Најновите истражувања покажуваат дека дури 70 отсто од недопрената дивина во светот се наоѓаат само во пет земји – Русија, САД, Канада, Австралија и Бразил. Денес, над 77 отсто од копното на Земјата, без Антарктикот, се изменети од индустријата на човекот, во споредба со само 15 проценти пред еден век

Дивината во светот забрзано се уништува благодарение на активностите на човекот, кој сѐ повеќе ја користи за индустриски цели. Научниците предупредуваат дека ако продолжи ваквиот тренд на искористување на дивината за ресурси и за изградба на градови и фарми, малкуте преостанати недопрени места во природата би можеле да исчезнат за неколку децении. Денес, над 77 отсто од копното на Земјата, без Антарктикот, се изменети од индустријата на човекот, во споредба со само 15 проценти пред еден век.

Најновите истражувања покажуваат дека дури 70 отсто од недопрената дивина во светот се наоѓаат само во пет земји – Русија, САД, Канада, Австралија и Бразил.

Според извештајот на универзитетот „Квинсленд“ и Општеството за заштита на дивината, потребна е меѓународна акција за заштита на дивината, која ќе ги зачува ранливите екосистеми на планетава. Извештајот беше објавен во пресрет на меѓународната конференција на земјите-потписнички на Конвенцијата за биолошки диверзитет, која деновиве ќе се одржи во Египет. Цел на конференцијата е изработка на план за заштита на биодиверзитетот по 2020 година.

– Дојдени сме до точката кога цели системи може да урнат, а последиците ќе бидат катастрофални. Не можеме да си дозволиме да загубиме уште дивина. Мора да ја зачуваме целосно – истакнува Џејмс Ален, еден од авторите на извештајот.
Деловите од светот на кои им е потребна заштита се наоѓаат во некои од најголемите и најмоќни држави, како што се Русија, САД и Канада.

– Дивината обезбедува многу системи за поддршка на животот на планетата. Ако ги загубиме тие поволности и тие услуги на екосистемите, трошоците за нивна замена ќе бидат огромни – предупредува Ален.

Преостанатите недопрени места на планетата, според извештајот, имаат природни нивоа на биодиверзитет и може да ги одржат растителните и животинските видови на еволуциската временска рамка. Овие области често функционираат како бели дробови на светот, задржувајќи го јаглеродниот диоксид, кој инаку би бил ослободен во атмосферата.

Во извештајот се алармира дека океаните трпат повеќе влијание од човековата индустрија – ископување нафта, бродски сообраќај и комерцијален риболов – во споредба со копното на Земјата. Дури 87 отсто од океаните се модификувани од директните ефекти на активностите на човекот.

– Оваа неверојатна експанзија на агресивни човекови последици се случува насекаде – оценува професорот Вилијам Лоренс.

Според Лоренс, потребна е поагресивна акција за да се запрат глобалното искористување ресурси и индустриската експанзија. Тој предупредува дека земјите во развој, како што се Бразил и Кина, се обидуваат да ги стигнат поиндустријализирани земји. Секој чекор што го прават тие земји има огромен ефект врз околината, па така, на пример, изградбата на рудници значи и изградба на патишта и рафинерии.