За планетата Земја, пандемијата на ковид-19 и Македонија

Во својата анализа претседателот на МАНУ се осврнува на спрегата помеѓу справувањето со пандемијата и владеењето во Македонија. Академик Коцарев ги отвора и предизвиците за Македонците во соочувањето со биолошката и духовната смрт. Имено, духовното постоење на Македонците може да се оправда само преку повеќевековното постоење на македонскиот јазик и македонската нација, не само на територијата на денешна Македонија туку и пошироко. Така, за духовната смрт на Македонците се вели дека особено може да биде предизвикана и од таканаречените „процеси“ на ЕУ-интеграциите, нагласува Коцарев

По предлог на Карл Сеган (Carl Sagan), на 14 февруари 1990 година, на оддалеченост од околу 6,4 милијарди километри и приближно 32 степени над еклиптичката рамнина, вселенската сонда Патник 1 (Voyager 1) направи фотографија на нашиот свет. На фотографијата, Земјата се појавува во центарот меѓу расфрланите светлосни зраци (резултат на фотографирањето во близината на Сонцето) како бледа сина точка, полумесечина со големина од само 0,12 пиксели. Зборовите на Сеган од книгата „Бледа сина точка“ (на англиски Pale Blue Dot) допреа до срцата на милиони жители на нашата планета:
„Погледни повторно во таа точка. Тоа е дома. Тоа сме ние. Таму, сите што ги сакате, сите што ги познавате, сите за коишто некогаш сте слушнале, секое човечко суштество што некогаш било, ги живееле своите животи. Збирот на нашата радост и страдање, илјадници самоуверени религии, идеологии и економски доктрини, секој ловец и трагач по храна, секој херој и кукавица, секој творец и уништувач на цивилизацијата, секој крал и селанец, секој млад вљубен пар, секоја мајка и татко, надежно дете, пронаоѓач и истражувач, секој учител на моралот, секој расипан политичар, секоја ’суперѕвезда’, секој ‘врховен водач’, секој светец и грешник во историјата на нашиот вид, живеел таму – на делче од прашината дисперзирана на сончева светлина.“
Денес, жителите на планетата Земја се соочуваат со пандемијата на ковид-19, криза, чии последици, за жал, поради нерамномерното, несоодветно, несинхронизирано, себично и геополитизирано справување со пандемијата, можат да бидат катастрофални во некои делови на светот. Пандемијата го стави на тест светот, укажувајќи на инхерентните слабости што досега беа забошотувани, во рамките на една држава, но, многу повеќе, во транснационалните институции. За дел од научниците, аналитичарите и оние што носат одлуки, пандемијата на болеста ковид-19 е само уште една здравствена криза, при што мерките за социјално дистанцирање и вакцинирањето ќе овозможат враќање во нормала.

Но многумина не мислат така. Имено, за многумина, причините за појавата на пандемијата, можат да се најдат во „моделот на економски развој што доминира по Втората светска војна“, модел опишан како „организирана неодговорност“, при што „глобалниот капитализам моќно профитираше од експлозијата на продуктивноста овозможена од модерната наука и технологија, истовремено, расчистувајќи ги со метлата под метафоричен тепих неговите ризици и неизвесности.“ За многу истражувачи, инфекциите предизвикани од патогени микроорганизми што преминуваат (или во согласност со стручната терминологија „прелеваат“) од животните кон луѓето, не се ништо ново за човештвото, тоа што е релативно ново е зачестеноста на ваквите настани. Така, во последните 30 години, прелевањата се случија со невидено темпо првенствено поради уништување на шумите и промена на употребата на земјиштето предизвикано од проширување на агробизнисот, заедно со неконтролираните и експлозивни процеси на урбанизација, кои во голема мера ги зголемија средбите меѓу луѓето и дивите видови.
Како да се менаџираат кризите? Како да се справиме со растечките предизвици на одржливиот развој и климатските промени? Како да се менаџираат и управуваат државите ако се знае дека планетата Земјата со сите нејзини жители и форми на здружувања, е комплексен, адаптивен систем, со, на моменти, многу неопределена и флуктуирачка динамика, којшто се манифестира на повеќе размери (скалила) во простор, време и нивоа на организација? Какви треба да бидат одговорните лица, тие што го водат општеството напред и носат одлуки? Одговорот на овие прашања бара холистички, сеопфатен пристап, што подетално ќе биде анализиран на друго место. Денес сме сведоци дека единствениот пристап во справување со пандемијата на болеста ковид-19 се состои од воведување мерки на социјално дистанцирање и вакцинирање. Таквиот пристап е редукционистички – во тој пристап, молчеливо се претпоставува дека новиот патоген (вирус) е единствена причина за болеста ковид-19, па така сите напори се концентрирани во обидите за „искоренување“ на вирусот.

Но тоа е само прв чекор во холистичкиот, сеопфатен пристап, кој нагласува дека вирусите се само еден од факторите што придонесуваат за пандемија и поради тоа овој пристап повикува на многу подлабоки структурни анализи на причините за појавата на вирусот и пандемијата. Со други зборови, сликата е многу поширока и поголема: климатските промени и пандемијата на болеста ковид-19 се всушност две страни од иста паричка. Голем број истражувања потврдуваат дека човечкиот притисок врз планетата Земја сè уште расте, не се намалува, а пандемијата на ковид-19 е само една манифестација на тој притисок.
Какви се последиците од пандемијата на ковид-19 за Македонија? Ќе се осврнам на спрегата помеѓу менаџирањето, справувањето со пандемијата и владеењето во Македонија. За економските мерки што се преземаат за справување со пандемијата тука нема да зборувам. За петте карактеристики на владеењето во Македонија пишував неодамна во весникот „Нова Македонија“. За жал, справувањето со пандемијата на ковид-19 во Македонија е обременето со петтата карактеристика, односно со бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата за остварување и одржување на владеењето.

Така, заради опстанок во власта, во време на пандемија и во спротивност на основното право на живот, што е во согласност со меѓународните човекови права, се инсистира на процес којшто може да ги загрози животите на нашите граѓани, процес којшто во многу други држави се одложи, токму поради пандемијата, на неколку месеци.
На крајот, би сакал да ги предочам двете теми што ги отвори пандемијата на ковид-19, нашиот однос спрема соочувањето со биолошката смрт и со духовната смрт. Зар стравот од пандемијата (близината на физичката смрт) ќе биде причина за духовната смрт, па ќе нѐ натера, како што вели италијанскиот филозоф Џорџо Агамбен (Giorgio Agamben), „да се прифати чувството на сопствената заразеност од чумата, затворањето во своите домови, укинувањето на вообичаениот начин на живот, отфрлањето на релациите на пријателство, љубов, работа, дури и верските и политички убедувања?“ Одговорот не е едноставен. Францускиот филозоф Жан-Лук Нанси (Jean-Luc Nancy), инаку добар пријател на Агамбен, во одговор на неговите размислувања, пишува: „Ние мора да бидеме внимателни да не ја погодиме погрешната цел: во прашање е вкупната цивилизација, нема сомнеж во тоа.“
Парадоксално, нашето соочување со двете и биолошката и духовната смрт во услови на актуелната пандемија е отежнато и поради нашето секојдневно соочување со духовната смрт, поттикнато од уште една наметната причина. Имено, духовното постоење на Македонците може да се оправда само преку повеќевековното постоење на македонски јазик и македонската нација не само на територијата на денешна Македонија, но и пошироко. Така, духовната смрт на Македонците, покрај од актуелната пандемија, особено може да биде предизвикана и од ЕУ-интеграциите.

Од друга страна, соочувањето со биолошката смрт е поврзано не само со неспособноста, бескарактерноста, ароганцијата, корупцијата и алчноста на властодршците туку и со бескрупулозноста и безобѕирноста на постапките и средствата за одржување на власта. Тие карактеристики на владеењето, особено за време на пандемијата, предизвикаа уште поголема здравствена криза. Уште повеќе, евентуалните последици по животот и здравјето на нашите граѓани од пописот, што има единствена цел: останување на власт, (текстот е пишуван на 28 март 2021 г.), можат да бидат уште понагласени. Но дури и ако пописот се одложи (за што не треба воопшто да се размислува), тоа само делумно може да ги ублажи последиците со кои се соочуваат жителите на Македонија од немањето навремени и соодветни здравствени мерки.

Текстов ќе го завршам парафразирајќи ги Сеган и Конески. „Погледни повторно во таа точка“. Таму еден мал дел од таа точка е Македонија, тоа е нашиот дом. Тоа сме ние. Многумина што ги сакаме, многумина што ги познаваме, многумина за коишто некогаш сме слушнале, многумина чии книги сме ги читале, песни сме ги пееле, многумина, тука во Македонија, живееле, живеат и ќе живеат. Македонија ја чинат нејзините жители, сегашните, но и џагорот на починатите и неродените. Тие нè обврзуваат: „Неук, си мислев: па тие така случајно се јавуваат. А сега назад погледнувам, гледам – па тие ме обврзуваат!“ Но и напред да погледнам, во иднина, гледам – па тие уште повеќе ме обврзуваат.