Играњето фудбал го оштетува функционирањето на мозокот

Иако спортот е битен за одржување на здравјето, сите видови спортски дисциплини каде што постои опасност од удари по телото и особено во главата треба да бидат под силна контрола, зашто е докажано дека предизвикуваат трајни мозочни оштетувања

Фудбалот претставува најважната од сите неважни работи во човечкото постоење. Нема човек што барем со едно око не проследува некој битен натпревар, кој не навива (барем во себе) за некој тим. А да не зборуваме за масовните посети на големите светски стадиони, силните навивања, викања, потења, а понекогаш и тепачки. Фудбалот, освен што е многу битен како спорт, претставува и извор на големи заработувачки, трансфери на играчи, местенки, злоупотреби, можност за стекнување светска слава и препознатливост. Американскиот фудбал се разликува од европскиот. Тој жаргонски се нарекува и рагби, а се игра со јајцевидна масивна топка, која со рака се фрла кон голот без да се задржува, а играчите ревносно се трудат да ја одземат од противничкиот тим дозволувајќи си туркања, тепачки, удири во телото и главата. Се состои од по 11 играчи во два спротивни тима. Извонредно популарен спорт е низ американскиот континент.

Најновите истражувања во невронауката малку ги збунија како лекарите, така и оние што се фудбалски играчи и тренери. Имено, се покажа дека не само конкусиите што неретко се случуваат при играњето, туку и најобичното играње фудбал негативно влијае на функцијата на мозокот преку негово структурно менување.
Студијата, која тукушто е објавена во врвното невронаучно списание „Сајанс адванс“, е посветена на истражување кај 38 играчи на фудбал од универзитетот „Рочестер“, кои имале поставени алатки за мерење на забрзувачката сила во нивните шлемови за време на секое вежбање или играње натпревар. Мозоците на играчите биле скенирани со МРИ-машини пред и по сезоната нанатпревари.

Само два играчи имале клиничка дијагноза на конкусија за време на траењето на студијата. Но испитувањето на МРИ-записите пред и по сезоната потврдиле дека две третини од играчите имаат смалување во структурниот интегритет на нивниот мозок. Поточно, истражувачите потврдиле смален интегритет на белата маса во средниот мозок по завршената играчка сезона, споредено со наодите пред почетокот на сезоната. Ваквите наоди се специфично поврзани со играњето фудбал, а оштетувањата биле корелирани со бројот на удари во главата на испитаниците.
Општата перцепција е дека големите удари се само дел од проблемот. Тие се тема на разговори и анализи во разните ТВ-емисии, кои многу често се репризираат повеќепати. Големите удари се дефинитивно лоши, но со фокусирањето само на големите удари јавноста ги превидува оние помалите што предизвикуваат долгорочно мозочно оштетување со текот на времето. Тоа значи дека не само големите удари во глава туку и оние малите и скоро незабележливи, со текот на времето предизвикуваат мозочни оштетувања.

Современата дефиниција за конкусија или умерена мозочна траума се базира на консензус донесен на 4-та Конференција за конкусија во спортот и вели дека тоа претставува брз почеток на краткотрајно нарушување на невролошките функции, кои може спонтано да поминат, а се предизвикани од директен удар во главата, на вратот, лицето или каде било на телото со импулсивен пренос кон главата. Сепак, сѐ уште нема согласување за последиците на хроничните супконкусивни влијанија врз главата кај американските фудбалери, кои иако немале конкусија добиле акутни невродегенеративни промени и хронична трауматична енцефалопатија.

Епидемиолошки, над 86 отсто од пациентите со трауматична енцефалопатија имаат проблем во очната моторика и кај над 50 отсто проблем во аудитивното процесирање. Освен тоа, средниот мозок е инволвиран во меморијата, свесноста и автономната функција, системи што најмногу се нарушени при конкусија. Хронично, овие пациенти покажуваат хистопатолошки знаци за „таупатија“ во мозочното стебло, особено во средниот мозок што е докажано со имиџцинг-методи и хистопатолошки. Тоа значи дека средниот мозок претставува епицентар на трауматичната патологија.

Средниот мозок, локализиран токму во средината на главата зад мозочната кора, претставува дел од една ригидна структура, која ги вклучува мозочното стебло и таламусот. Релативната ригидност на средниот мозок значи дека тој ги апсорбира силите поразлично одошто околното ткиво, кое е помеко, со што го прави биомеханички податливо на ударите во глава при фудбалската игра. Средниот мозок ја поддржува функцијата на очните движења, кои при конкусии и директни удари во главата се нарушени. Бидејќи ударите во глава е познато дека можат да афектираат многу делови од мозокот симултано, истражувачите се посветиле токму на истражување на средниот мозок, претпоставувајќи дека таа структура е како некаква „канаринка заробена во рудник“ за удари што се супконкусивни.

Се претпоставило дека средниот мозок претставува клучна структура што може да служи како индекс за повредите при двете состојби – конкусии и повторувачки удари во главата. Всушност, повредите на овој дел од мозокот не се видливи при обичното набљудување на испитаниците во вид на променето однесување. Тие се клинички „неми“ мозочни повреди.

Секој учесник во оваа истражувачка студија бил двапати скениран со магнетна резонанса: две недели пред секоја играчка сезона и една недела по завршувањето на сезоната. Акцелерометрите сместени во шлемовите ги мерат линеарната и ротациона акцелерација за време на сите игри, било тие да се како тренинзи или при натпреварите, регистрирајќи ги сите контакти со сила од 10 гс или поголема. Астронаутите, на пример, во вселената доживуваат удари од 3 гс за време на катапултирањето. Тркачите со автомобили овој ефект го доживуваат со 6 гс, додека при сообраќајни несреќи силата е над 100 гс.

Г-силата претставува вид сила на единица маса при забрзување, која создава впечаток на тежина. Г-сила од 1 гс е конвенционална вредност за гравитациона акцелерација на земјата, која се ротира со околу 9,8 м/сек.

Ако се вратиме на испитуваните играчи, тие искусувале околу 20.000 удари во текот на вежбите и натпреварите. Сите тие удари имале средна сила околу 25 гс, а половината од нив биле и над овие вредности. Само два од овие удари биле регистрирани како конкусија.

Истражувачите ја мереле линеарната акцелерација, ротационата акцелерација и насоката од секој удар што го добивале играчите. Тој метод дозволува креирање тридимензионална мапа на сите сили што го атакувале мозокот. Најдено било дека ротационата акцелерација (која предизвикува извртување на главата) многу повеќе одошто линеарната акцелерација, е поврзана со промените во структурниот интегритет на белата маса во средниот мозок.

Студијата сугерира дека сликањето на средниот мозок со МРИ-скен треба да биде начин на кој се дијагностицираат повреди почнувајќи од единствена конкусија на главата до повторувачки супконкусивни удари во главата. Вториот дел од студијата служи како независен фактор за валидација на приодите на истражувачите кон кохортата на фудбалски играчи. Имено, група од 29 атлетичари од разни спортски дисциплини, каде што има контакт на играчите, била споредувана со 58 испитаници што немале никаква конкусија. Оние што имале конкусија биле скенирани со МРИ и им е испитуван крвен примерок во текот на 72 часа по повредата. Како и групата фудбалери овие спортисти покажале смален структурен интегритет на средниот мозок. Колку структурниот интегритет е повеќе нарушен толку е поголема концентрацијата на тау-протеинот. Тау се појавува како значаен маркер за акутни промени во мозокот и се смета како долгорочна причина за невродегенеративни заболувања, како Алцхајмер или хронична трауматична енцефалопатија.

Ако овие нови сознанија за репетитивните удари на главата се точни, тогаш што треба да се прави?

Ова истражување потврдува дека акумулацијата на многу супконкусивни удари претставува инструмент за следење долгорочни оштетувања на мозоците кај фудбалерите. Идните истражувања се неопходни за да се преточат овие наоди во директиви што би биле релевантни за јавното здравје. Неопходни се поголеми лонгитудинални студии во спортските дисциплини со разни возрасни групи спортисти. Во таа насока, битни се одлуките кога играчите треба да се вратат во игра? Дали треба, како досега, да се исклучи само оној играч што покажува симптоми на губење на свестаили зашеметеност. Иако нема конкусија, играчите што добиваат какви било удари во практиката се под ризик да развијат мозочно оштетување со текот на времето.

Наодите сугерираат дека добивањето повреда претставува ризик уште пред да се манифестираат јасни знаци и симптоми, кои би биле доказ за критичност на долгорочни невролошки повреди кај играчите.
Поради тоа, иако спортот е битен за одржување на здравјето, сите видови спортски дисциплини каде што постои опасност од удари по телото и особено во главата треба да бидат под силна контрола, зашто, еве, докажано е дека предизвикуваат трајни мозочни оштетувања.

(Авторката е професорка по педијатрија и клиничка психологија)