Површина: 102.775 квадратни километри
Население: 332.529 жители
Главен град: Рејкјавик

Самото име на државата, земја на мразот, ви кажува сѐ што би требало да знаете за Исланд, но не дозволувајте студот да ве уплаши. Иако државата географски се наоѓа во близината на арктичкиот круг, температурите често се повисоки и од оние во Њујорк, на пример.

Исланд е идеално место од каде што можете да ја набљудувате поларната светлина, а најдобар период за тоа е од септември до април, поради што туристите повеќе го посетуваат во овој период отколку налето.
Овде можете да се опуштите во геотермалните бањи, каде што водата, богата со сулфур и силициум, со просечна температура од 36 степени, е кристално сина и има лековити својства. Наедно, можете да уживате во погледот на вулканите покриени со снежна покривка. Еден од најпознатите базени е Лаугардаур парк, во близината на Рејкјавик.

Земјата на огнот и мразот располага со 7.200 квадратни километри глечери, па не е можно да не застанете на парче ледена површина. Исто така можете да се искачите и на некој вулкан, во рамките на организираните посети за туристи.
Една од задолжителните дестинации е националниот парк Тингвелир, заштитен од УНЕСКО како светско природно наследство. Тука се наоѓа и езерото Тингвалават и Силфра, пукнатина што ги привлекува нуркачите, бидејќи е меѓу американската и европската тектонска плоча.
Интересно е и езерото Миват, со неговото прекрасно опкружување, во чија близина е и вулканот Крафла.

Во водите што го заплиснуваат островот можете да уживате во набљудувањето на над 20 вида кита, што е незаборавно доживување.
Тука дури 37 отсто од населението веруваат дека постојат виленици, или како што ги нарекуваат „скриен народ“, а многу семејства дури градат мали дрвени куќарки за нив во своите дворови. Во Рејкјавик е отворено и школо за виленици, каде што можете да добиете одговори на сите прашања на оваа тема, да дознаете како изгледаат 13-те типа на „скриениот народ“ – разни гномови, вили,тролови, а ќе ви раскажат луѓе што тврдат дека имале блиски средби со овие суштества
Се разбира, храната главно се базира на морски плодови, а специјалитет се јадења од месо од ајкула.