Фото: Игор Бансколиев

Селекторот Данило Брестовац побара од РФМ да обезбеди услови за три кратки собири на кадетите пред СП во август

Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, настапот на Македонија на Светското првенство (СП) во Германија и во Данска и пласманот на 15-то место ги оцени како неуспех. Во пресрет на двата најважни натпревара во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП), против Турција и Грција, на 12 и на 16 јуни, во вид на мотивација, за ракометарите ќе биде обезбедена премија од 40.000 евра за освојување на првата позиција во групата 3, односно 30.000 евра за освоено второ место, одлучи управниот одбор (УО) на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на вчерашната седница.

Селекторот на сениорската и на кадетската репрезентација на Македонија, Данило Брестовац, побара од РФМ да обезбеди услови за три кратки собири на кадетите. Тоа би биле седумдневните подготовки во Струга (од 10 до 17 јули), десетдневните во Маврово (од 20 до 30 јули), по што би следувале завршните тренинзи во Скопје, пред почетокот на СП чиј домаќин ќе биде Македонија, од 6 до 18 август. Ждрепката за СП ќе се изврши на 29 мај во Базел.

Сашо Србиновски повторно ја доби довербата да ги предводи македонските национални тимови во машка и во женска конкуренција во ракомет на плажа, кои летово (од 2 до 5 јули) ќе настапат на Европското првенство (ЕП) во Полска.

Србиновски за свои помошници ги одбра поранешните ракометари и членови на репрезентациите во ракомет на плажа, Наум Танески и Тања Андрејева.

На седницата на УО беа назначени и селектори на најмладите по возраст категории ракометари, кадети и пионери. Улогата на селектори на генерацијата 2002/2003 ја добија Никола Матлиески и Благојче Весиќ, а за генерацијата 2004/2005 беа назначени Раде Стојановиќ и Кире Атанасовски.