По повод 74 години од првата премиера на сцената на Македонски народен театар – Скопје, во 12 часот, денеска, во фоајето на театарот ќе биде отворена изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“. На сцената на МНТ од самите почетоци до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Во секоја од нив на различен начин се третираат секојдневието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови туку и преку игра, слика – сценографија и костимографија, и дизајн – програма и плакат.

Идејата на оваа изложба е да се прикажат авторите од различни генерации чии дела, во континуитет, постојано се прикажуваат на сцената на МНТ: Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Дејан Дуковски и други.

Низ драмските текстови и нивната подготовка/поставување, односно низ експонатите ќе се прикаже патот на еден драмски текст од напишан збор до одигран и изговорен збор на сцена.