Фото: Дарко Андоновски

Она што е хроничен проблем, не само кај нас туку и во регионот, е што партиите откога ќе ја освојат власта, во значаен дел, забораваат на своите програми. Во истиот контекст, што се однесува до прашањето за заштита на животната средина, граѓаните досега ретко организирано и ефикасно ги изнесувале еколошките барања пред одредена партија или, пак, пред власта, било локална или централна. Еколошките проблеми не чекаат никого. Тие се развиваат и се зголемуваат доколку не се реагира соодветно, и тие мора да се решаваат

Проблемите во нашата животна и работна средина сѐ повеќе се присутни и ни го усложнуваат и значајно ни го комплицираат животот. Затоа се и погласни барањата на граѓаните, власта на сите нивоа низ јавните политики да бара решенија за тоа.
Во поширок контекст, во општеството функционираат низа помалку или повеќе свесни елементи преку граѓански иницијативи или невладини организации, но она што треба да ја чини острицата на алатката со која ќе се решаваат еколошките проблеми кај надлежните органи – ја нема!

Факт е дека низа години имаме дефицит на свесна, фокусирана општествена дејност со која ќе бидат во целост или во голем процент решени галопирачките еколошки проблеми и ќе се унапреди животната средина. Токму соочувањето со еколошките кризи (кои рака на срце ги имаме перманентно, од зимските загадувања на воздухот до летниве пожари), како и досега анемичните обиди тие да се решат, го создаваат историскиот момент да се конституираат силни јавни (на власта), и партиски еколошки политики. Колку екологијата како тема реално и високо котира во јавните политики (или, пак, во партиските програми) или е тоа само борба за рејтинг или за добивање гласови?

Еколошки политики во партиските програми и нивното остварување

На парламентарните избори во 2016-та, и на локалните избори во 2017-та, во медиумите беа регистрирани голем број предизборни ветувања, кои ѝ беа презентирани на македонската јавност, во поглед на заштитата од загадувањето на воздухот, почвата, водите, подобрување на еколошките стандарди и слично.
Актуелната власт предводена од СДСМ, тогаш кога беше во опозиција, во изборната програма предвиде група мерки за намалување на загаденоста на воздухот, како и за други низа сериозни еколошки предизвици. Но генералната оцена е дека по стапувањето на власт и по истекувањето на речиси поголемиот дел од мандатот, малку од тоа СДСМ воопшто и исполни.

Слични резултати на ова поле и покрај ветувањата пред електоратот има и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, која многу малку оствари од нејзините заложби за зелени покриви, за енергетски ефикасни објекти, финансиски грантови и субвенции за еколошки проекти.
Освен овие двајца големи политички играчи на домашната сцена, со години е активна и партијата, пак, која држеше пресинг во врска со еколошките прашања, станува збор за партијата Меѓутоа, во делот од ефикасно трансформирање на партиските еколошки политики во јавни политики за зачувување и унапредување на животната средина, зелената боја на ДОМ значително избледи.
Појавата на нови партии на политичката сцена од кои некои сѐ уште се во зародок, очигледно констатирале дека навистина е сѐ поблиску поддршка и преку освојувањето на власта ќе ги трансформираат во ефикасни јавни политики врзани за животната средина.

На пример, еден од иницијаторите на партијата за која се зборува на социјалните мрежи, Твоја партија, адвокатот Александар Тортевски, истакна дека екологијата е многу битна за неговата партија бидејќи тоа веќе не е прашање на елита и размислување на мал број луѓе, веќе тоа е прашање на опстанок. Тортевски најавува дека доколку неговата партија се најде во позиција да ја креира државната политика екологијата мора да биде врвен приоритет, а Твоја партија ќе се ангажира за заштита на државниот дрвен фонд, заштита на ерозијата на земјиштето и намалување на загадувањето.

Еко-Темите се сѐ погласни во јавноста

Политичките аналитичари со кои се консултиравме велат дека екологијата е повеќе рефлексија на некаков тренд однадвор и дека кај нас е само декларативна. Во основа, тие низ „еден сурово искажан став“, тврдат дека партиите ловат гласачи имитирајќи ги светските елити, а во практика за разлика од оние во светот не спроведуваат апсолутно ништо од она што го ветиле.
Синиша Пекевски, политички коментатор и пиар-експерт, вели дека екологијата е врвен приоритет за Македонија, ако се знае дека во топ најзагадените градови во светот редовно се вбројуваат Скопје, Тетово, Куманово и други. Според него, ниската еколошка свест е одраз на нискиот степен на развој на општеството, државата и економија, па поради тоа и самата земја не може да си дозволи правилно и темелно да се справи со овие еколошки проблеми.
Според Пекевски, кај нас граѓаните прво се грижат за економско преживување, игнорирајќи го притоа еколошкото дејствување, но тоа никогаш не ги спречува политичарите да ветуваат кај електоратот нешто од оваа област што тешко може да се исполни.

– Партиите оваа тема во Македонија ја третираат декларативно и популистички. Тие на митинзи и протести говорат со жар по овие прашања, а кога ќе дојдат на власт го занемаруваат нивното решавање. Сѐ се сведува само на демагогија за да се допре до оние со поразвиена општествена и интелектуална свест, а во практика никој од нашите политичари ниту се грижи за овие теми ниту пак нешто конкретно и видливо направил за да ја подобри состојбата – заклучува Пекевски.
Слично размислува и политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој вели дека додека граѓаните и граѓанските организации го толерираат ваквото однесување на партиите, државните функционери преку празни ветувања ќе седнуваат на функционерски фотелји.
Според Стефаноски, кај граѓаните мора да се создаде критична маса на луѓе што на избори еднакво ќе ги казнуваат со гласање сите политичари од сите партии што не ги исполниле овие ветувања.
Во меѓувреме, еколошките теми во јавноста се сѐ погласни, а во внатрепартиските дебати се сѐ пофреквентни. Јавните политики се сѐ попропустливи за предлози и ефикасни алатки и механизми за зачувување и унапредување на животната средина. Останува уште токму таа животна средина да биде унапредена за граѓаните.

[email protected]