„Фиат 124“ седан првпат пристигнува на улиците во Европа во 1966 година. На изненадување на сите присутни, италијанскиот произведувач тогаш прави вистинско шоу и малиот и компактен автомобил на претставувањето го спушта со падобран од авион. Моделот „фиат 124“ се произведува и се продава од „Фиат“ во Италија од 1966 до 1974 година и поради дизајнот, компактната големина и сите други неверојатни аспекти (за во тоа време) на возилото, станува екстрапопуларен автомобил низ цела Европа. Тогашните авто-мото новинари и списанија „124“ го прогласиле и за европски автомобил на годината во 1967 година. Овој модел има повеќе различни варијанти, класична ,„купе“ и „124 спорт спајдер“ варијанта, од кои поголемиот дел дебитирале на Торинското мотор-шоу, исто така во 1967 година.

Италијанскиот произведувач „Фиат“ го запрел производството на „124“ во 1974 година и овој модел го заменил со подобрена верзија од него, наречена „131“. Меѓутоа, четири години претходно, компанијата лиценцирала и дозволила производство на варијанта од „124“ во СССР, каде што тогашната комунистичка влада сакала да понуди автомобил за обичниот граѓанин. Па, така, со одобрение од „Фиат“ се појавува добро познатата „лада“, автомобил популарен и во поранешна Југославија. Овие автомобили се произведувале со декади во Советскиот Сојуз и на пазарот се излезени дури 19 милиони примероци. Моделот „124“ официјално се произведувал и во Шпанија под „Сеат“, во Индија, во соседна Бугарија како „Пирин-Фиат“, како „Тофаш“ во Турција, а се појавил и на азискиот пазар, поточно во Кореја. Сè на сè, „фиат 124“ и неговите двојници од сите страни на светот, заедно претставуваат еден од најпродаваните автомобили во светската авто-мото индустрија.

Моделот прикажан на фотографиите е произведен доцна во 1974 година и има 74 коњски сили. Интересно е да се напомене дека од сите можни верзии, во 1868 година е понудена и специјална верзија „124 Т“, која имала мотор произведен од еден од поранешните дизајнери на тогашно „Ферари“, Аурелио Ламперди. Ваков тип мотор, кој тогаш бил вистинско откровение, користеле многу италијански произведувачи на автомобили и освен кај „Фиат“, таков мотор може да се најде и кај „Ланча“ и кај „Алфа Ромео“. Како доказ дека моторот е квалитетен, но и брз, се победите на „Фиат“ и на „Ланча“ како произведувачи на многу светски првенства во рели-тркање.

Поради својата историска вредност, но и поради големиот број вакви автомобили на бившојугословенските простори, на Балканот, но и низ Европа, па дури и во САД, постои вистински култ кон ова возило и неговите варијанти од други произведувачи. Овие автомобили денес се реставрираат до дел, се враќаат во првобитната состојба и се од голем интерес на многу колекционери од светот.