Илинденското востание е дело на македонските револуционери

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (3)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Да видиме што велат други дипломати. Ростковски, Александар (руски конзул во Битола) 1896-8 година: „Овде стануваат до крај сфатливи желбите на Македонците еднаш да се ослободат од сите овие пропаганди, непријателски едната спрема другата и да го побараат својот спас од Турците во спроведување на идејата дека е Македонија на Македонците, т.е. со здобивањето автономија во управувањето под власт на султанот… Овие идеи за автономија на Македонија се зародија уште минатата година. Меѓутоа, сега тие проникнуваат во општеството сè повеќе и повеќе. Единствено учителскиот елемент од неколкумина запаленковци не сака да се раздели од возљубената идеја за своја голема држава“. „Во сегашниов миг овдешните Словени, во случај на желба да имаат во своите цркви и славјанска богослужба, сакале – нејќеле мораат да станат егзархисти, т.е. да се признаат себе си за Бугари“.

По Илинденското востание, Гирс, Николај (руски генерален конзул во Солун и цивилен претставник) 1903 година: „Единствено средство да биде прекинато крвопролевањето во Македонија, макар и привремено, и да биде зачувана (целоста на Турција), а со неа и ние самите од полоши усложнувања, претставува благовременото присилување на Турција да стапи, во една или во друга форма во преговори со водачите на востанието“. „Единствено сигурноста за успехот на таквото воздејство (интервенција на Русија за започнување преговори на владата со водачите на македонското востание) и поврзано со тоа незабавно прекинување на не само незгасливата, туку сѐ повеќе разгоруваната крвава борба, ми дава смелост да искажам едно такво мислење што е, може би надвор од мојата формална компетенција, но е засновано најнепосредното набљудување на ова што се случува во дадениов миг во востанатиов крај“.

Белјаев (руски конзул во Скопје) 1903 година: „Востанието кое се крена во Битолскиот вилает доби, според зборовите на Хилми паша (генералниот инспектор во македонските вилаети), толку големи, застрашувачки размери“. „Главниот инспектор самиот признава дека првпат одредите на востаниците не се составени од четници дојдени од Бугарија, туку речиси целосно составени од месни селани и достигнуваат досега невидена бројност: 600 и повеќе лица секој одред“.
Грејвс, Роберт (британски генерален конзул во Солун) 1903 година: „Западниот дел, Битолската област, беше избран како место за почеток на востанието со цел да се прикаже дека тоа се случи во Македонија спонтано, дека е предизвикано од лошото владеење на турската власт, а не вештачко движење раководено од Кнежевството Бугарија“.

Карл, Аугуст (австроунгарски конзул во Битола): „За одвивањето на востанието во Битолскиот вилает се шират во светот најлажни вести. „Тоа (востанието) не е дело само на одделни агитатори и престапници, како што тврдат многу весници, тоа е излив на незадоволство на цел еден народ. Во Крушево, Смилево, Клисура, Невеска тие образуваа привремени управи“. „Многу интересно било заземањето на градот Крушево, што траеше скоро две недели, и создавањето на една привремена влада од страна на востаниците“. „Како што веќе имав чест да споменам во мојот извештај, востаничките чети се прилично горди и секако држат до тоа гласот за нивните дела да биде запазен за потомството. Многу настани се возвеличуваат во песни, народот ги воспева“.

Кохмански, руски конзул во Битола. Во еден извештај од 1908 тој пишува: „Основните становишта на оваа партија (ВМОРО независна, на Сандански) се вакви: против агитационата дејност на Грција, Бугарија, Србија и Романија во Македонија; осуда на официјална Бугарија која досега го користеше македонското прашање за средување на своите сопствени работи; недопуштање присоединување на Македонија кон Кнежевството, ниту пак кон другите балкански држави; недоверба спрема европските држави (големите сили) кои со своето замешување во македонските работи само продолжуваат да си ги гонат своите интереси. Посебно се засегнуваат Русија, Германија и Австро-Унгарија. Русија се претставува како некаков политички Тартиф, под маската на покровителството на христијаните се стреми, со помош од Бугарија, да се добере до Константинопол. Германија и Австрија се претставени како ‘пазариште на јавна распродажба на политичката совест.’ Заклучниот акорд е секогаш еден ист: Македонија нема потреба од Русија, ниту пак воопшто од Европа. Доколку ја добие и ја зацврсти својата слобода, тоа ќе го стори благодарејќи им на своите сопствени сили во сојуз со младотурците“.

Нелидов, А. (руски амбасадор во Париз): „Не треба да се губи од предвид дека огромното мнозинство на христијаните во Македонија се Славјани, а од нив далеку најголемиот број им се поблиски на Бугарите, отколку на Србите, додека Грците во еднообразна маса населуваат само незначителни реони, предимно блиски до морето… Поради горе изложениве етнографски услови на Македонија мене ми се чини е повеќе за претпочитување да не биде предрешавано нејзиното делење, туку да биде зачувана нејзината севкупност во која, со воведување на широка самоуправа врз основа на избрано народно претставништво со месни административни совети, само по себе ќе биде извршено распределувањето на народностите. А можеби сознанието за заедништво на интересите на сите македонски вилаети ќе доведе до нивно слевање во едно цело и создавање на единствено автономно Македонско Кнежевство, чија што влада нема ни да се стреми кон присоединување кон Бугарија, ниту пак да му се потчини на грчкото влијание… Таквата Македонија, која според големината малку би се разликувала од Грција или од Бугарија, ќе служи за одржување рамнотежа меѓу балканските држави…, исклучувајќи ги сите туѓи обиди за освојување“.

Бомпард, францускиот амбасадор во Петроград во разговор со британскиот амбасадор Сесил Рајс за македонското прашање: „Руската влада беше многу вознемирена од ширењето на револуционерното движење меѓу словенското население. Народното востание во Македонија веројатно би довело до општо превирање меѓу словенските народи коешто не би се ограничило само на Балканскиот Полуостров. Ова претставуваше опасност од прв степен не само за Русија, туку и за Европа. Не беше пожелно мирот во Европа да биде доведен во опасност поради еден мал, иако измачен народ“.

Петрајаев, М. руски цивилен претставник во Македонија: Во Костурската каза кај нас доаѓаа делегации од селата кои изјавуваа дека не ги сакаат ниту грчките, ниту бугарските учители и свештеници, туку молат да им бидат дадени македонски. На прашањето за нивната националност овие одговараа дека се Македонци. Таквите појави се далеку од тоа да се поединечни, покажуваат дека христијанското население на Македонија е изморено од угнетувањето од најразличните пропаганди и дека кај него почнува да се разбудува национално самосознание коешто се разликува од оние што му се наметнуваат отстрана“.

(продолжува)