Фото: Маја Јаневска-Илиева

Советот на Светската ракометна федерација (ИХФ) ги одреди Франција, Норвешка и Германија за домаќини на машките олимписки квалификациски турнири за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година. Турнирите треба да се играат од 17 до 19 април в година. Доколку една од овие земји стане првак на Европа на првенството во јануари, и така обезбеди директен пласман на ЛОИ, тогаш нејзиното место како организатор на квалификациски турнир ќе го заземе Хрватска.

Така, бидејќи групата во која домаќин е Норвешка е веќе пополнета (ќе играат уште и Шпанија, Чиле и Ј. Кореја, објави ИХФ), се претпоставува дека Македонија, ако се пласира во квалификациите, ќе игра на турнир во Германија или во Франција (или во Хрватска, ако дојде до измена со идниот европски првак).

На ЛОИ 2020 ќе играат вкупно 12 репрезентации. Директен пласман имаат домаќинот, Јапонија, светскиот првак Данска и прваците на континенталните шампионати од Европа (ќе се знае во јануари), Азија (Бахреин), Африка (првенството е во јануари) и од Северна и Јужна Америка (Аргентина). Другите шест места ќе се пополнат со трите квалификациски турнири на кои место ќе има за репрезентациите што се пласираа од второто до седмото место на Светското првенство (СП) годинава (Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Франција и Норвешка) и уште за по две најдоброрангирани од континенталните првенства во Европа и во Африка (Ј. Кореја и Чиле ги пополнија местата од Азија од Северна и Јужна Америка), а кои не се од редот на тие што веќе обезбедиле место во квалификациите.

Така, Македонија на ЕП треба да биде една од двете најдобропласирани репрезентации што преку СП 2019 веќе немаат обезбедено пласман на ЛОИ или играње во квалификациите. Тоа би значело сите седум репрезентации што обезбедија пласман (директен или во квалификациите) преку СП да бидат меѓу најдобрите седум и на ЕП, а Македонија потоа да биде најмалку осма или деветта. Или, Македонија да има подобар пласман од осмото место на ЕП, ако некоја од седумте од СП не се пласира до седмото место.

Потоа, за пласман на ЛОИ 2020 ќе се организираат три турнири со по четири репрезентации, а најдобрите две од секоја група ќе играат во Токио. Во случај некоја од шесте најдобропласирани селекции на СП 2019 (Норвешка, Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Шпанија) да стане европски првак, тогаш ќе дојде и до измена на составите на квалификациските групи, оти новиот првак ќе игра директно на ЛОИ. Така, на пример, ако Норвешка биде европски првак, тогаш нејзиното место во квалификациската група за ЛОИ ќе го заземе Франција, местото на Франција ќе го земе Германија итн.

Македонија во квалификациите за ЛОИ 2012 во Лондон играше на турнир во Шведска, против домаќинот, потоа со Унгарија и со Бразил и го освои четвртото место, без бодови. На турнирот за пласман на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро црвено-жолтите се најдоа во групата со домаќинот Полска, Тунис и со Чиле и го освоија третото место со два бода. 


МОЖНИ КВАЛИФИКАЦИСКИ ГРУПИ ЗА ЛОИ
Група 1: Норвешка, Шпанија, Чиле, Ј. Кореја
Група 2: Франција, Хрватска, втор тим од Африка, втор тим од Европа
Група 3: Германија, Шведска, прв тим од Европа, трет тим од Африка