Изгубеното ветување од 1989 година

По распадот на комунизмот во Европа во 1989 година, многумина сонуваа да изградат обединет и слободен континент со ЕУ во неговото срце. Но 30 години подоцна, Европејците се разбудија со нова реалност. Во Западна Европа, политичките лидери ставаат вето на понатамошно проширување на блокот од страв дека Источноевропејците не се подготвени да прифатат либерални вредности. Во Централна и во Источна Европа расте незадоволството кон Западна Европа поради нејзиниот одговор на имиграцијата и другите прашања.

Овие динамики беа прикажани на дело за време на квалификациите за Европското првенство во фудбал Еуро 2020, а мечот меѓу Англија и Бугарија беше натпревар помеѓу два фундаментално различни поими за европски идентитет. Натпреварот што се одржа во Софија мораше двапати да биде паузиран за навивачите на домашната репрезентација да бидат предупредени поради расистичкото однесување, вклучувајќи и нацистички поздрави и имитирања мајмуни насочени кон црните играчи од Англија. По мечот, британското елитно мислење трескавично се обедини околу морална правичност против наводното варварство на бугарските навивачи. Бидејќи мултикултурализмот стана централен дел на британската национална приказна во изминатите 30 години, многу етнички малцинства се загрижени дека перципираниот расизам во континентална Европа претставува враќање кон грдата ера на нееднаквост и исклучување. Оттука, една од ирониите од епизодата со Евро 2020 е дека таа се наведува како дополнителен доказ за поддршка на одлуката на Британија за напуштање на ЕУ. Според приврзаниците на брегзит, прекинот на автоматската имиграција од Европа ќе им ја зголеми можноста на луѓето од Индија, Бангладеш, Пакистан и од Карибите да се населат во Британија. Гледано од бугарска страна, пак, моралното проповедање од Велика Британија изгледа како лицемерство. На крајот на краиштата, бугарските и романските имигранти беа цел на расистичка реторика за време на кампањата за референдумот за брегзит во 2016 година. Како што истакнаа многумина во бугарските медиуми, расистичките хулигани на Англија беа одговорни за смртоносната катастрофа на стадионот „Хејсел“ во Белгија во 1985 година. Доколку мотивот зад брегзит е да се зачува англиската суштина, Источноевропејците не претставуваат поголема закана од мултикултурализмот.

Во однос на наследството од 1989 година, Иван Крастев од Виенскиот институт за хуманистички науки и Стивен Холмс од универзитетот во Њујорк велат дека падот на Берлинскиот ѕид означил почеток на епохата на имитација, а не крај на историјата, како што велеше Френсис Фукујама. Кога поранешните држави од советскиот блок во Централна и Источна Европа почнаа да се обидуваат да ги имитираат културата, вредностите и правните рамки на Западна Европа, оние што сонуваа за слободна и обединета Европа се веселеа.

Проблемот е во тоа што милиони луѓе во овие земји сфатија дека ако целта е да станат исти како Германците или Британците, полесно би било да се преселат во тие земји, наместо да трпат болен процес на преправање на нивните општества, имитирајќи други општества. Како резултат на тоа, околу 20 отсто од Бугарите, значително најлибералниот и најобразованиот сегмент од населението, емигрираа во Западна Европа.
Како што покажуваат Крастев и Холмс, оние што останаа, сѐ повеќе ги споредуваа своите можности не со тие на нивните родители, туку со среќната елита што се отсели за да го живее западниот сон. Ова доведе до широко распространети фрустрации и гнев кон посткомунистичката класа либерални реформатори во Централна и Источна Европа. Овие елити, ориентирани кон Западот, не само што не ги исполнија нереалните очекувања со западната имитација, туку исто така дозволија и масовен егзодус на талентирани луѓе.

Кога бегалската криза изби во 2015 година, таа само ги засили и онака големите стравувањата од демографско истребување на населенијата родени во посткомунистичките земји. Како што видовме во изминатите години, овие грижи создадоа идеална политичка средина за нелиберални популистички и националистички политичари, како унгарскиот премиер Виктор Орбан и де факто владетелот на Полска, Јарослав Качински. Како што пишуваат Крастев и Холмс, додека Истокот сè уште е хомоген и моноетнички, Западот стана хетероген и мултиетнички како резултат на тоа што антилибералните политичари го сметаат за непромислена и самоубиствена имиграциска политика. Поради тоа, ерата на имитација, заедно со премолченото прифаќање на западната супериорност, го забележа својот крај.
Сличен процес на инверзно културно пресликување беше прикажан за време на англиско-бугарскиот фудбалски натпревар и неговите последици. Двете страни тврдеа дека се морално згрозени од постапките на другата. Додека Велика Британија транзитираше од имплицитно толерирање на расизмот до славење на мултикултурализмот во изминатите 30 години, таа истовремено стана алергична на слободата на движење од Централна и од Источна Европа. За разлика од тоа, Бугарија многу сака да остане во ЕУ, но се плаши од понатамошна демографска промена поттикната од иселувањето и приливот на имигранти од Блискиот Исток и од други места. Ситуацијата несомнено би му изгледала перверзно на некој набљудувач што доаѓа од 1989 година. Кој би помислил дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ или дека оние што се залагаат за тоа својот аргумент ќе го темелат врз придобивките од етничката разновидност? Колкумина од Централна и од Источна Европа би предвидувале дека нивните сопствени влади ќе се обидат да ја посочат ЕУ како нелиберален проект? Како што честопати е случај, длабоките историски промени прво се појавуваат во популарната култура, а дури потоа во официјалната политика. Затоа треба да го анализираме сложеното наследство од 1989 година не само на официјалните прослави во Берлин, туку и на трибините на фудбалскиот стадион во Софија.

Авторот е директор на Европскиот совет за надворешни односи