Од осум смртни случаи во Европа еден е поврзан со загадената животна средина, а загадениот воздух, особено во зимскиот период, е заеднички проблем за целиот Балкан и е најчестата причина за големата смртност на граѓаните во услови кога владее пандемијата на ковид-19

Европската комисија ќе отвори постапка за Бугарија и за Грција пред Судот на правдата на Европската Унија, откако двете земји со години ги надминуваа границите на загадувањето на воздухот и покрај повеќе предупредувања. Комисијата во четвртокот соопшти дека ќе ја упати Бугарија до највисокиот суд на ЕУ за надминување на законските ограничувања на честичките од 2015 до 2019 година, дури и откако судот ѝ нареди на Владата на земјата да го реши ова прашање во 2017 година. Бугарија може да се соочи со финансиски казни за непочитување на претходната пресуда. Бугарија е еден од најтешките прекршители во Европската Унија во однос на надминување на годишните и дневните граници на штетни честички во воздухот, пренесе „Екатемерини“.
Судските постапки против двете балкански држави се последните во низата правни дејства на ЕУ во врска со слабиот квалитет на воздухот во земјите на Унијата. Претходно, предмети се отворени и за Франција, Италија и за Романија, бидејќи Брисел се обидува да го намали емитувањето на штетните гасови, што го загрозуваат здравјето на луѓето. Законите на ЕУ наложуваат земјите да го ограничат загадувањето со штетни честички од 2005 година. Сепак, повеќето од 27-те членки на Унијата годинава нема да ги исполнат предвидените цели во справувањето со нечистиот воздух.

Во однос на Грција, Европската комисија отвори постапка пред европскиот суд поради надминување на границите на штетни честички во градот Солун. Досега напорите на грчките власти беа незадоволителни и недоволни, се наведува во текстот на грчкиот весник „Катимерини“.
Загадувањето на воздухот е најголем ризик за здравјето на животната средина во Европа. Честичките придонеле за околу 379.000 предвремени смртни случаи во 2018 година во ЕУ, иако ова било за 13 отсто пониско отколку во 2009 година, соопшти Европската агенција за животна средина во неодамнешниот извештај. До највисокиот суд на ЕУ е упатена и Полска поради неуспехот да ги заштити шумите и дивиот свет што живее во нив.
Од осум смртни случаи во Европа еден е поврзан со загадената животна средина, а загадениот воздух, особено во зимскиот период, е заеднички проблем за целиот Балкан. Епидемиолозите и здравствените експерти го сметаат нечистиот воздух и за еден од главните фактори за големата смртност кај заболените лица од ковид-19. Во извештаите на европските институции меѓу државите со висока смртност поради загадувањето се: Албанија, Босна и Херцеговина, Романија, Црна Гора и Србија. Македонија, исто така, има сериозни проблеми со загаденоста на воздухот, а поголемите урбани центри (Скопје, Тетово, Битола…) се меѓу балканските градови во кои жителите дишат нечист воздух.

Проблемот со неквалитетниот воздух, со кој се соочуваат повеќето балкански држави, е забележан и во извештаите на Европската комисија, која сака да го вклучи и регионот во остварувањето на нивниот план за декарбонизација на европскиот континент до 2050 година. За тоа е изработена и Зелената агенда за Западен Балкан со која треба да се ограничи употребата на цврсти горива, јаглен во индустријата и во производството на електрична енергија и за домаќинствата, како и намалување на загадувањето со издувните гасови од старите автомобили, кои се наведени како главни фактори за загадувањето во државите од Западен Балкан.
Прашањата што се отвораат се однесуваат на тоа дали земјите од Балканот се целосно подготвени за справување со загадувањето, за што е неопходен и заеднички регионален пристап, особено во услови на голема економска криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Со потпишувањето на Софиската декларација за Зелената агенда за Западен Балкан, земјите од регионот се обврзаа на конкретна акција, вклучувајќи и воведување такси за емисијата на јаглерод диоксид и пазарен модел за поттикнување за користење обновливи извори на енергија, како и постепено укинување на субвенциите за јаглен. Договорните страни од Енергетската заедница, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Македонија и Србија, се обврзаа заедно со ЕУ за остварување на целта во 2050 година Европа да биде климатски неутрален континент.

Во таа насока во македонското собрание е формирана интерпарламентарна група од 39 пратеници од девет политички партии, кои преку подобри законски решенија ќе се борат против загадувањето и климатските промени. Ова е прв посериозен исчекор за заеднички настап на партиите во борбата против загадувањето, во рамките на остварувањето на европската Декларација за Зелена агенда за Западен Балкан, која беше промовирана и од Европската комисија.