Градот Скопје и Министерството за култура заеднички ќе ја финансираат изградбата на скопската Универзална сала, која веќе две години е затворена за посетители. Предвидено е изградбата на новиот објект да почне во 2019 година, а со потпишувањето писмо за намери на челните луѓе на градот, Петре Шилегов и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, се дефинираа активностите за овој проект.
Градоначалникот Петре Шилегов истакна дека Универзалната сала е симбол на солидарноста и дека со години имало ветувања за реконструкција на објектот, но тоа не се случило. Градоначалникот додаде дека им ветил на златните славејчиња дека за јубилејниот 50. роденден ќе пеат во новата Универзална сала.

– Универзална сала треба да се врати каква што беше и таа повторно да претставува културно средиште на нашиот град. Изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и пристапност. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани со дополнителни содржини за други културни манифестации – изјави Шилегов.

Првиот човек на градот исто така посочи дека постојат неколку различни проекти за изгледот на Универзалната сала, но дел се недоразработени, дел се изведени надвор од постапка и процедура, со необезбедени финансиски средства, па затоа и поради нив Универзалната сала е во тешка финансиска состојба. Дополнително Шилегов посочи дека Универзалната сала како институција должи 200.000 евра за проект што е нарачан, а не се знае од кого и нема средства за негово плаќање. Тој најави дека при изработката на проектот ќе се најде најоптималното решение и ќе се врати старото име на салата, која денес е наречена конгресен центар „Александар Македонски“.

На средбата говореше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој смета дека објектот е од големо значење за остварување на јавниот интерес во културата и културните потреби на Скопје, но претставува културен центар на Република Македонија. Алаѓозовски посочи дека поради состојбата во која се наоѓа Универзалната сала нема соодветен простор за културно-уметнички манифестации за меѓу 1.000 и 5.000 луѓе.

– Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, Филхармонијата, Операта, Македонскиот народен театар и другите театри, излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност – заврши министерот за култура.