимир Блажев Панчо од групата „ДНК“ состојбата може да се реши само доколку пејачите и музичарите продолжат со активностите и ако не се предаваат.

– Ужасно е што политичарите се поголеми ѕвезди од сите уметници во државата. Поточно, тоа е повеќе трагично. Има надеж за нашата музичка сцена ако нашите колеги не се откажуваат во раната фаза и не чекаат да им падне нешто од небо или некој да дојде дома да ги извади и да им даде пари. Без работа нема пари – вели Панчо.