Седум држави доставиле понуди за испорака на борбени авиони за потребите на хрватската армија, а меѓу нив е и Израел, кој во претходната постапка беше избран за најповолен понудувач со користените авиони „Ф16 барак“. Ова се авиони што беа избрани од хрватското министерство за одбрана, но целиот договор пропадна поради одбивањето на САД да издаде дозвола за продажба на авионите. Но овој пат, според информациите на „Јутарњи лист“, Израел ја дава понудата во соработка со производителот на авиони, со што би ја осигурил и американската поддршка за добивање на овој договор.

Други држави што покажале интерес за испорака на авиони се: Италија, Франција, САД, Шведска, Норвешка и Данска. Од овие земји ја информирале Хрватска дека се подготвени да учествуваат на конкурсот со шест различни модели на авиони. Хрватската армија е заинтересирана за набавка на користени или нови авиони.
Министерот за одбрана Дамир Крстичевиќ деновиве изјави дека претпочитаат нови авиони од четвртата генерација од западното производство.

– Од нашиот стратегиски партнер САД очекуваме понуда што не ќе можеме да ја одбиеме – изјави Крстичевиќ.

Министерот е поблизок до опцијата што ја реализира и Бугарија, која неодамна склучи договор и на САД им плати 1,2 милијарда долари за осум нови авиони од типот „Ф16 блок 70/72“. САД и на претходниот конкурс на Хрватска ѝ понудија ескадрила нови „Ф16“ по цена од околу 9,5 милијарди куни. Израелските авиони што беа користени чинеа околу три милијарди куни, со вклучени стимулатори, обука на пилоти и приспособување на инфраструктурата и вооружување.