Модната индустрија продолжува да ги снабдува потрошувачите со најновите трендови, односно поради брзиот обрт на модата, секоја година се трошат околу 80 милијарди парчиња облека, волумен што неминовно остава голема дамка врз нашата планета

Во нашиот плакар има секаков вид облека, од кожени јакни до лесни памучни фустани, но дали навистина сме запознаени со тоа како нашите омилени модни парчиња може да влијаат врз животната околина и што ние како потрошувачи можеме да направиме за да помогнеме?
Модната индустрија продолжува да ги снабдува потрошувачите со најновите трендови, односно поради брзиот обрт на модата секоја година се трошат околу 80 милијарди парчиња облека, волумен што неминовно остава голема дамка врз нашата планета.
Според Програмата за управување со отпад и ресурси, добротворна организација што соработува со владите, деловните субјекти и со заедниците за подобрување на ефикасноста на ресурсите, секоја година, облека во вредност од приближно 140 милиони фунти завршува на депонија. Во врска со тоа консултантката за еколошка мода и активистка Алис Вилби започна кампања што бара од властите да преземат итна акција за климатските промени.

– Ваков вид злоупотреба на парчињата облека резултира со губење совршено употребливи ткаенини, кои полека испуштаат токсини во земјата, а тоа придонесува за создавање емисии на метан во воздухот. И тоа не е сѐ, до 2050 година се предвидува модната индустрија да користи 25 отсто од светскиот буџет за јаглерод, со што ќе стане една од најзагадувачките индустрии во светот по нафтата – вели Вилби за „Индипендент“.

Кога станува збор за заштита на животната средина, еден од најефикасните начини на кои луѓето можат поединечно да имаат позитивно влијание врз планетата е да избираат ткаенини што се одржливи. Вилби објаснува дека има многу фактори што влијаат врз одржливиот состав на ткаенината, од тоа колку вода или енергија е потребно за нејзино производство, каде во светот се произведува, па и како влијае производството на биолошката разновидност.
Во ткаенини што имаат негативно влијание врз животната средина се вбројуваат памукот, синтетиката и преработените животински материјали. Памукот е природна ткаенина, која може да се биоразградува, но, од друга страна, пак, процесот за негова обработка е доста сложен.
– Потребно е големо количество вода за да се обработи и произведе памукот. На пример, за да се направат еден пар фармерки се потребни помеѓу 10 и 20 илјади литри вода, или околу 3.000 литри за една маица. Исто така, при одгледување на памукот се користат високи нивоа пестициди и токсични хемикалии што навлегуваат во земјата и во системот за снабдување со вода. Од тие причини, памукот како култура може штетно да влијае како врз луѓето, така и врз планетата уште и пред да се претвори во облека – објаснува Вилби.

Иако синтетичките влакна не бараат земјоделска обработка и не се користи вода за нивно производство, тие влијаат негативно на животната средина на други начини. Синтетичките ткаенини најчесто се произведуваат од нафта и го сочинуваат 63 проценти од производството на материјали во текстилната индустрија. Ткаенините од синтетика најчесто се составени од полиестер, најлон и акрил.
– Настрана влијанието врз животната средина направено за време на екстракцијата, производството и испораката на синтетичката облека, употребата на фосилни горива носи со себе и други штетни проблеми, вклучувајќи и излевање на нафта, емисии на метан и нарушување на дивиот свет, како и загуба на биолошката разновидност – истакнува Вилби.
Во животински преработени ткаенини спаѓаат кожата, волната и крзното. Според Вилби, кожата е одговорна за испуштање големо количество метан. Метанот е најмалку 20 пати посилен од стакленичкиот гас, како што е јаглерод диоксидот.
При преработката на волната и крзното за тие да се зачуваат и да траат подолго, честопати се користат токсични хемикалии, кои можат да ја загадат водата, да предизвикаат катастрофално загадување на воздухот и дополнително да влијаат врз здравјето на луѓето што живеат покрај вода. Во случај, пак, кога ткаенините што се добиени врз база на протеини, како што е волната, се произведуваат без користење штетни супстанции, тие може безбедно да се биоразградуваат.

Ткаенини што позитивно влијаат врз животната средина се оние што може да се рециклираат, ткаенини од рачно изработена целулоза, како и ткаенини изработени од растителни влакна. Во последно време сѐ повеќе расте бројот на модни дизајнери што употребуваат рециклирана волна, памук и синтетички ткаенини во своите колекции. За да станеме еколошки посвесни за зачувување на планетата, активистите веруваат дека модната индустрија мора да престане да ги користи постојните ресурси и, наместо тоа, да почне да го користи и рециклира она што веќе го има, за да се произведат нови видови материјали.
Ткаенините што се изработени врз база на целулоза се оние што се добиваат од растителни материјали. Овој материјал може директно да се добие од растенијата, исто како памукот или, пак, може хемиски да се третира за да се преработи и произведе целулоза. Доколку целулозата се произведе без притоа да се користат штетни хемикалии, тогаш ткаенините добиени од целулоза може безбедно да се биоразградуваат. Ткаенини изработени од растителни влакна се оние што се добиени од растенија со стебло што се состои од дрвенесто јадро и влакнеста кора, како што се коноп, лен, коприва и јута. Конопот се смета за една од најдобрите алтернативи на памукот, затоа што за него се користи многу помалку вода, може да се одгледува во различни средини низ целиот свет и може да расте без потреба од пестициди.