Фото: Маја Јаневска-Илиева

Повторното вклучување на објект кон топлификацискиот систем е можно независно колкав број станари сакаат парно. Оние што имаат намера и натаму да останат исклучени од системот, ќе мора повторно да достават соодветна документација

Од најголемиот снабдувач БЕГ веќе кажаа дека и годинава не стивнува интересот на граѓаните што се одлучиле повторно да се вратат на централниот систем на греење. Но проблеми и недоразбирања се појавија кај станарите од станбените згради што со години комплетно биле исклучени од топлификациската мрежа, а сега некои од нив одлучиле повторно да се приклучат. Со нив сега имаат проблем оние што и натаму не отстапуваат од одлуката да останат исклучени, а поради своите соседи е потребно својата одлука да ја потврдат со одредена документација, која е потребно ја достават. Недоразбирања и расправии настануваат помеѓу станарите, особено во објектите на колективното домување каде што сѐ уште функционираат преку куќни совети. Но и за едните и за другите станари има низа нејаснотии како да го изведат сето ова. На станарите не им е јасно колкав процент од нив во една зграда треба да бидат согласни да се греат со парно ако другите и натаму не сакаат, потоа што треба да направат и каква документација треба да достават едните, а каква другите, кои не планираат да станат корисници на парно греење.

Од најголемата компанија за снабдување со топлинска енергија „Балкан енерџи груп“, велат дека нема никаков проблем од една станбена зграда да се приклучат онолку станари колку што има заинтересирани да се греат на нивната топлинска енергија. Повторното вклучување на објектот кон топлификацискиот систем е можно по барање на станари само доколку по нивните извршени контроли востановат дека сосема е во ред инсталацискиот систем и доколку има приод и електрична енергија во потстаницата на конкретната станбена зграда. Од компанијата велат дека оние што и натаму имаат намера да останат исклучени од системот ќе мора да достават и соодветна документација, иако претходно биле евидентирани како исклучени корисници. Овие станари ќе мораат одново да достават имотен лист, лична карта на увид и платени сметки за струја за изминатата грејна сезона, за да докажат дека се греат на електрична енергија, односно дека користат друг енергент. Ова мора да го достават за да можат другите да се приклучат по доставеното барање за приклучок на нивните станови.

– Станарите што некогаш биле приклучени, а потоа исклучени и сега повторно сакаат приклучок во системот, најпрво ќе мора да поднесат официјално барање од претставник на заедница на станари или тоа го направат преку управителот. Потоа наши стручни лица вршат увид во топлинската станица, како и увид во внатрешната грејна инсталација. Доколку има потреба од интервенција во становите, како замена на вентили, грејни тела и слично, секој потрошувач може да добие понуда за неговиот стан од страна на „Мој сервис“ или да ангажира компании или стручни лица што се занимаваат со одржување системи за греење. Доколку топлинската станица и внатрешната инсталација се во ред, може да се пристапи кон потпишување на договорите со потрошувачите што се заинтересирани. Нема дефиниран процент на потребен број потпишани договори. Станарите што не потпишале договор треба да бидат прописно исклучени. Веднаш потоа се дефинира датум за пуштање на објектот во редовен режим – објаснуваат од БЕГ.

Од компанијата напоменуваат дека потрошувачите што се исклучени а не сакаат да добиваат надоместок за фиксен дел, треба да поднесат барање за ослободување и да приложат соодветни документи. Потрошувачите што се прописно исклучени а нема да поднесат барање за ослободување, ќе бидат задолжени со фиксен надоместок.