За да се намали ризикот од топлотен удар, потребно е сопствениците да ги шетаат
своите миленици во раните утрински или во вечерните часови, вели ветеринарот
Бојан Смиљанов

Високите температури, како кај луѓето, така и кај животните може да влијаат негативно. Домашните миленици, особено кучињата со долго крзно, имаат сериозни проблеми во одржувањето на температурата доколку директно се изложени на сонце. Мачките полесно се справуваат со високите температури за разлика од кучињата и зајаците. Според ветеринарот Бојан Смиљанов, овие животни, како што е познато, немаат потни жлезди, па затоа преку најразлични методи (бревтање, пиење вода) успеваат да ја контролираат температурата и вршат вентилација. Но понекогаш тоа не е доволно доколку тие подолго се изложени на сонце, па топлотниот удар е честа појава, вели.

– За да се намали ризикот од топлотен удар, потребно е сопствениците своите миленици да ги шетаат во раните утрински или во вечерните часови. При прошетка во попладневните часови, освен што е поголем ризикот за топлотен удар, исто така настануваат и повреди на перничињата на шепите од високата температура на асфалтот. Од ова, поради крвавење и секундарни инфекции, проблемите може да бидат поголеми. Доколку е неопходно да се излезе со домашното милениче на отворено кога температурата е многу висока, понесете со себе доволно количество вода и наметка, која постојано ќе ја одржувате влажна и со која ќе го покриете вашето милениче за да му помогнете во одржувањето на температурата. Мојот совет е прошетка кога температурата е пониска и да се избегнува директно изложување на сонце – објаснува Смиљанов.

Според него, домашните миленици и во домот треба да бидат во затемнети простории, во кои има доволно проток на свеж воздух.
– Прошетка покрај водени површини исто така би била идеална опција, каде што домашните миленици би можеле да се разладат. Милениците што имаат кратко влакно доколку се подолго изложени на сонце, може да добијат изгореници, кои се непријатни за самите животни. Затоа, внимавајте – категоричен е Бојан.

Брахицефаличните раси и пациентите што имаат срцеви заболувања имаат дополнителни проблеми и ризикот од колапс кај нив е уште поголем при изложување на сонце, па дури и на собни температури.

– Исхраната во текот на летото треба да биде редуцирана во текот да денот. Најчесто сопствениците сами забележуваат дека апетитот кај милениците е намален. Затоа хранете ги вашите миленици рано наутро и доцна навечер. Додека пристап до вода за пиење треба да имаат цело време – вели Бојан.

Кај спортските и професионални кучиња тренингот треба да биде во раните утрински или во вечерните часови, во спротивно ризикот од несакани последици е многу голем.
– Сопствениците треба да внимаваат исто така и при транспортот на милениците, но и во никој случај да не ги оставаат во автомобилите додека се тие во маркет, дури ни накратко. Температурата таму се зголемува толку брзо што милениците тешко се справуваат со неа – додава Смиљанов.