Според Бараковски, претседателот на ВФМ, Крушево, каде што од понеделник ќе се одвива 20-то ЕП во змејарство, класа 1 и осмото СП во змејарство, класа 5, е една од најпосакуваните дестинации за слободно летање со змејови и со параглајдери во Европа

Од понеделник до 21 јули легендарното Крушево вторпат ќе биде во фокусот на светската воздухопловна спортска јавност и домаќин на 20-то Европско првенство во змејарство, класа 1, и на осмото Светско првенство во змејарство, класа 5, во дисциплините крос-кантри. На овие двата настана, кои ја ставаат Македонија на мапата на најпосакувани дестинации за спортистите и љубителите на слободно летање, ќе учествуваат повеќе од 150 пилоти. Стартните локации ќе бидат на Мечкин Камен, а во регионот на Прилеп, с. Кривогаштани и регионот на Битола се предвидени местата за слетување и за цел на трките.
– Змејарството како спорт во Македонија се појави кон крајот на седумдесеттите години од минатиот век, а првиот клуб за слободно летање со змејови беше Хели, формиран во Народна техника во Скопје. Денес во Македонија има само еден клуб што се занимава со овој спорт, Крос кантри од Охрид, кој постои од 1992 година – ни изјави Владимир Бараковски, претседателот на Воздухопловната федерација на Македонија (ВФМ).
Според Бараковски, змејарството е вистински предизвик за секој пилот.
– Да се лета што повисоко и да се прелетаат што поголеми растојанија, тоа е вистинскиот предизвик на секој пилот на змеј или параглајдер. Најатрактивна дисциплина во слободното летање со змеј е кроскантри-летањето. Во кроскантри-натпреварите во летање, прелетите во трките можат да бидат со должина и до 300 км, а се мерат и должината и брзината на прелетот – вели Бараковски.
Светскиот рекорд во прелет со змеј изнесува 761 км. Меѓу позначајните остварувања на македонските змеј-пилоти се прво место на државното првенство во Бугарија 2003, прво место на државното првенство во Турција во 2004-та и двапати прво место на државното првенство во Грција, во 2012 и 2013 година. ВФМ ќе има само еден претставник на ЕП во Крушево, пилотот Никола Бараковски.
– Со оглед на тоа што македонскиот пилот ќе лета на домашен терен, кој добро го познава, постојат големи шанси да се најде во групата од првите 10 пилоти од 130 регистрирани од 27 земји од Европа – вели претседателот на ВФМ.
Според Бараковски, Крушево е една од најпосакуваните дестинации за слободно летање со змејови и параглајдери во Европа и пошироко, и тоа поради одличните метео-услови, феноменалната конфигурација на теренот, добрата патна инфраструктура до местото за полетување, безбедниот терен и гостопримливоста на крушевчани.