Кризата во Венецуела е трагична, но Вашингтон не е должен да ја решава

Администрацијата на Доналд Трамп вели дека е решена да му ги ублажи маките на венецуелскиот народ. Тој навистина страда. Режимот на Хуго Чавез/Николас Мадуро е ужасен, недемократски и брутален и ја уништува националната економија во име на социјализмот. Но Трамп уште помалку се грижи за луѓето што страдаат на други места. Тој ја поддржува Саудиска Арабија во агресивната војна во која настрадаа десетици илјади цивили во Јемен. Трамп е во прегратките на египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, кој уби стотици демонстранти и затвори десетици илјади критичари. За администрацијата на Трамп, Венецуела е само политика. Гласови во Флорида, ништо повеќе.

Администрацијата не може да направи ни добар пиар. Неодамна, државниот секретар Мајк Помпео отпатува кај соседот на Венецуела, Колумбија, за во стилот на Реган да го повика Мадуро да отвори мост за влез на хуманитарна помош во Венецуела. Малкумина го споредија тоа со незаборавното патување на претседателот Роналд Реган во Берлин, кога го повика советскиот лидер Михаил Горбачов да го урне ѕидот.
Уште полошо, големите архитекти во администрацијата за промена на режимот се покажаа многу неспособни. Нивната неспособност веројатно ги намали шансите за соборување на Мадуро. Администрацијата на САД пред неколку месеци ја предизвика актуелната ситуација кога го призна Хуан Гваидо за легитимен претседател. Тој имаше одреден авторитет како претседател на Националното собрание, но поддршката на Вашингтон и 53 други влади досега се покажа како безопасна за Каракас.

Администрацијата на Трамп претпоставуваше брза победа. Таа ја повика војската на Венецуела да го напушти Мадуро и да застане зад Гваидо. Сепак, Мадуро и Чавез пред него го трансформираа военото раководство по неуспешниот обид за државен удар против Чавез. Во армијата имаше голем број дезертирања од низок и среден ранг, но тие не беа доволни за да ја поткопаат контролата на режимот.
Администрацијата беспомошно протестираше. Вашингтон воведе санкции, но тие имаа мал ефект и само ги зголемија страдањата на венецуелскиот народ. Трамп и неговите соработници ги обвинија сите други: Кубанците, Русите, Кинезите, па и самиот Гваидо, зашто ги измамил да го поддржат. Откако ѝ држеше предавање на Русија за неприфатливоста на сферите на влијание во Европа, администрацијата на САД инсистираше Москва да се повлече од Венецуела, бидејќи таа била во сферата на влијание на Америка.

Потоа, функционери на САД тврдеа дека Мадуро се подготвувал да избега, ама Русите го разубедиле. Венецуелските функционери што ветуваа дека ќе го соборат, набргу се откажаа од намерите. Кубанците, пак, ги притискаа потенцијалните дезертери да останат лојални. Еден куп други напори отидоа во погрешен правец и претседателот Мадуро остана на власт.

Потоа дојде заканата за воена интервенција. Патрик Шанахан, в.д. секретарот за одбрана, рече дека САД имале „сеопфатни опции приспособени на одредени услови“, што и да значи тоа. Многумина веруваа дека администрацијата блефира (ако американската интервенција предизвика урбан бунт, последиците ќе бидат крвави, скапи и долгорочни), но никој не може да биде сигурен.

Гваидо навести поддршка за американска интервенција, иако рече дека би ја ставил на гласање во Националното собрание. Спротивно на тоа, државниот секретар Помпео тврдеше дека извршната власт на САД во суштина има бланко-дозвола за војување. Тој нагласи оти нема потреба од одобрување од Конгресот. Американците што би умреле во борбите и нивните семејства очигледно немаат право на глас за ова прашање.

Очигледната подготвеност на администрацијата да употреби воена сила само ги открива грешките во нејзината актуелна надворешна политика. Прва е претпоставката дека САД мора да сторат нешто. Кризата во Венецуела е трагична, но Вашингтон не е одговорен да ја решава. Нејзиното влијание врз САД е многу мало.

Јужноамериканските земји чувствуваат многу поголеми последици од ситуацијата во Венецуела. Ништо не ги тера САД да интервенираат. Второ, какви и да се аргументите за хуманитарна интервенција за да се спречи геноцид, ситуацијата во Венецуела не е таква. Страдањето е големо, но е многу помало од маките на други нации во минатото и сегашноста. Ако ги користат Чавез и Мадуро како стандард за интервенција, САД ќе треба постојано да војуваат. Има многу други конфликти (Сирија), диктатури (Еритреја), тоталитарни системи (Саудиска Арабија), економски катастрофи (Зимбабве) и глад (Северна Кореја), во кои е потребна многу повеќе работа. Трето, интервенцијата се смета за лек за сѐ. Има ли проблем за кој не може да се најде дипломатско, политичко или економско решение? Веднаш испратете ги бомбардерите! Сепак, интервенцијата е различна од другите средства на надворешна политика. Нејзините последици се поголеми, а шансите за грешка и за повратен удар се уште поопасни. Интервенцијата треба да биде последната опција, неопходна за да се постигнат важни, односно витални интереси, а не за да се решаваат социјални проблеми. Четврто, има многу други посоодветни играчи. Катастрофалните потези на венецуелскиот режим ги обедини повеќето соседи против него. Имаат ли Јужноамериканците лесни одговори? Се разбира, не. Но, јасно е дека администрацијата на Трамп нема идеја што прави, а воената опција сигурно нема да даде многу подобри резултати. Петто, воените планови ги игнорираат поделбите меѓу венецуелскиот народ. Некои поддржуваат интервенција на САД, но голем дел од опозицијата е против. Еден опозициски пратеник вели оти американската инвазија „ќе донесе повеќе проблеми отколку решенија“. Дури и Гваидо ги менува ставовите. Неодамна рече дека силите на САД треба да бидат одобрени од собранието и придружувани од венецуелските војници, што и да значи тоа. Повеќето граѓани, кои се надеваат дека режимот на Мадуро ќе биде соборен, велат дека тоа треба да се случи однатре.

– Воведете повеќе санкции и зголемете го дипломатскиот притисок. Ви благодариме за сѐ, но не испраќајте војници. Тоа само ќе предизвика граѓанска војна и ќе ги подели граѓаните – им порачува еден студент на Американците.
Конечно, стратезите не се прашуваат „што потоа“. САД напаѓаат, ја поразуваат војската и почнуваат со градењето на нацијата. Тоа функционираше супер во Авганистан и во Ирак, нели? Што би можело да тргне наопаку?
Можно е да избие помал урбан бунт, ама можно е да има и тешка граѓанска војна. Гваидо е левичар и не е синхронизиран со администрацијата на Трамп и со критичарите на режимот на Чавез/Мадуро. Колку повеќе Вашингтон се обидува да дојде до исходот што го посакува, толку поголем ќе биде отпорот во Венецуела и во другите земји од Јужна Америка.

Кризата во Венецуела е трагедија што може да се избегне. Но како што би требало да знаат американските стратези, интервенцијата само ќе ја продлабочи трагедијата. Администрацијата на Трамп направи грешки. Интервенцијата треба да биде последна опција за остварување на виталните цели, а такви нема во Венецуела. Трамп треба да ги задржи војниците дома.

Авторот е аналитичар на институтот „Като“