Шон Мегваер
Рајан Шерба

Додека националистички политичари се на власт, не може да се оствари идејата за прием на Босна и Херцеговина во НАТО

Ако САД сериозно се залагаат за поддршка на членството на Босна и Херцеговина во НАТО, тогаш мора да станат свесни за неуспехот на Дејтонскиот мировен договор и повеќе да не стојат зад него како систем на управување во Босна. Со него можеби ѝ се стави крај на Граѓанската војна во Босна во 1995 година, но стана синоним за стагнација, разочарување, очај, лошо владеење и слаби институции. Ова не само што ги спречува заедничките американско-босански аспирации за влез во НАТО, туку и целокупно ја стагнира Босна, озаконувајќи ги етничките поделби (и тензии) меѓу Бошњаците, Хрватите и Србите, кои ја оставија Босна поделена и подготвена за геополитичките цели на Русија.

Последните претседателски избори што се одржаа во октомври, на кои победи српски националист, кој е категорично против Западот и НАТО, се доказ за ова, а истовремено беа аларм за Вашингтон повторно да се активира во Босна. НАТО формално ја покани да ја поднесе првата годишна национална програма, откако се согласи да го спроведе Акцискиот план за членство на 5 декември 2018 година. Ова се случува во периодот пред самитот на НАТО што ќе се одржи во Брисел во јули, за кој НАТО порача дека „демократските вредности, владеењето на правото, домашните реформи и добрососедските односи (во Босна) се клучни за регионалната соработка за евроатлантските интеграциски процеси“. Овој став го изразија потпретседателот Мајк Пенс и американскиот амбасадор во Босна, Ерик Џорџ Нелсон. Неодамна американскиот став јасно го истакна американскиот заменик-државен секретар, Џон Саливен, по состанокот со членовите од тристраното претседателство на Босна, на кој тој соопшти дека „американскиот став е најцврст досега и ја поддржува одлуката што ја донела Владата за влез во НАТО. Американската влада секогаш ќе реагира силно на секакви закани по стабилноста (на Босна)“.

Зборувајќи за Дејтонскиот договор лани во мај, бившиот претседател Бил Клинтон потсети дека „никој не сметал дека договорот е совршен“. Починатиот Ричард Холбрук, кој беше главен архитект на договорот, многу подиректно изјави дека „(станува збор за договор) склучен од страна на нетрпеливата американска администрација, која повеќе сакаше да ѝ се стави крај на војната отколку да се постават темели за градење стабилна држава“. За ова сведочат статусот на Босна како најсиромашна држава на Балканот, високата стапка на невработеност, разочараноста на народот и актуелната политичка криза. Договорот вклучуваше две главни цели, односно претставуваше правен договор со кој ќе ѝ се стави крај на војната и ќе служи како основа за градење стабилна и мирна држава. Сепак, самиот договор ја спречи Босна да ја оствари втората цел.

Додик е против НАТО и е за отцепување на Република Српска

Суштината на проблемот лежи во анексот 4 од договорот, кој беше основата за босанскиот устав и правно ги опфаќаше во многу аспекти етничките поделби меѓу завојуваните страни во граѓанската војна. Со него Босна беше поделена на два федерални ентитети, и тоа во едниот доминираат Србите, а во другиот Бошњаците и Хрватите. Покрај тоа, со него Босна се дефинираше како држава на три конститутивни народи (Бошњаци, Хрвати и Срби), но исто така и на сите граѓани. Државата има тристрано претседателство, со тоа што секој конститутивен народ има свој претседател и наедно истото тоа е ротирачко. Исто така, сите босански кантони мора да изберат најмалку еден член од секој конститутивен народ да биде нивен претставник без разлика на етничката припадност во кантонот. Ваквата етничка поделба е присутна во целиот босански политички систем, поради што етничката припадност на поединецот е поважна од националниот идентитет, а исто така го спречува напредокот на секаков национален идентитет и ја зацврстува политичката моќ, пред сè, во етничкиот идентитет и сите други прашања имаат секундарна важност.

Актуелната политичка криза во Босна е резултат на ваквиот устав и на политичката култура што беше вкоренета во државата. Не станува збор ни за ненадејна криза со тоа што потребата за реформи, која е на прво место по одлуката од 2009 година на Европскиот суд за човекови права со која се наложува Босна да го промени етничкиот начин на кој се избира претседателството и дел од законите, внатрешните протести од 2014 година за реформи, во кои беа запалени неколку владини институции, како и одлуката за случајот на Љубиќ од 2016 година за изборниот механизам за формирање на Народниот дом во Федерацијата Босна и Херцеговина што се спротивни на Уставот, беа предупредувачки сигнали дека Босна и меѓународната заедница се глуви на случувањата. Сепак, изборот за претседател на Милорад Додик, босанско-српски националистички моќник, кој доби американски санкции затоа што не го почитуваше босанскиот Уставен суд и го блокираше Дејтонскиот мировен договор, како и зачестените апели на хрватските националисти за трет и посебен хрватски ентитет во Босна со руска поддршка за двете групи е последниот чекор во погребувањето на американската поддршка за договорот.

Додик јасно ги кажуваше своите ставови, со тоа што отворено користеше говор на омраза против Бошњаците, бараше независност на Република Српска, ветуваше дека ќе спречи секакво спроведување на акциски план за членство на Босна во НАТО, велеше дека Босна не треба да постои како држава и инсистираше на ветувањето што ќе предизвика силни поделби дека „ќе работи само во интерес на Србите“. Додик и хрватските националисти се договорија за идна соработка на исполнување на нивните цели во една дополнително ослабена и етнички поделена Босна и што се против ставовите на останатото мнозинство на Босанци и нивните аспирации за понатамошна евроатлантска интеграција. Токму затоа Русија ги поддржува овие две групи. Русија го гледа Западен Балкан како ново бојно поле во неговата политичка војна со Западот и јасно го кажа нејзиниот став, а тоа е да ја спречи западната интеграција на Босна и да ги спречи амбициите за влез во ЕУ и НАТО. За таа цел, Русија ги поддржува националистичките актери во Босна што сакаат да ја ослабат моќта на централната босанска држава на разни начини.

Со Додик на власт, поддршката на Русија веќе почна да се исплаќа покрај влијанието на неговите говори за поделба на народот и ветувањата за босанската политика. Додик повторно го нагласи неговиот став Босна да не стане членка на НАТО откако го доби претседателството (негирајќи го консензусот меѓу трите претседатели потребен за напредок), даде предлози за дополнително децентрализирање на босанската држава и зајакнување на моќта на Република Српска, испрати протестно писмо до претседателот Доналд Трамп, во кое ги критикуваше САД затоа што го честитале претседателството на денот на независност на Босна и бараше да се повлечат 16 босански амбасадори и да се заменат со лично избрани просрпски кандидати.

Истовремено, откако го загуби претседателството од поумерен кандидат, хрватскиот националист сакаше да ги поткопа изборните резултати и ги засили апелите за трет хрватски ентитет во Босна. Иако САД и НАТО се трудат да ја насочат Босна кон амбициите на нејзиниот народ, многумина од нејзината политичка елита се повеќе од задоволни да видат колку далеку можат да ги користат политичките поделби пред државата да потклекне во нивна корист и токму Дејтонскиот мировен договор им даде можност за тоа да го остварат. Како што покажува состојбата на терен, додека Додик е на власт, идејата за Босна да стане членка на НАТО нема да се оствари иако напредокот што го постигна Босна по 1995 година е директно под закана на националистичките политичари што повеќе се заинтересирани да ги зајакнат нивните гласачки тела отколку целокупниот напредок на државата.

САД мора да соработуваат со ЕУ, ООН и, најважно, со босанскиот народ и нивните претставници во сериозните напори да ја реформираат државата, првенствено со повлекување на Дејтонскиот мировен договор и на легализираните етнички поделби. Додека власта се доделува по етничка линија, таа и натаму ќе создава етнички поделби. САД заедно со нивните партнери мора да работат на систем што успешно и рационално ги вклучува принципите на федерализмот, децентрализацијата и легитимното застапништво што ЕУ го бара како предуслов за влез. Мнозинството Босанци сакаат да влезат во ЕУ и во НАТО и ова мора да се искористи и да им се нагласи на политичките елити, кои имаат корист од актуелниот политички систем во Босна. Истовремено, САД мора да ја зголемат поддршката за граѓанското општество во Босна во период на финансиски хаос. Проектот за одржување на граѓанското општество на УСАИД веќе е претставен и е подготвен за проширување затоа што САД сакаат да ги вклучат Босанците во сите општествени нивоа. На крајот, САД мора да прифатат дека ова е долгорочна обврска во регионот за која е потребно време за да се реализираат промените. Националистичките ставови и погледи се вкоренети, а митовите за омраза се актуелни во реалноста во изминатите 25 години и нема да исчезнат прекуноќ, но ќе бидат потребни истрајни напори за трајно да се искоренат.

САД треба да се откажат од Дејтонскиот договор, кој стави крај на војната во 1995 година, но ги бетонира етничките
поделби во Босна, сметаат експерти