Утревечер, со почеток во 19 часот, во објектот на Националната галерија на Македонија „Чифте-амам“ ќе се отвори изложбата насловена „Бесконечност“, на нашиот еминентен уметник Петре Николоски, кој повеќе од три децении живее и твори во Англија.

Изложбата ќе го анимира целиот простор на „Чифте-амам“, во кој ќе бидат поставени неколку поранешни дела и инсталации на авторот, како и неколку нови клучни дела што ќе се градат ин-ситу, во галерискиот простор, и ќе бидат „моделирани“ од книги, донирани од страна на поединци, институции, издавачки куќи, сите алтруистички настроени индивидуалци што сакаат активно да учествуваат во проектот на Николоски.

– Книгата ќе биде метафора и исто така примарен материјал во моделирањето на јадрото на оваа изложба во форма на обелиск и бесконечна полица, чиј резултат ќе зависи од алтруистичкиот придонес на авторите на пишаниот збор и оние за кои книгата е поглед во вистината – вели Петре Николоски.

Градењето на делата ќе започне од 15 ноември.
Петре Николоски е ликовен уметник, роден во Прилеп, кој од 1990 г. живее во Англија и досега зад себе има голем број групни и самостојни изложби.