Во неговиот дебитантски долгометражен игран филм „Ти ја имаш ноќта“, на сцената се враќа работничката класа, поразена во транзицијата и збунета околу иднината. Тоа што филмот изгледа како документарен, за него е само уште еден комплимент повеќе

Интервју: Иван Салатиќ, филмски режисер

Разговарал: Стојан Синадинов

Иван Салатиќ е од оние млади режисери што макотрпно стигнале до нивниот прв игран филм. Црногорскиот режисер е роден во Дубровник пред 36 години, детството и младоста ги минал во Херцег Нови, додека се барал себеси студирал на Академијата за применети уметности во Белград, Србија, а потоа дипломирал режија на Академијата во Цетиње, Црна Гора. Живее на релацијата Белград – Херцег Нови, во културолошка смисла се чувствува како Југословен, но не поради некоја југоносталгија или поради фактот што е роден во мешан српско-хрватски брак.
„Ти ја имаш ноќта“ во црногорско-српско-катарска продукција е неговото играно деби, кое ја имаше премиерата на престижната Недела на филмската критика на 75-от Филмски фестивал во Венеција во септември, а потоа неговиот филм тргна на фестивалска турнеја. Минатата недела беше прикажан во програмата „Балкански преглед“ на 59-то издание на Интернационалниот филмски фестивал во Солун, а в четврток (15 ноември) ќе биде прикажан во официјалната селекција на програмата на скопскиот фестивал „Синедејс“.
„Ти ја имаш ноќта“ е филм што не трча по приказната, режисерот повеќе е фокусиран на атмосферата во која ја бара емоционалната слика на општеството. А таа слика е доста сива и поразителна: главниот лик е младата мајка Сања, која се враќа во Црна Гора по работата на еден крузер; во бродоградилиштето во нејзиното родно место Зеленика повеќето мажи се стечајци, релациите со сопругот се студени, па таа решава повторно да замине на работа во странство, но овој пат со синот… Можеби ќе биде претерано да се напише дека Салатиќ го режирал „Ти ја имаш ноќта“ во визуелниот клуч на Александар Сокуров („Мајка и син“), но, сеедно, режисерот вели дека ваквата забелешка е голем комплимент за него.
Разговорот со Салатиќ го водевме за времетраењето на Солунскиот филмски фестивал. На почетокот од разговорот забележува дека целата теорија за уметноста и начинот на кој уметноста се генерира му станале бесмислени и здодевни, па затоа ги прекинал студиите во Белград и се вратил во Херцег Нови, каде што една година работел една сосема обична работа во бродоградилиштето (каде што работел и татко му) и водел најобичен живот. Меѓутоа, потребата поинаку да се изрази ја остварил преку филмот. „Верувам дека филмот сè уште има смисла. Работиш со многу луѓе и мораш многу да се вложиш во него, што мене ми е битно, бидејќи морам да го имам чувството за потребност. А во другите уметности не го најдов тоа чувство“, вели Салатиќ.

Пред три години бевте дел од Венецискиот фестивал со краткиот игран филм „Дворови“, чија приказна е доста слична со „Ти ја имаш ноќта“. Колку таа патека краток-долгометражен игран филм е задолжителна за млад режисер?
– Доста од „Дворови“ е пренесено во „Ти ја имаш ноќта“, особено просторите во кои се случува приказната, но и искуства од моите други кратки филмови се пренесени овде. Таков е случајот и со еукалиптусот, дрвото во дворот на хотелот што сега е разурнат.

Сокуров вели дека иако постои повеќе од 100 години и сите мислат дека е мртов, филмот како уметност е сè уште во нејзиниот зародок…
– Јас би го додал и францускиот автор Робер Бресон, кој вели дека филмот допрва ќе го развива неговиот чист јазик, лишен од сите помагала собрани од другите уметности. Ако велите дека мојот филм потсетува на Сокуров, јас сум многу почествуван, бидејќи ги сакам тие слоу синема дела.

Во освртите на вашите филмови се забележува приговарањето дека го претставувате вашиот роден крај во многу лоша, мачна атмосфера. Треба ли уметникот, како што еднаш изјавивте, да им го оттргне на гледачите „гобленот“ од пред очи, преку кој се навикнати да го гледаат животот околу себе? Што сакавте да постигнете со овој филм?
– Јас сум само филмски работник што го сака филмот. Ја имам должноста да ги искажам работите што нè засегаат, бидејќи занимавањето со уметноста и филмот значи дека нешто не е во ред со општеството. Никој не се занимава со филм за да покаже дека сè е сјајно, туку обратно, да посочиш на раните што не болат. Сепак, не ми беше намерата да ја покажам комплетната слика на Црна Гора, туку моето интересирање е врзано за одредена група луѓе, нивните идеи и начин на живот. Тоа беше мојата преокупација, друг автор може да се занимава со друг аспект, не може да се каже апсолутно сè во еден филм.

Главната улога кај вас е, всушност, колективна – работничката класа, но не во дневнополитичка употреба…
Мојата цел беше да се ослободам од тоа некое должничко ропство на интелектуалците од Источна Европа кон Западот. Авторите од Источна Европа самите себеси се вкалапуваат во нешто што се очекува од нив. Јас мислам дека ние не сме инфериорни и можеме да се занимаваме со уметноста како и другите автори од Западот. Целта ми е, пред сè, да се занимавам со таа тема за работничката класа на достоинствен и формално интересен начин. Да се занимавам со непосредните проблеми на луѓето од мојот роден крај, без генерализирање, туку со еден микрокосмос. Секако, и на политички начин, но најпрво ме интересираше исчезнувањето на „сините јаки“, работничката класа. Тоа се луѓе што ги познавам, а сега мојата земја станува туристички сервис. Не велам дека тоа е лошо или не, туку само гледам дека општеството е разбиено, а во тој процес некои луѓе се губитници.

Треба да изберат дали ќе бидат заварувачи во бродоградилиште или келнери во хотели?
– Јас само гледам дека доста луѓе не можат да се снајдат во таа транзиција. Поточно, поголемиот дел од населението, бидејќи таа „прочуена“ транзиција и приватизацијата се многу проблематични на просторот на цела бивша Југославија. Но јас не тврдам ништо, туку само го следев тоа чувство на луѓето дека нешто изгубиле. Не се работи само за пари туку и за чувството за колективност, заедништво околу некоја идеја, околу нешто што ги врзува. И во Хрватска е актуелен тој тренд со затворање на бродоградилиштата во Пула, Риека…

Додека ги гледав првите дваесетина минути од филмот, не бев сигурен дали се работи за документарец или игран филм. Секако, во позитивна смисла…
– Ова го сфаќам како комплимент! Уште од почетоците на кинематографијата, документарниот и играниот филм се преплетуваат, и за мене е естетска вредност кога во фикцијата имате чувство за документаризам. Исто така ми е битно дејството во филмот да се врти околу некој факт, да нема лутање. Се сеќавам дека книжевникот Данило Киш велеше дека писателите често фантазираат, па затоа треба да се држиме до некој факт околу кој создаваме фикција. И тоа чувство за документарност додека читаме белетристика некако ни дава сигурност дека не се работи за чиста глупост.