Како член на југословенската штафета на СП во Токио 1991 година за влакно беше испуштен бронзениот медал во пеколната конкуренција во штафетната трка 4×400 метри. Мачев во кариерата освои два сребрени медала на Медитеранските игри, беше учесник на Олимписките игри во Сеул во 1988 година, на две светски и три европски првенства

Нема сомнение дека Исмаил Мачев, кој, за жал, неодамна ја напушти животната сцена, беше најдобриот македонски атлетичар во минатиот век, а може да се каже и воопшто најдобар во историјата на атлетиката во нашата земја. Меѓутоа, тој својата кариера, откако во 70-тите години од минатиот век ја почна во АК Работнички, потоа ја градеше во Црвена звезда во Белград.
Можеби затоа македонските љубители на спортот, особено оние помладите и не знаеја дека Мачев, кој беше еден од најдобрите југословенски тркачи на 200 и на 400 метри, потекнува токму од Скопје. За тоа вина имаме и ние новинарите, кои откако Мачев замина во Белград само одвреме-навреме ги нотиравме неговите резултати. Меѓутоа, љубителите на атлетиката во Македонија сфатија каков ас сме имале, кога во 1991 година на Светското првенство во Токио, заедно со другите членови на југословенската штафета 4×400 метри го освои четвртото место и само за влакно беше загубен бронзениот медал.

ДАЛЕКУ ОД ОЧИТЕ, ДАЛЕКУ ОД СРЦЕТО

Не случајно народот ја употребувал оваа изрека. Во неа има голема вистина, а за тоа зборува примерот со Исмаил Мачев. Во Македонија малку се знаеше за него, дури и оние поупатените во спортот не знаеја дека тој квалитетен атлетичар, кој ги брани боите на Југославија, е скопско дете и дека потекнува од нашата средина. Требаше да помине време, па да го осознаат тоа.

Интересно е дека ниту еднаш не беше споменат во оние избори на најдобрите на крајот од годината. Ако ништо повеќе во онаа 1991 година, во која го постигна големиот успех во Токио, можеше да биде прогласен, барем за најдобар македонски спортист што настапува во странство. Инаку, споменав во воведот, Мачев својата атлетска кариера ја почна во АК Работнички од Скопје и тоа на патеки што не му одговараа – пет и 10 километри. Дури потоа, тренерите открија дека тој е атлетичар со спринтерски квалитети.

Така, беше прекомандуван на патеките од 200 и 400 метри, и тука почна да ги постигнува оние вистински резултати. Уште во првите трки се покажа дека тренерите на АКР не погрешија што го насочија кон спринтот, зашто навистина како да беше роден за трките на кратките патеки. Кога на ова ќе се додаде дека тој во текот на трчањето имаше еден извонредно брз ритам, веќе беше јасно дека патеката од 400 метри ќе биде онаа вистинската во која најмногу ќе може да се истакне.

Откако почна да постигнува добри резултати на оваа патека, тој стана интересен за повеќе клубови. Но Мачев ја одбра Црвена звезда, која му понуди најдобри услови за работа и му обезбеди солидна стипендија. Така, клучниот проблем беше решен, егзистенцијата беше обезбедена и тој можеше да напредува и да ги демонстрира своите високи спринтерски квалитети.

Заминувањето во Белград и речиси професионалното занимавање со атлетиката ги дадоа и првите резултати. Тој стана стандарден член на сениорската репрезентација, а бранејќи ги боите на поранешната држава на Медитеранските игри во Казабланка во 1983 година постигна резултат од 46,27 секунди, кој и денеска е рекорд на Македонија.

БЛЕСОК И МЕДАЛИ НА МЕДИТЕРАНСКИТЕ ИГРИ

Во периодот на 1980-тите и почетокот на 1990-тите години Мачев беше меѓу најдобрите тркачи на 400 метри во Југославија, за која настапуваше на најголемите светски приредби. Тој беше атлетичар што на екипните првенства на Југославија ѝ обезбедуваше значајни бодови на Црвена звезда, која во силна конкуренција и во директните дуели со Партизан, Динамо и Младост од Загреб, Железничар од Сараево, Олимпија од Љубљана и Кладивар од Целје ги освојуваше екипните титули и куповите на Југославија.

Со Црвена звезда Мачев го постигна и најголемиот успех, кога во 1989 година пред своите гледачи на преполнетата „Маракана“, го освои Купот на европските шампиони. Тоа малкумина го знаат, но тоа е вистината. Атлетичарите на црвено-белиот табор, практично беа претходница на фудбалерите, кои две години подоцна го постигнаа истиот успех.

Заминувањето на Мачев во Белград се покажа како добар потег, зашто му се отворија нови перспективи. Тој со настојчива и макотрпна работа стана стандарден член на сениорската репрезентација, за која најчесто настапуваше во штафетата, а во зависност од формата стартуваше и во поединечните трки на 200 и 400 метри. Така, тој на Игрите на Медитеранот во Латакија во 1987 година и во Атина во 1991 година имаше два сребрени медала – еден во поединечна конкуренција и еден во штафетната трка.

Покрај настапите на Медитеранските игри и на Светското првенство во Токио, Мачев настапи и на СП во Минхен, а беше учесник и на Олимпијадата во Сеул во 1988 година. Колку успеваше Мачев во континуитет да ја одржи својата форма говори и податокот што во еден период од 10 години настапи дури на три европски сениорски првенства. Особено ќе се памети шампионатот на Стариот Континент во Сплит во 1990 година. Тогаш, трчајќи во третата измена на штафетната постава на Југославија, бодрен од повеќе од 50.000 гледачи на стадионот „Пољуд“, од шестата му ја предаде палката на четвртата позиција на Бранковиќ. Меѓутоа во силната конкуренција штафетата на поранешната држава, сепак, не успеа да стигне до медал и беше петта.
Овој пласман претставуваше голем успех и тој како да беше најава за следната година – дека југословенската штафета може да изненади на Светското првенство во Токио. Тоа и се случи, па така на овој шампионат Југославија, во состав Ѓуровиќ, Поповиќ, Мачев и Бранковиќ, во финалната штафетна трка беше четврта.

ОМИЛЕН МЕЃУ МЛАДИТЕ АТЛЕТИЧАРИ

Откако ја заврши кариерата, по повеќе од 25 години, Мачев или како што популарно го нарекуваа неговите клупски другари Маки, беше еден од главните тренери за спринт на младите категории, а подоцна и на сениорите на Црвена звезда. Беше омилен меѓу сите. Тој знаеше да ги подготви, но со својот позитивен пристап и да ги охрабри пред значајните трки. Сите посакуваа да им биде тренер, зашто со него знаеја оти ќе напредуваат.

За последен пат се сретнав со него пред три години на европскиот зимски атлетски крос на „Ушќе“ во Белград. Како и секогаш беше весел и расположен. Уживаше во атлетското, но и семејното друштво со сопругата Вукица, со трите ќерки и двете внучиња. Беше среќен што успеа да создаде нешто големо од своето име, кое има почесно место во македонската, потоа југословенската, а по распадот на државата и во српската атлетика. Мачев навистина се издигна до спортските височини и ќе остане меѓу легендите, кои никогаш не умираат.

Се сеќавам на него, кога уште како дете почна да се појавува на патеката на Градски во Скопје. Прво трчаше на долгите патеки. Но тоа за него беше вистинско измачување, додека тренерите не ги открија неговите спринтерски квалитети, кога беше преквалификуван во спринтот, кој одговараше и на неговата физичка конституција. Тука, на патеките од 200 и од 400 метри, веднаш почна да има забележителни остварувања и тука ги доживеа ѕвездените атлетски мигови.

Исмаил Мачев, откако замина во Белград, не го гледавме често во Скопје, но ќе се сеќаваме на него како атлетичар роден во ова наше поднебје. Оттука зачекори по патот на славата, а ние бевме горди што можевме да кажеме дека, ете, тоа момче, кое стана атлетска ѕвезда, порасна во нашата средина.

На крајот и за една судбина: Лазо Милошевски, кој во 1950-тите години беше рекордер на Македонија и репрезентативец на Југославија на истите патеки како Мачев, 200 и 400 метри, на млади години ја напушти животната сцена совладан од истата подмолна болест – ракот. Мачев почина на 59-годишна возраст.


Лична карта
Роден: во 1960 година во Скопје
Почина во 2019 година во Белград
Кариера: АК Работнички и АК Црвена звезда, репрезентација на Југославија
Тренерска кариера: тренер на АК Ц. звезда повеќе од 25 години
Успеси: два сребрени медала од Медитеранските игри, Латакија (1987) и Атина (1991), учесник на Олимпијадата во Сеул, потоа на две светски првенства, во Минхен и во Токио, четврти на СП во Токио во штафетата 4×400 метри, учесник и на три европски сениорски првенства, рекордер на Македонија на 400 метри (според АФМ 46,27 секунди, а според олимписката биографија 45,83 секунди).