Кралевите“ се во третото европско финале по ред со победата над Баерн (2-1 и 2-2), а откако Зидан (45) е тренер уште не се елиминирани од ЛШ (девет победи во нокаут-фазата)

Реал Мадрид трета година едноподруго ќе игра во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал откако во полуфиналната пресметка го елиминира Баерн, со вкупен резултат 4-3 (2-1 во Минхен и 2-2 во вторникот во Мадрид). Двата гола за Реал ги постигна Карим Бензема, кој стигна до бројката од 55 гола во ЛШ, 11 сезонава. Головите за Баварците ги постигнаа Џошуа Кимих и Хамес Родригез, но решавачки момент на мечот беше кардиналната грешка на голманот на Баерн, Свен Улрих, кој практично му ја подари топката на Бензема при постигнувањето на вториот гол. Противник на Реал во големото европско финале на 26 мај во Киев ќе му биде подобриот од двомечот Рома – Ливерпул (реваншот се играше синоќа, а во првиот меч Ливерпул дома победи со 5-2).

„Кралевите“ 16-ти пат ќе играат во финале на Купот на европските шампиони (КЕШ) или ЛШ и ќе се обидат да ја освојат третата титула во низа, вкупно 13-та европска титула во клупската историја. Последен тим што трипати едноподруго бил во европско финале е Јувентус, во 1996, 1997, 1998 година, но со само еден триумф (1996-та). Во три финалиња едноподруго, во 1993, 1994 и 1995 година настапи и Милан, но исто така победи само еднаш, во 1994-та. Со три финалиња едноподруго во КЕШ, во 1961, 1962 и 1963-та, и со двете титули (1961 и 1962-та) може да се пофали и Бенфика. Во ерата на КЕШ Реал освои пет европски титули во низа, од 1956 до 1960 година. Во 70-те години од минатиот век Ајакс трипати едноподруго беше првак (1971, 1972 и 1973), по што славеше Баерн (1974, 1975 и 1976 година).

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, со третото финале по ред се израмни со Марчело Липи, предводникот на Јувентус во финалињата пред дваесетина години.
– Реал е клуб со голема и славна историја, ЛШ е во неговата ДНК, сега и ние испишуваме нови страници. Реал никогаш не се откажува. Во дуелот против одличниот Баерн имавме многу тешкотии, но верувавме во себе и поради тоа, како и поради големата борбеност, излеговме како победници. Во финалето сме, но уште ништо не сме освоиле – изјави Зидан.

Реал со Зидан (45) на тренерската клупа уште не е елиминиран во ЛШ и забележа девет победи во нокаут-фазата во последните три сезони. Во минатите 2,5 сезони како тренер на Реал тој освои осум трофеи (по два во ЛШ, за клупското СП, во Суперкупот на УЕФА, во првенството на Шпанија и во шпанскиот суперкуп). Зидан и како фудбалер на Реал, во 2002-та беше првак на Европа.

Зидан може да стане првиот тренер со три титули европски првак во низа. Три трофеи како тренери имаат само Боб Паисли со Ливерпул (1977, 1978 и 1981) и Карло Анчелоти со Милан (2003 и 2007) и со Реал Мадрид (2014).
Пласманот на Реал во финалето не е неочекуван, но многумина сметаат дека „кралевите“ се најсреќниот тим. Главните забелешки одат на сметка на Зидан, главно поради лошите игри сезоната во шпанската Ла лига во која последната деценија доминира Барселона со седум титули (Реал има само две, а еднаш првак беше Атлетико). Оттаму и шпекулациите дека е доста извесно оти Зидан ќе добие отказ и доколку ја освои третата европска титула.