Нашите пријатели, третоодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“ од Скопје, неодамна направија интересен проект заедно со одделенската наставничка Роза Василевска. Сакајќи ова свое искуство да го поделат со сите читатели на „Колибри“, во писмото што ни го испратија ни објаснија за што станува збор.
„О, златеста убавице, о прекрасна есен! Твоето неизмерно богатство ти што ни го даваш, нѐ прави многу среќни! Овошје, зеленчук, дождови и ветрови, сѐ што е најпотребно за ова време во годината.

Ние, учениците од 3-в одделение, при основното училиште ’Јан Амос Коменски’ од Скопје, те обожаваме, о драга есен! Твоите листови ни го послаа целиот двор и го красат како најубав шарен килим. Но ние, децата од нашето одделение, исто така со голема радост плетевме венчиња од твоите лисја. Плетенките нежно го красат паното во нашиот хол и тој заблеска во есенски сјај. Ви испраќаме фотографии да видите колку се убави нашите венчиња во есенски бои.

Еве, нашата креативност порасна и создаде лик на есенската убавица, дури дождот тивко лее, а ветрот песна пее, ние тивко, тивко ја испраќаме златната есен. Знаеме дека зимата во прегратки ни иде.
Па така нека биде! Така нека биде!“

Одделенски наставник:
Роза Василевска и Славе Павловски