„Дали и ти си мигрант?“ е тематската изложба на прилепскиот уметник Дарко Талески што ќе биде отворена вечерва во 20 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Изложбата е составена од пет портрети на локални прилепски уметници.

– Портретирањето е колаж од лични фотографии, фотографии од случувањата во дадениот период, лични текстуални изјави, текстуални факти за случувањата во тој период, цртежи. Почнувајќи од колажниот портрет на авторот на изложбата Дарко Талески со неговите најрани корени за бегањето од родното место на неговите предци во крајот на 19, почетокот на 20 век во Бугарија, преку портретот на ликовниот уметник Васко Костов, кој ја пренесува личната приказна за неговото семејно заминување од Егејска Македонија по Втората светска војна, односно за време на Граѓанската војна во Грција, следува портретот на Ферди Булут, кој го портретира масовното заминување на турското население од тогашна Југославија во Турција во периодот на 1950-тите години. За да се заврши со портретите на Јасмина Руневска и Лепа Милошеска, кои ни ја доловуваат сликата на економските мигранти кон крајот на 20 век и почетокот на 21 век – се вели во најавата за изложбата.

Дарко Талески завршил ФЛУ во Велико Трново, Бугарија каде што и магистрирал. Од 2005 година работи како наставник по ликовно образование. Има учествувано на повеќе изложби во Македонија, Бугарија, Англија, Мозамбиг, Германија, БиХ, САД, Канада, Австрија, Тајван, Франција. Има интерес кон стопмоушн-анимацијата и ја имплементира во работата со своите ученици. Неговиот едноминутен филм „Носталгија за уметност“ е прикажан на Берлинскиот институт за уметност во 2013 г., на „Торонто урбан филм фестивал“ во 2013 г. и во Музејот на современа уметност во Тајпеј во 2015 г. Неодамна ја открива техниката на пишување на кожа и почнува да го користи сопственото тело како медиум за ликовно изразување цртајќи на сопствената кожа.