Сигурно ви се случило добро да се најадете, а по некое време да почувствувате дека сакате да каснете уште малку. Ќе каснете нешто и по некое време го имате истото чувство. Не секогаш за истата храна, туку некогаш ви се јаде благо, некогаш солено, но постојано сте гладни. Тоа сепак не значи дека навистина сте гладни. Понекогаш организмот го користи гладот за да ви соопшти нешто друго, што не значи дека треба да го отворите фрижидерот или барем не мора да јадете висококалорична храна.

Треба да го регулирате шеќерот во крвта

Кога нивото на шеќер ви е ниско, чувствувате недостиг од енергија, кој сакате набрзина да го надоместите преку колачиња или нешто слично. Тоа може доста брзо да го покачи нивото на шеќер, но на долг рок нема да го реши проблемот. Ако постојано јадете благо кога ќе ви падне шеќерот, наскоро ќе ја покачите телесната тежина и ќе имате уште поголем проблем со него. Затоа посегнете по храна што содржи здрави јаглехидрати и протеини, како на пример жито или зеленчук. Тие ќе го стабилизираат шеќерот и ќе ви ја убијат постојаната желба за благо.

Ви треба вода

Ако постојано ви се јаде нешто солено, веројатно ви треба повеќе вода. Дехидрираноста значи дека имате малку електролити во крвта. Електролитите се минерали со чија помош организмот ја апсорбира водата и со кои обично се снабдуваме од солта. Напијте се вода кога ќе ви се пријаде солено и почекајте. Можеби токму тоа бил проблемот и немало потреба да јадете храна што не ви е потребна.

Можеби треба да одите на лекар

Ако желбата за солено се јавува пречесто, тоа може да биде сигнал за одредени хормонални нарушувања. Доколку се случува ова со вас, време е да направите неколку проверки кај лекар.

Не сте среќни

Потребата за чоколадо или нешто слично ви кажува дека не сте доволно среќни. Таквата храна предизвикува излачување на хормоните на среќата. Кога сте пропуштиле да го предизвикате тоа со некаква животна радост или активност, организмот си бара чоколадо. Затоа следниот пат кога ќе ви се случи тоа, барем дремнете или одете да повежбате, а потоа и размислете што може да направите за да бидете посреќни.

Под голем стрес сте

Надбубрежната жлезда, која инаку излачува адреналин, работи напорно во моментите на голем стрес. Кога таа работи напорно вам ви се јаде солено. Доколку се најдете во ситуација да бидете под стрес, а истовремено сте многу гладни иако неодамна сте јаделе, тоа значи дека е време малку да се опуштите.

Можеби навиките се проблемот

Колку почесто јадете солено, толку почесто ќе ви се јаде солено. Колку почесто јадете благо, толку почесто ќе ви се јаде благо. Јадете разновидна храна за да го научите мозокот дека таа е добра за него. Доколку во вашата исхрана доминира благото, организмот ќе го бара тоа и тогаш кога не му е потребно.

Ви треба сон

Недостигот од сон предизвикува одредени краткотрајни нарушувања во мозокот, кои може да се поправат со повеќе сон или со солена храна. Одберете го првото.

Можеби држите престрога диета

Добрата диета, односно режим на исхрана, е балансирана и содржи секаков вид здрава храна. Доколку таа не е балансирана, постојано ќе имате потреба од одреден вид храна, особено онаа нездравата. И наглото исфрлање на јаглехидратите или на мастите може да го предизвика истото тоа.

Можеби е месечниот циклус

Гладот кај жените зависи и од месечниот циклус. Не може ништо да се прави против тоа, но може да си помогнете јадејќи повеќе здрави јаглехидрати, кои ќе ве снабдат со повеќе енергија, а тоа помага и при излачувањето на хормонот на среќата.