Фото: Деан Шкартов

Цените на билетите сигурно беа превисоки за џебот на просечниот Македонец, но интимната атмосфера и близината на Фери и неговиот фантастичен бенд до публиката во салата вредеа за сите пари

Како човек со исклучително рафинирано чувство за уметност и добар вкус, Брајан Фери никогаш не бил многу заинтересиран за креирање посебна визуелна контура на неговите концерти. Тие секогаш се конвенционални, препознатливи и го носат познатиот печат на стариот шармер, кој лесно мрда со колковите на сцената додека ги изведува хитовите што децении по нивното создавање сѐ уште ја носат во себе магијата како и во времето кога беа напишани.

„Рокси мјузик“, бендот што Фери го основа во 1971 година заедно со Брајан Ин промовираше футуризам и авангарда. Но, Брајан Фери остана крајно симпатичен носталгичар. Неговиот глас сѐ уште е фантастично уникатен и препознатлив, помалку омекнат и почувствителен… Иако влезе во осмата деценија, Фери сѐ уште го има кул изгледот од 1970-тите, препознатливиот глам-рок, кој сега веќе е класика кога станува збор за овој музичар. Фери беше и останува инспирација за куп бендови во минатото, но и денес. Неговата сценска и музичка појава беше директна инспирација за новиот романтизам во 1980-тите, а Фери беше директна инспирација за бендови како „Дуран Дуран“, „Депеш мод“, „Спандау балет“ и многу други. Од првите албуми со „Рокси мјузик“ во почетокот на 1970-тите, Фери се профилираше како единствена музика појава, а во својата долга кариера издаде 15 албуми од кои многу имаа платинести тиражи.

Во Скопје го чувме во салата на Македонската филхармонија, во мошне интимна атмосфера, блиску до нас, до публиката удобно сместена во своите седишта. Цените на билетите сигурно беа превисоки за џебот на просечниот Македонец, но интимната атмосфера и близината на Фери и неговиот фантастичен бенд до публиката во салата вредеа за сите пари. Не пречеше ниту неговата крајно предвидлива плејлиста. Еден критичар за шармот на предвидливоста на концертите Фери вели дека се како омилениот ресторан што ретко го менува менито. Концертот почна со безвремената „Slave to Love“, продолжи со добро познатите хитови од „Рокси мјузик“, но и неговите подоцнежни соло-албуми.

Со фантастичен бенд зад себе – меѓу кои и неверојатниот панк-гитарист Крис Спединг, виолистката Марина Мур, саксофонистката Јорја Чалмерс, Брајан Фери на сцената на Македонската филхармонија направи извонреден концерт. Интимен и носталгичен во исто време.