Безбедносните закани за Македонија се „стандардни“: тероризам, екстремизам, сајбер-напади, илегална имиграција…

На кој начин Македонија може успешно да им се спротивстави на терористичките закани што ја загрозуваат безбедноста на земјата. Овие дилеми и слични други се актуелни во домашната јавност откога македонските безбедносни служби успеаја да ја разбијат ќелијата на Исламската држава (ИД) од Блискиот Исток, која дејствувала во нашата земја. Во таa пригода полицијата лиши од слобода неколку лица и заплени оружје и материјали за подготвување експлозивни направи.

Кратка хронологија на настани поврзани со дејствување од позиции на радикален исламски фундаментализам во Македонија

Симптоматично е што во нашата држава сѐ почесто органите за безбедност, но и разузнавачко-безбедносните служби лоцираат безбедносен проблем или потенцијално жариште на нашата територија што се поврзани со дејствување од позиции на радикално-милитантен ислам. Засега, спротивставувањето на таквите намери за реализација од страна на поединци и групи успешно го попречуваат националните институции за безбедност. Имено, преструктурирањето на службите, како и соработката со безбедносно-разузнавачката евроатланска заедница очигледно резултира со плод. Сепак, не пречи да се потсетиме на серијата настани и индикатори што ја потврдуваат тезата за динамизирањето на притисокот над државата, граѓаните и институциите од страна на припадници на ИСИЛ.
Имено, сличен случај како оној од деновиве во врска со уапсени приврзаници на ИСИЛ во нашата земја беше регистриран минатиот месец. Тогаш, нашата полиција уапси жена од Скопје за која постоеја основани сомненија дека е припадничка на терористичката организација и дека извршила помагање во вршење кривично дело тероризам.
Во истиот контекст, минататa година беше реализирана голема антитерористичка акција заради спротивставување на подготовки и извршување на радикално-милитантни активности од позиции на исламски фундаментализам од страна на припадници на Исламската држава. Реализацијата на планираните терористички активности од страна на членови и симпатизери на ИД на територијата на нашата држава биле предвидени за време на посетата на папата Франциск на Скопје. Тогаш, органите за безбедност и полицијата приведоа неколку лица за кои беа и пронајдени материјални докази дека планирале и подготвувале терористички акции.
Но без сомнение едни од најголемите антитерористички операции против ИСИС беа регистрирани во Македонија во текот на 2018 година кога беа спроведени полициските акции со кодно име Ќелија 1 и 2, кои резултираа со судски завршници и правосилни пресуди за повеќегодишни казни за сторен тероризам за македонски граѓани.

Каков став имаат безбедносните експерти по новиот случај на откривање и лишување од слобода припадници на терористичката ИСИЛ

Во свој заклучок, безбедносните експерти велат дека Македонија поради специфичната геостратегиска положба и мултиетничноста секогаш е под ризик од конкретен терористички акт. Тие додаваат и дека меѓуетничките тензии и амплитуди ја комплицираат битката со тероризмот во државава. Во истиот контекст, тие сметаат дека не само подготвеноста на безбедносните служби (техничка и материјална, кадровска екипираност, умешност, тактичка подготовка и сл) туку и членството во НАТО се најдобриот гарант за поголема безбедност во рамките на еден глобален систем.
Во своја изјава за „Нова Македонија“, говорејќи за проблемот со заканите од тероризмот и повратниците од боиштата на Блискиот Исток,Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност изјави дека овие луѓе претставуваат реална закана на микрониво и иако тие го немаат капацитетот да ја дестабилизираат земјата, сепак, е потребно да се води сметка за нивната дерадикализација со што истовремено се намалува и ризикот.
Аналитичарот објаснува дека за Македонија членството во НАТО е темел што ни ја осигурува безбедноста на долг рок, од сите видови закани, па и од овој тип.
Според него, соодветно внимание треба да се обрати на ваквите случаи како актуелниот, кои потекнуваат од групата луѓе што од Македонија учествувале во борбени дејства на Блискиот Исток, пред сè во Сирија и во Ирак, од каде што солиден дел се вратени дома и со нивното враќање ја носат идеолошката матрица на ИСИС.

– Од тој аспект тие може да бидат потенцијална опасност за безбедноста во местото на нивно живеење, бидејќи тие може да предизвикуваат и разни терористички акти потпомогнати од нивната попримена идеологија. Но Македонија веќе има изградено законска регулатива во врска со учеството на македонските граѓани во странски или паравоени трупи и од тој аспект тие не само што ќе бидат санкционирани туку истовремено Македонија има стекнато искуство со овие лица во смисла на ресоцијализација и од нив досега не сме имале некоја посериозна атака врз безбедноста – изјави Марковски.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, пак, подвлекува дека последната акција на полицијата и разузнавачките служби во земјата е доказ дека нашата одбрана не е падната во битката со тероризмот и покрај состојбите со ковидот во земјата.

Стефаноски мисли дека оваа мала група, која сега е уапсена, може само да биде своевиден научен доказ дека битката со тероризмот нема крај на домашно поле и таа целосно ќе заврши само кога организацијата ИСИС ќе биде поразена воена во странство.
– Сепак, главен гарант за нашата безбедност против штетните влијанија на ИСИС без сомнение е членството во НАТО. Токму чадорот на Алијансата под кој се разменуваат податоците за ваквите дејствувања е сигурен предуслов за навремени антитерористички операции за превенција на овие дела пред да бидат извршени – резимира Стефаноски.


Повратниците се активна закана?

Во контекст на актуелните случувања, за забележување е изјава на Виктор Димовски, директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНА), кој изјави дека безбедносните закани за Македонија се стандардни, а како најголеми ги наброја тероризмот, екстремизмот, сајбер-нападите, илегалната имиграција.
Димовски истакна дека агенцијата има свои овластувања во превенирање активности поврзани со тероризмот и дека последната акција е таков случај.
Разузнавачот објасни дека во случајот станува збор за припадници на вооружени структури на Блискиот Исток, повратници што издржувале затворска казна, а кои сега прибрале одредено оружје и експлозивен материјал со намера да го употребат против витални објекти во државата.
– Оваа закана од државјани од балканските земји вратени од Блискиот Исток, вклучувајќи ја и нашата е активна и трае. По нивното враќање одат на издржување казна затвор, но периодот изминува и излегуваат на слобода. Дел од нив прават напори да се ресоцијализираат, но дел не. Уапсените се повратници од Сирија, а главниот од нив веќе одлежал четири години затвор и е на слобода – соопшти Димовски.

[email protected]