Најнови истражувања покажуваат како денешната поларизација во многу земји во светот може да се сведе на неколку неверојатно влијателни малцинства

Имате ли чувство дека политичката дебата е сѐ пополаризирана во вашата земја? Така е во Британија, каде што впечатокот е дека исти групи упорно ги рециклираат истите дебати без да се најде компромис. Сето тоа фрустрира, здосадува и, од гледна точка на општествените науки, малку зачудува.

Но што ако треба да се очекува поларизација? Што ако таа не е резултат на незнаење или кусогледост, туку е совршен човечки одговор на нашите грешки и недостатоци? Нови истражувања покажуваат дека една причина за денешната поларизација може да се сведе на неколку неверојатно влијателни малцинства.
Социјалните науки низ историјата ја објаснуваа поларизацијата со неразумното размислување. Аргументот беше дека секое разумно но погрешно информирано лице ќе прифати кога греши. Некој што упорно се држи до своите погрешни верувања дури и кога ќе му се понудат спротивни докази се смета дека се однесува нерационално. Но една нова студија ја оспорува теоријата на здравиот разум. Поларизацијата може да се случи и кај населенија со совршено рационални луѓе, ако се земат превид ограничувањата на човечкиот мозок.

При проучувањето на рационалните и ирационалните верувања, може да се каже дека ниту еден човек не е целосно рационален. Исто така, тешко е да се предвиди кога некој може да реагира рационално или ирационално, или да го контролира тоа однесување во експериментални услови. Група истражувачи од САД, Јапонија, Белгија и од Јужна Кореја работеле со компјутерски модели на агенти, кои ги програмирале да дејствуваат рационално или нерационално.
– На агентите им беше доделено мислење, но тие можеа да го променат по интеракцијата со други агенти – вели Џин Јунг, коавтор на студијата.
Ако сите постапувале рационално, се очекувало да ги споделат своите мислења и понекогаш да ги менуваат ако утврделе дека аргументите на другите се посилни од нивните. Агентите се однесувале рационално или нерационално преку манипулирање со меморијата. Едни агенти имале совршена меморија, додека други имале ограничена меморија со можни грешки.
– Оние со неограничена меморија можеа да запомнат каков било аргумент од која било перспектива, а оние што можеа да заборават, беа поделени на групи што случајно забораваа и групи што забораваа слаби или постари аргументи. Агентите со неограничена меморија беа имуни на поларизација – вели Јунг.
Но никој нема совршена меморија. Прашањето е што се случува кога ќе се земе предвид дека сеќавањата, вниманието и енергичноста за дебата се менуваат.
– Ако сме рационални со ограничена меморија, тоа создава биполаризација на мислењето во групи. Иако сме сосема рационални, нашето општество може да биде поларизирано зашто ги забораваме аргументите на другите – вели Јунг.
Според него, истражувањето може да помогне во дебатата за поларизираните групи. Кога се среќаваме со некој што има различно мислење од нашето, треба да се обидеме веднаш да не го отфрламе како ирационален. Наместо да мислиме дека треба да го „поправиме“ неговото мислење, би можеле да размислиме што влијаело врз неговиот суд. Слаба меморија, стрес, неизвесност, дискриминација – сите овие работи може да ги оддалечат луѓето од нормата.

Можеби сите сме виновни што понекогаш немаме ниту енергија ниту волја да ги тестираме нашите верувања. Ако и главно рационалните луѓе се подложни на поларизација, што тогаш ги турка во тој правец?

– Мали групи со силни верувања може да играат изненадувачки голема улога. Но не на начинот на кој очекувате. На пример, кога Чаенка имаше поголемо влијание, нивните екстремни пораки честопати беа претерани за поумерените конзервативци. Но умерените конзервативци се придвижија кон Чаенка на други начини – вели Амбер Гафни, социјален психолог од САД.
Чаенка и умерените конзервативци се идентификуваат како републиканци во САД. Според тоа, умерените конзервативци можеби се сметаат за поблиски до припадниците на Чаенка отколку до демократите, иако можеби имаат повеќе заеднички верувања со умерените демократи. Во оваа ситуација, демократите се смета дека се надвор од групата – тие се аутсајдери.

– Усвојувањето ставови од маргините на групата овозможува да ја дистанцирате групата од тоа што не го сакате. Демократите се надвор од групата и републиканците ја искористија Чаенка за да се оддалечат од нив – вели Гафни.
Реториката на Чаенка е екстремно конзервативна. Умерените конзервативци можеби не се согласуваат со неа. Но истражувањата покажуваат дека со здружување со екстремните малцинства, мислењата можат да се променат. Студијата на Гафни се заснова на истражувањата на Вилијам Крано, кој утврди дека една јасна порака, дури и ако не се согласувате со неа, може да биде доволна за да ве натера да ги приближите ставовите за други теми. На пример, Крано истражувал ситуација во која мал број студенти се залагале да не им се дозволи на хомосексуалците да служат војска. Мнозинството студенти биле против таквиот став, но со текот на времето станале поконзервативни во однос на други прашања, како што се реформите за контрола на оружјето.

– Честопати кога некој е на маргините, не сакаме да се идентификуваме со него. Не сакаме да се усогласиме со малцинските позиции зашто тие го оспоруваат нашето размислување – вели Гафни.
Но Крано посочува дека екстремните мислења вршат притисок врз целиот систем на верувања. Можеби не сме го промениле ставот веднаш, но другите наши верувања ослабнале, што значи дека би можеле да се променат подоцна.
Упорноста и доследноста во поддршката на мислењата на малцинствата е клучна за тие да бидат влијателни.
– Малцинствата што имаат постојан стил на однесување или го ризикуваат сопствениот личен интерес, имаат најголемо влијание. Кога ќе помислите на тибетските монаси што се самозапалуваат, екстремноста на тој потег шокира многу умерени луѓе. Но ако немам премногу силно мислење за тоа и гледам дека некој се однесува на таков екстремен начин, одеднаш мислам дека можеби не сум во право и дека треба да го сменам мојот став – вели Јунг.
Големината на групата е исто така важна. Да се ​​биде мал може да биде многу корисно. Кога групите се мали, тие се различни од големите групи. Малите групи може да имаат една јасна порака, додека поголемите групи може да содржат повеќе различни пораки. Оваа карактеристика ги прави помалите групи повлијателни, особено ако се многу конзистентни во ставовите. Исто така, колку поголема неизвесност има кај населението, толку станува повлијателна малцинската група.

– Кога луѓето се чувствуваат несигурно, тие користат силни вредности за да се дефинираат себеси. Кога луѓето се многу несигурни за себе и за своите мотиви, различни видови лидерство стануваат попривлечни, како автократските лидери во демократските општества – вели Гафни.
Според неа, авторитарните лидери честопати ја користат таа неизвесност и ја употребуваат реториката од типот „го губиме тоа што сме“.
– Жално е затоа што кога луѓето се несигурни за своето место во светот, тие се обидуваат да најдат група што е многу радикална, која има авторитарен лидер, која има јасна норма и јасни граници. Кога луѓето се несигурни за кого се наменети границите, позитивното и негативното се забораваат и тие не мора да размислуваат дали нивните дејства се добри или лоши. Ова особено се случува кај маргинализираните групи. Угнетените луѓе сметаат дека мнозинството е лошо, па затоа малцинството мора да е добро – вели Јунг.
Но мора да се нагласи дека истите принципи може да се искористат за да се предизвика позитивна социјална промена. Всушност, според Гафни, некои најголеми позитивни општествени промени досега се предизвикани од малцински групи со силна кохезија и со јасен идентитет.
– Кога гледаме позитивни социјални промени, тие доаѓаат од малцинството. Сетете се за движењето за граѓански права и за правото на глас кај жените. Сите тие се неверојатно позитивни, но почнаа со малцинските групи. Тие беа аутсајдери што работеа против нормата – вели Гафни.
Сите ние сме дел од мали подгрупи, кои се сместени во сложени мрежи во општеството. Екстремните малцинства може да имаат и позитивни и негативни влијанија врз поголемата целина. Дури и кога отфрламе некоја радикална идеја како чиста глупост, треба да се потсетиме дека таа можеби веќе ни го променила начинот на размислување.

Луѓето често бараат спас од авторитарни лидери кога се чувствуваат несигурно