Во силниот земјотрес што ја погоди Албанија се повредени најмалку 105 лица, оштетени се повеќе од 290 куќи, а на 20 станбени згради се појавиле пукнатини, покажуваат податоците изнесени на вонредната седница на албанската влада, пренесе агенцијата АТА.

Потресот во саботата најмногу е почувствуван во Тирана и во Драч, а сите повредени лица се згрижени во тамошните болници.
Во текот на ноќта во реонот на Јадранско Море се забележани повеќе од 60 мали потреси.

Министерката Олта Џачка посочи дека главно е регистрирана само материјална штета.
– За среќа, немаше жртви. Застрашувачки и небезбеден момент. Ќе дадеме сѐ од себе за да ги сместиме погодените. Ќе направиме добра работа сите ние за подобро информирање и за да не ја пропуштиме потребната грижа. Што побрзо ќе формираме групи за процена за да се обезбеди дека секој ќе биде обесштетен – рече Џачка.
Префектката на Тирана Сузана Јахолари информира за сите преземени активности, формирање центри за сместување, поставување шатори, распределба на ќебиња, вода и потребна здравствена услуга.

– Моментално се работи на терен за евидентирање на оштетените објекти. Оштетени се 244 куќи и 20 станбени згради. Евидентирањето продолжува – рече Јахолари.
Според нејзиниот колега од Драч, Роланд Насто, досега како оштетени се регистрирани 188 куќи, 9 станбени згради и две училишта. Од 56 лица што побарале лекарска помош 21 биле со скршеници.

Министерството за образование и наука соопшти дека утре наставата продолжува нормално, бидејќи не се регистрирани поголеми оштетувања врз училишните објекти.