Режисерот на најновиот „Предатор“, Шејн Блек, во интервјуто за „Дигитал спај“ откри дека сосема ја разбира одлуката на Арнолд Шварценегер да не се појави во неговиот филм. Минатата година Шварци изјави дека не сакал да игра во новото продолжение, навестувајќи дека му било понудено да се појави само во една кратка сцена. Блек потврди дека навистина неговата улога немало да биде голема, поради новиот правец на филмската приказна.

– Студиото сакаше да ја освежи приказната со нови ликови. Не сакаа целиот филм да се заснова на повторното појавување на Шварценегер. Да ја прифатеше понудата, тој само накратко ќе се појавеше во финалето на филмот – изјави режисерот.
Тој додаде оти очекувал дека глумецот ќе одбие кога му предложил да му се приклучи на проектот.

– Верувајте ми, целосно го разбрав кога ми рече: „Види, во прашање е мала улога и мислам дека не го сакам тоа. Во моментот го снимам новото продолжение на ’Терминатор’ со Џим Камерон“. И јас да сум Шварценегер ќе посакав или да бидам главна ѕвезда или ништо – вели Блек.

Сепак, режисерот не ја исклучува можноста Шварци повторно да се појави како Дач доколку „Предатор“ добие продолжение, бидејќи идејата за тоа е отворена.