На Нова година секогаш најмногу се радуваат децата, кои со нетрпение сакаат да видат што им донел Дедо Мраз под елката. Зависно од возраста, тие посакуваат: коцки, кукли, автомобилчиња…, но и конзоли, таблети, лизгалки и велосипеди

Мама и тато знаат што сака нивното дете и кои се неговите најомилени играчки. Сите други, бабите, дедовците, тетките, вујковците и најдобрите пријатели, при изборот на играчките што ќе ги стават под новогодишната елка, мораат добро да размислат што да изберат. А тоа е и нормално, бидејќи понекогаш се прават и грешки, па на тригодишно дете му се подаруваат лего-коцки, кои се добар избор за седумгодишни деца.
Но и родителите можат понекогаш да промашат, па во убаво завиткана кутија да стават инхалатор за нос или топлинки, а детето посакувало камионче на батерии или барбика. За сите што се во дилема што да изберат за да израдуваат некое драго детенце, еве неколку предлози, што веруваме ќе ги воодушеват и децата и родителите.

Најдобри играчки за бебиња
Првата Нова година на бебето за сите мајки и татковци е посебен настан. Можеби бебињата не знаат што се случува околу нив, но ја чувствуваат божиќната атмосфера. Реагираат на шарените светилки на елката, го чувствуваат мирисот на печените колачиња и секако празничната возбуда. Родителите со посебно внимание го чуваат првиот новогодишен подарок на своето дете.
Тоа би можело да биде кадифено мече или жирафа, мека шарена топка, разни тропалки, гумена мирислива кукличка…

Најдобри играчки за дете од една година
Детето што наполнило една година веќе не е бебе, тоа почнува да оди, да ги кажува првите зборови и да го истражува со допир светот околу себе. Иако децата на оваа возраст зборуваат на некој свој јазик тие во голема мера се свесни за сѐ што се случува околу нив. Иако и натаму сѐ ставаат во уста, за нивните родители Нова година ќе биде вистински предизвик, а на удар секако ќе бидат елката и сите светилки и украси на неа.
Бидејќи едногодишните деца учат низ игра, за нив најубав подарок би биле разни коцки, играчки што се склопуваат и расклопуваат, но без ситни делови што можат да се проголтаат, таблет со цртани филмови соодветни за оваа возраст, кој треба да се користи само по половина час на ден.

Најдобри играчки за двегодишни деца
Двегодишните деца кога еднаш ќе откријат дека нешто им се допаѓа, го повторуваат тоа во недоглед. Исто така тие сакаат да пеат и да танцуваат, да ги имитираат своите блиски, нивната концентрација е сѐ поголема, а моториката поразвиена. Затоа нема да згрешите ако купите, автомобилче, голем камион, каде што ќе ги стават своите кадифени пајчиња и зајчиња, разни играчки со сигнализација, велосипед на три тркала, коцки со букви и животни, фарма, кукла бебе за кое ќе се грижат…

Најдобри играчки за тригодишни деца
Тригодишните деца се брзи, почнуваат да си играат со други деца, измислуваат разни работи и сѐ повеќе ја развиваат својата фантазија. Убав подарок би бил сет од играчки, како: мал пазар, кујна, алатки од гума, како оние на тато, табла, сложувалки, најмногу до десетина парчиња.

Најдобри играчки за четиригодишни деца
Четиригодишните деца се мали луѓе, имаат свои пријатели и интереси. Некои веќе знаат што ќе бидат кога ќе пораснат: Спајдермен, пожарникар, фудбалер, Елса, ветеринар, лекар… Некои од нив возат велосипед без помошни тркала и лесно се качуваат на дрво. Други, пак, знаат да набројат 15 вида диносауруси, и тоа на латински. За Нова година можете да им подарите: медицинско лекарско куферче, кутија со магнети и табла, некој инструмент, гитара, мало клавирче, тапанчиња, автомобилчиња со гаража, воз со шини на батерии, хеликоптер, бензинска пумпа…

Најдобри играчки за петгодишни деца
Децата од пет години почнуваат да пишуваат бројки и букви и да сфаќаат дека 1+1=2. Тогаш сакаат игри со лавиринти или оние во кои треба да се најдат разликите меѓу две слики. Тие веќе имаат еден куп играчки, па треба да сте креативни во изборот. Би можеле да купите: ноќна ламба како глобус, разни интерактивни, едукативни сликовници, табли за пишување, куќичка за кукли, разни спортски реквизити (куглана од пластика, топка, рекети за тенис и пинг-понг)…

Најдобри играчки за шестгодишни деца
Е со овие момчиња и девојчиња веќе нема шега. Или се веќе во училишните клупи или се подготвуваат за на училиште. Сепак, сѐ уште обожаваат да си играат со играчки, но и да одат во парк, на прошетки, во кино и на театар….
Интересни ќе им бидат сложувалки со карта на светот (300 парчиња), разни друштвени игри како Монопол, Не лути се човеку, Домино, а предвид доаѓаат и разни конзоли со игри.

Најдобри играчки за деца од 7 до 12 години
Што да му се подари на ученик на оваа возраст. Секако изборот е голем: разни енциклопедии за деца со фотографии во боја, интересни книги, сетови за цртање и сликање со мал штафелај, музичка кутија за чување дреболии, дневник, лизгалки, скии, мобилен телефон, велосипед…