За срамот во нашето секојдневие

Во овие секојдневни случувања на општествен план многу често се фаќаме со размислата: „Па, нели им е срам! Да се засрамат од она што го направиле!“ Во таа насока денешниов напис ќе го посветам на мала психолошка анализа на срамот.
Срамот, по дефиниција, претставува непријатна самосвесна емоција, која е асоцирана со негативна процена на себеси, немање мотивација, чувство на вознемиреност, изложеност, беспомошност и безвредност.

Срамот вообичаено има негативен набој, но тоа како да помага да се дефинираат границите за евентуален позитивен исход, секако само во некои случаи. Тој спаѓа во основните социјални или морални емоции и ги спречува луѓето да прават лоши работи. Фокусот на срамот е индивидуален, т.е. во себе и кон себе, и речиси е единствената емоција што не се доживува групно. Срамот може да се окарактеризира како црта на личност (да се биде склон кон срам) или како емоционална состојба (сега и овде).
Вообичаено, доживуваме срам кога сме ги нарушиле социјалните норми на кои им веруваме и ги почитуваме. Во тој момент се чувствуваме понижено, изложени и ситни спрема другите, неспособни да гледаме во другиот директно во очите. Како да посакуваме тлото под нас да се раствори и ние да потонеме некаде…

Срамот прави самите да се доживуваме во негативно светло, како да сме виновни за некоја одредена акција, за што преземаме лична одговорност. Потврдено е дека жените, особено адолесцентите, побрзо доживуваат срам од мажите, и тој предизвикува помало самопочитување или дури депресија. За тоа како влијае срамот на менталното здравје и однесувањето се направени некои нови истражувања. За да се почувствува срам, неопходно е личноста да биде свесна дека ги погазила нормите. Во таа насока, нормите треба да бидат посакувани и обврзувачки, зашто само со тие предуслови некој може да ги наруши и да се почувствува навистина непријатно. Понекогаш дури не е неопходно да има пред нас некоја друга личност, доволно е ние да си замислиме дека сме пред друг и да претпоставиме какво би било неговото просудување. Она што родителот го вели „Зарем не се срамиш од тоа?“ останува интернализирано како норма и очекување и нѐ води низ животот, онака како што родителите нѐ воделе во детството и понатаму, во адултната доба.

Истражувачите на оваа тема заклучиле дека оние луѓе што се склони кон срам (мислам на срам како предиспозиција или црта на личност) многу често имаат ниско самопочитување. Со други зборови, малите нивоа на самопочитување можат да нѐ штитат од ексцесивни чувства на срам. Од друга страна, срамот може да го зголеми ризикот од други психолошки проблеми, на пример од депресија, што е потврдено во многу понови истражувања. Исто така, ова чувство предиспонира кон анксиозни растројства, што е потврдено во истражување објавено во 2010 година.
Половата различност исто така била тема на истражување за срамот. Потврдено е дека мажите и жените различно го манифестираат срамот, но исто така и возраста влијае на ова чувство. Адолесцентите се многу повеќе склони кон доживување срам одошто другите возрасни групи, па така тој се намалува околу 50-та година, за подоцна повторно да се интензивира. Овие наоди говорат дека срамот е во функција со развојот на личноста и идентитетот. Срамот се смета како резултат од еволуцискиот подем на луѓето.

Иако срамот и чувството на вина многупати се сметаат за синоними, тие не се идентични. Додека срамот го намалува, чувството на вина предизвикува социјално адаптивно однесување. Разликата е во тоа што кога чувствуваме срам ние самите себеси се гледаме во негативна светлина, додека кога чувствуваме вина, ние нашата акција ја гледаме негативно (Јас направив нешто ужасно!) Значи, конкретно нашата акција го повредила некого, па затоа ние се чувствуваме одговорно и виновно. Ова чувство на вина прави да се фокусираме на емоциите на другите околу нас.
Личноста што е склона кон срам, на пример, ако задоцни на работа по една бурна пијана вечер, ќе си мисли: „Јас сум губитник, не можам да се справам со двете работи“. Додека онаа што е склона кон вина ќе мисли: „Јас се чувствувам лошо зашто доцнам, јас им штетам на моите соработници“. Срамот е болен и го нарушува чувството за себе, може да предизвика самопоразителен циклус и негативен афект.

Вината исто така е болна, но помалку онеспособувачка отколку срамот и може да ја мотивира личноста во позитивна насока, за да се репарира она што е направено.
Вината е знак дека личноста може да биде емпатична, и како црта на личност е битна за способноста да се гледа од некоја друга перспектива, да се биде алтруистичен и близок со некого. Навистина, ние чувствуваме вина само кога можеме да се ставиме во нечии туѓи чевли и да препознаеме дека нашата акција ѝ нанела болка и повреда на некоја друга личност. Оние луѓе што не се емпатични не можат да чувствуваат вина. Тоа го има во раното детство во егоцентричната фаза на развојот. Вината нѐ закочува во повредување на другите и нѐ поттикнува нашите релации да ги правиме такви за заедничко добро. Кога се чувствуваме виновно, исто така избегнуваме да гледаме во очите на другиот и бараме стратегии да ја намалиме штетата што сме му ја нанеле на другиот. Кога сме засрамени, вниманието го насочуваме кон себеси, фукусирајќи се на емоциите што протекуваат во нас самите и помалку внимаваме на тоа што се случува околу нас.

Се разбира, и срамот и вината може да се појават заедно во одредени моменти. Вината е тригер за срамот кај многу луѓе, зашто постои дискрепанца помеѓу стандардите кон кои тие се стремат и акциите што ја предизвикале вината. Поврзаноста помеѓу вината и срамот расте со интензивирање на нашето намерно лошо однесување. Срамот, исто така, се зголемува ако личноста е повредена од нашите акции на отфрлање или прекорување.
Раѓањето на срамот се поврзува со библиското предание за Адам и Ева, кои се засрамиле кога се виделе голи во моментот кога се побуниле против бога и каснале од забранетото дрво на знаењето. Во тој момент зеле листови од дрвото и ја покриле сопствената голотија. Библиското толкување на голотијата како срамна е длабоко вкоренето во социјалните норми и правила што ги детерминираат хуманата физичност и сексуалност.

Со текот на еволуцијата сепак е постигнато вината полесно да се надминува одошто срамот, делумно затоа што нашето општество нуди многу начини за надминување, како што се извинувањето, лежењето в затвор или плаќањето казна. Некои религиозни ритуали, како што е исповедувањето, исто така може да помогнат да се справиме со вината. Но срамот има многу посилна реална моќ, многу е полесно да се извиниш за некое дејство отколку да се прифатиш себеси.
Како и да е, можеме да заклучиме дека срамот е многу деструктивна емоција. Затоа, родителите, учителите, судиите и другите што сакаат да произведат конструктивно поведение треба да внимаваат да не предозираат засрамување кај луѓето.
Сепак, и двете емоции како да се длабоко потиснати кај нас, во овие бурни времиња низ кои чекориме. Понекогаш мислам дека намерно треба да се предизвикаат за да се постигне позитивен ефект.

(Авторката е педијатарка и психолог)