Фото: Маја Јаневска-Илиева

Само две и пол години од трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе токму поради техничка неисправност на автобусот, сè уште не е научена лекцијата дека при превозот на патници не смее да има никакви импровизации, најмалку со исправноста на возилата. При контрола на возила што вршат јавен превоз на патници – автобуси, такси и комби-возила и друг вид возила, надлежните констатирале технички неисправности кај дури 41 возило. Повеќето од нив имале неисправни уреди за запирање, а седум не извршиле вонреден технички преглед… Зарем не научивме ништо од лекцијата Ласкарци?

Патиштата полни со автобуси и
комбиња со неисправни сопирачки

Сериозен системски пропуст се случува при проверката на исправноста на возилата за превоз на патници, што овозможува повторно низ македонските патишта да сообраќаат автобуси, комбиња и други возила што немаат исправни уреди за сопирање или управување.
Тоа неодамна беше потврдено и од сообраќајната полиција, која при зајакната акциска контрола на возила што вршат јавен превоз на патници – автобуси, такси и комби-возила и друг вид возила, констатирала технички неисправности кај дури 41 возило. Повеќето од нив имале неисправни уреди за запирање, а седум не извршиле вонреден технички преглед.
Сево ова говори дека само по две и пол години од трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе токму поради техничка неисправност на автобусот, сè уште не е научена лекцијата дека при превозот на патници не смее да има никакви импровизации, најмалку со исправноста на возилата.
– Пред пандемијата често патував на релацијата Скопје – Штип и обратно. Користев меѓуградски превоз, некогаш автобус, некогаш комбе. Ретко ќе се случеше релацијата да ја поминам пријатно, бидејќи или нешто тропаше во автобусот или имаше лоша амортизација или, пак, се чувствуваше миризба од моторот, особено ако седите одзади – вели Дарко Пецов, студент.
Според него, приватните превозници не инвестираат доволно во обнова на возниот парк, па затоа често во сообраќај можат да се видат дотраени возила.
– Приватните компании не инвестираат доволно во нови автобуси, туку купуваат половни од европските земји. Тие возила што се нешто понови се користат за турите во странство, додека останативе се пуштаат да возат низ Македонија. Некои од нив се толку стари, што не знам како поминуваат технички преглед – додава Пецов.

Сообраќајните експерти сметаат дека техничката исправност на возилата е исклучително важна и полицијата треба постојано да го проверува тоа, а ако има злоупотреби, и да го казнува тоа.
– Техничката исправност кај сите возила е многу важна. Треба МВР, кога ги прави контролите, да види од кое подрачје доаѓаат најмногу неисправни автобуси и други возила за превоз на патници и да се фокусира врз тамошните станици за технички преглед. Тоа е систем што мора да функционира. При тие контроли може да се утврди дали од некоја станица за технички преглед се позачестени таквите пропусти, згора на тоа и самите превозници што се занимаваат со јавен превоз имаат обврска да прават контроли на шест месеци – вели Борис Мургоски, професор на Факултетот за безбедност.
Според него, полицијата треба постојано да спроведува контроли и да презема соодветни мерки онаму каде што ќе утврди слабости.
– Полицијата од своја страна мора континуирано, плански, систематски годишно да ги спроведува оние нејзини зајакнати контроли на патнички и други видови возила како селективни акциски контроли и во зависност од процените, анализите, феноменологијата на сите фактори по безбедноста во сообраќајот, треба сето тоа да се следи и адекватно да се преземаат превентивно-репресивни мерки спрема субјектите што недоследно ги извршуваат своите работи и работни задачи во својот делокруг – појаснува Мургоски.

Тој додава дека е потребно, како што вели, бдеење над проблемот, за да се избегнат несакани последици предизвикани од неисправните возила.
– Потребни се навремени, континуирани, организирани, плански, системски мерки и активности заради надминување на тие проблеми во поглед на патна инфраструктура, во поглед на техничка исправност на возилата, и каде што е неопходно, каде што ќе се детектираат одредени проблеми и слабости да се интензивираат мерките токму во тие лоцирани субјекти за надминување и евентуално санкционирање, се разбира врз основа на докази, за непреземање мерки и дејствија – категоричен е професорот Мургоски.
За него исклучително важен сегмент што придонесува за ваквата состојба со безбедноста во сообраќајот е и старосната структура на возниот парк, истовремено заложувајќи се за постојана ревитализација на дотраените возила со кои се врши превоз на патници.