Последната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на северниот дел на  предизвика различни реакции во политичката јавност во Србија и Косово. Приврзаниците на актуелната политика на Белград се со позитивни оцени, додека опозицијата и независни политиколози упатуваат критики за говорот на Вучиќ пред српското население во Косовска Митровица.

– Неверојатно е што сѐ може да направи Александар Вучиќ за три дена, од изјави за прекин на сите односи со Косово до најавување блиско пријателство со Албанците, за на крајот да поентира дека договор со Албанците не е можен – коментира Шкејзен Малиќи, косовскиот филозоф и политички аналитичар, за дводневната посета на српскиот претседател на Косово.

Поради оваа разноликост на изјавите преовладува апсолутна недоверба кон неговите пораки за мир и пријателство, смета тој.

– Не знам кој ќе му верува и да го објавеше новиот план за решавање на спорот со Белград, ако следното утро се демантира самиот себеси. И на косовската страна владеат слична конфузија и одење од една во друга крајност. Еднаш се шири краен песимизам, еднаш се гледа светло во тунелот. Не е јасно дали ЕУ и САД ја оркестрираат оваа какофонија. Прашање е дали може работите да се сведат на прагматичната реалност. Можеби и не заслужуваме ништо подобро – заклучува Малиќи за весникот „Данас“.

Валон Сила, уредник на сајтот „Приштинско метро“, вели дека пораката од посетата на Вучиќ на Газивода е дека тој ја контролира состојбата на северот на Косово и може да оди таму кога сака. Од друга страна се Дреница и другите делови на Косово, каде што главниот збор го има Хашим Тачи, па со блокадите му се порачува на Вучиќ дека тој не може да поминува на тој простор.

Социологот Весна Пешиќ за „Данас“ вели дека Александар Вучиќ не изјавил ништо за Косово и своите планови освен што ги повторил празните фрази.

– Единствено што е ново, и тоа е трагично, што го осуди предавањето на Милошевиќ на Хаг и ги обвини политичарите од времето на Коштуница. Тоа е целосен ревизионизам на великосрпската злосторничка политика. Тоа е лажно враќање на политиката на Слободан Милошевиќ. Вината ја префрли на „поранешните“, а себеси, радикалите и Милошевиќ се ослободува од секаква одговорност – смета Пешиќ.

Теофил Панчиќ за Радио Слободна Европа напиша анализа за посетата на Вучиќ на Косово, со наслов „Историското ништо на Вучиќ“.

– Сите го исчекуваа денот кога тој на Косово ќе го соопшти исходот од долготрајните преговори меѓу Белград и Приштина. Која е таа резолутна политика на Белград, кои се црвените линии што не ќе можат да се поминат, зад кои стои Србија и ќе стои во иднина. Каде е повлечена границата меѓу политичката фантазија и реалноста. На што да се надеваат или да не се надеваат Србите на Косово и косовските Албанци, па и целиот Балкан. Зашто сите процеси што го иницираа распадот на Југославија и натаму се поврзани и нема надеж во скоро време, а можеби и никогаш, да бидат раздвоени – пишува Панчиќ.

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, смета дека говорот на претседателот бил историски, а политичарите во Приштина се тие што се непредвидливи и кои не ги почитуваат постигнатите договори.

– Вучиќ ни даде програма што не е базирана на фрази и зборови, туку програма што дава резултати. Тоа е една нова, стабилна, економски многу силна Србија. Србија што нема претензии да победува во војни, туку во економијата – рече Брнабиќ за ТВ Прва.
Според потпретседателот на Владата на Србија, Расим Љаљиќ, посетата на Косово значи изразување подготвеност од Вучиќ во тешки околности да продолжи да бара компромисно и долгорочно одржливо решение за статусот на Косово. За потпретседателот на Српската листа на Косово, Игор Симиќ, обраќањето на претседателот на Србија во Косовска Митровица претставува величествен собир, чиј одек ќе се види наредните денови и месеци.

Новоформираниот опозициски блок Сојуз за Србија забележа дека со посетата на Вучиќ на Косово нема ништо конкретно.

– Трагикомично е тоа што некои земји од Европа не го прифаќаат предлог-решението на Вучиќ. Но што е неговиот предлог не слушнавме. Всушност. Тој во Митровица рече дека нема никаков предлог и дека границите ги нема и не се важни – соопштија од Сојузот.