По барање на општината Карпош, Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши проверка на работата на општината во изминатите години и констатира низа нерегуларности и кршење на законите. Градоначалникот Стефан Богоев пред јавноста го презентира извештајот на ДЗР за материјалното и финансиското работење на Карпош. Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на општината во изминатите четири години е доставен до Основното јавно обвинителство и до Управата за финансиска полиција. Останува отворено прашањето дали за вакви чекори ќе се одлучат и другите локални самоуправи во Македонија, за да се обелоденат потенцијалните нерегуларности.

Првиот човек на општината истакна дека во извештајот на Државниот завод за ревизија стои дека, покрај главниот долг од 18 милиони евра на општината Карпош, кој потекнува од 2012, 2013, 2014 и 2015 година, оваа локална самоуправа направила и дополнителни долгови и должи големи суми за нотарски, адвокатски, трошоци за извршител, процесни и парични постапки. Богоев нагласи дека со овие трошоци сериозно се оптоварувал општинскиот буџет за камати, а средствата и нерационално се трошеле. Градоначалникот рече дека во 2014 година е подигнат и кредит од 160 милиони денари, или 2,6 милиони евра за тековни инфраструктурни проекти во Карпош, но ревизорскиот тим констатирал дека кредитот е потрошен ненаменски, односно средствата се искористени за плаќање заостанати обврски. Со таквиот чекор се прекршени повеќе закони.

Богоев говореше и за пропустите при изградбата на новата општинска зграда и постојните општински бараки, односно за незаконското носење одлуки за нивна изградба. Посочи дека ненаменски и неоправдано се трошеле и буџетски средства, кои им се доделувале на повеќе организации, здруженија на граѓани, поединци и правни лица што не давале финансиски извештаи и фактури за начинот на кој ги потрошиле средствата. Тука го посочи финансирањето на кошаркарскиот клуб Карпош соколи АД Скопје, за кој се исплатени пари во износ од 38 милиони денари средства, за кои клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени.

Инаку, од 2015 година, општината се јавува како основач на овој кошаркарски клуб и истовремено доделува финансиска поддршка на акционерското друштво, а со тоа при исплата на средства/трансфери до спортски клубови, не склучувала договори во писмена форма со примателот на донацијата и спонзорството и не се подготвувани извештаи за начинот на кој е трошена дадената донација/спонзорство, со што се повредени повеќе закони. Градоначалникот Богоев истакна дека општината Карпош ќе продолжи да постапува со препораките на Државниот завод за ревизија, за локалната самоуправа да се врати во колосек и да обезбедени целосно законско работење и располагање со буџетските средства. Тој дополни дека општината е подготвена да соработува и со други надлежни институции за сите инволвирани страни да одговараат за своите постапки и злоупотреби.