Настапував на првите пет-шест трки, од првата во 1969 година, често бев меѓу најдобрите тројца-четворица, вели Миле Спасовски, првиот македонски олимпиец, од Игрите во Минхен во 1972 година

Викендов на реката Треска кај Матка, по јубилеен 50-ти пат ќе се одржи традиционалниот Илинденски кајак-слалом (ИКАС), чии почетоци се во 1969 година. Манифестацијата се одржуваше на 2 Август, во чест на големиот македонски празник Илинден, но подоцна, од 1990 година, терминот на трката беше префрлен во почетокот на април, откако влезе во календарот на Интернационалната кајакарска федерација (ИЦФ). На годинашниот ИКАС се очекува да настапат околу 120 кајакари од 14 земји, меѓу нив и дваесетина кајакари од Македонија, кои ќе настапат во саботниот спринт-спуст и во неделниот кајак-слалом.

Во минатите 50 години на ИКАС настапувале врвни европски и светски кајакарски имиња, меѓу нив и најдобрите од Македонија. Во плејадата истакнати македонски кајакари е и првиот олимпиец од Игрите во Минхен во 1972 година, Миле Спасовски (67). Како и повеќето македонски кајакари, и неговото име и кариера се неделиви со ИКАС. – Не се сеќавам точно, но мислам дека настапував на првите пет-шест трки, од првата во 1969-та, па до 1975 година. Ниту еднаш не победив, иако често бев меѓу најдобрите тројца-четворица. Во почетоците ИКАС не беше некоја поголема манифестација, но подоцна, од година на година, растеше и се развиваше и прерасна во респектабилна кајакарска трка. Патеката на Треска е една од поубавите во Европа, без конкуренција на Балканот. Иако претрпе неколку измени, се стеснуваше и слично, амбиентот и околината останаа исти, прекрасни, како што може само да се посака.

Со патеката и ИКАС сѐ е во ред, но ми пречи тоа што на сметка на организирање вакви и слични други манифестации, се занемаруваат клубовите, кајакарскиот спорт полека замира во Македонија. Почнав со кајакарството во 1965 година, бев активен до 1985 година, но оттогаш сум надвор од тој спорт. На ИКАС сум бил неколкупати во својство на судија и како тренер, но не сум бил вклучуван во организацијата. Со кајакот сега се дружам само налето, кога сум на одмор, и тоа само на езеро или на море – вели Спасовски. Уште еден македонски кајакар-олимпиец, од Пекинг 2008-та, Атанас Николовски (37), има многубројни убави спомени, радости и победи од ИКАС. – ИКАС на некој начин ми даде насока за сѐ во животот, во секој поглед. Ги паметам првите трки што ги гледав на Треска како дете, на 7-8 години.

Подоцна почнав да се занимавам со кајак и да се натпреварувам на 13-годишна возраст. Првиот настап на ИКАС ми беше во 1992 година, редовно настапував до 2016 година, а во меѓувреме успеав и пет пати да триумфирам. ИКАС е гордоста на македонското кајакарство, за мене оваа манифестација, како и патеката на Треска во прекрасниот кањон, е нешто посебно, таква природна убавина ретко каде може да се сретне. Во минатите години и децении оваа манифестација имаше подеми и падови, но фактот дека е втора ваква манифестација по долговечност во Европа, по трката во Липтовски Микулаш во Словачка, која се одржува 60 години, доволно говори за значењето на ИКАС за македонскиот спорт. Се надевам дека во наредните години ИКАС ќе напредува, патеката ќе се подобрува, а природата и кањонот на Матка ќе останат недопрени и ќе гледаме квалитетни трки и натпревари – вели Николовски, кој сега е во улога на технички директор на ИКАС.