Во Музејот на современата уметност, со изведбата на претставата „Импулс #вол13“, „Скопје танцовиот театар“ во голем стил ја отвори сезоната на танцот 2019/2020. Уникатниот амбиент, концептот и кореографиите на Адријана Данчевска, Дејан Битровски и на Рисима Рисимкин, во простор осмислен од визуелните уметници Матеа Мијановиќ и Ивана Мојсовска, за публиката обезбедија несекојдневно естетско доживување и одлична најава за богатата сезона што следува.

– Настапот во Музејот на современата уметност е она што сме ние во суштина. Уметностите секогаш одат рака под рака, а оваа локација и сценографија дополнително го облагородија првото претставување за оваа сезона. „Скопје танцовиот театар“ повторно покажува дека има извонреден број следбеници, млада публика, која редовно нѐ следи и ужива во нашите проекти, што претставува голем поттик за нас. Уште една возбудлива сезона е пред нас и се радуваме на ваквиот убав и впечатлив почеток – истакна Рисима Рисимкин.

На претставата, три посебни приказни беа претставени преку тензичен и возбудлив танц на Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Дамла Пинар Башар, Сара Цветковска, Анастасија Данчевска, Јована Зајкова и Тереза Лазарев. Младите танчари и кореографи беа поздравени со овации, а присутните потоа ги забавуваше музиката на познатиот диџеј Соул Кејс.

„Скопје танцовиот театар“ најавува богата сезона, нови оригинални продукции, гостувања на кореографи од странство, но и гостувања на театарот низ земјава и во странство. Покрај редовните активности, театарот се подготвува и за гостувањето во националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз, во сезоната 2020/2021. Престижниот француски театар, еден од симболите на светската културна елита, ќе биде домаќин на „Скопје танцовиот театар“ следната сезона, во која „Шајо“ ќе одбележи еден век постоење.