Фото: Маја Јаневска-Илиева

Западните медиуми веќе ги подготвуваат граѓаните за начините на кои ќе се слават оваа Нова година и Божиќ, првпат во услови на пандемија. Во Македонија размислувањата за прославите се ставени во втор план, а фокусот е на справувањето со ковид-кризата, од здравствен и економски аспект

Европските лидери ги одложуваат божиќните празнувања

Ќе има ли посебни протоколи за прослава на новогодишните и божиќните празници? Дали ќе има карантин или целосно затворање? На нешто повеќе од еден месец до Нова година, во ек на експанзија на бројот на заболени од коронавирусот, јавноста очекува прецизни насоки за тоа што планираат здравствените власти во овој период. Светската здравствена организација веќе препорача да бидат ограничени собирањата, а Божиќ и Нова година да се слават во кругот на најтесното семејство.
Некои европски држави веќе подготвуваат посебни протоколи за овие празници, со кои воведуваат нови забрани и карантини, некои, пак, размислуваат да дозволат прослави во ограничен број луѓе. Западните медиуми веќе ги подготвуваат граѓаните за начините на кои ќе се слават оваа Нова година и Божиќ, првпат во услови на пандемија.
Во Македонија сѐ уште не се размислува во таа насока, зашто во моментот фокусот е ставен на справувањето со ковид-кризата, од здравствен и економски аспект. Досега централната прослава за Нова година се одржуваше во главниот град, а другите градови сами организираа прослави на плоштадите, со концерти на македонски и странски музичари. Засега нема конкретни информации дали воопшто ќе се организира нешто по посебни протоколи на плоштадите низ земјава, како и дали ќе се случуваат прослави во кафулињата и во рестораните низ земјава.
Од почетокот на месецов, рестораните и кафулињата работат до 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна. Забрането е и групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 21 часот.
Епидемиологот Александар Стојанов, член на Комисијата за заразни болести, вчера посочи дека сѐ уште не се знае каква ќе биде состојбата со бројот на заболени во декември во земјава, но дека граѓаните сами треба да знаат дека периодот не е погоден за прослави во собири.
– Мерките за забрана на групирање на повеќе од четворица важат, кафулињата работат до 21 часот. Болничките капацитети се преполни. Се прашувам кому во оваа ситуација му е до славење – посочува тој.

Државите во регионот немаат конкретен план за Нова година и за Божиќ

Од земјите во регионот, Бугарија има намера да ги затвори училиштата, рестораните и продавниците и да ги забрани сите спортски настани, приватни забави и екскурзии, за да се спречи ширењето на вирусот. Србија воведува нови мерки за сузбивање на коронавирусот. Рестораните, кафулињата, баровите, клубовите, обложувачниците и трговските центри во Србија ќе може да работат до 18 часот. Најавени се и строги контроли на други мерки, вклучувајќи забрана за собирање повеќе од пет лица и обврска да носат заштитни маски во затворени простории и во јавен превоз. Грција од 7 ноември годинава влезе во 23-дневен карантин, кој беше најавено дека ќе трае до 30 ноември. Се очекува забраната за движење да биде продолжена. Една седмица по карантинот, односно од 13 ноември беше воведен и полициски час од 21 до 5 часот.
Светската здравствена организација даде препорака претстојните божиќни празници да се слават во тесен круг, без големи семејни прослави или собири.
Според СЗО, ова е најдобрата опција за „овие пандемиски времиња за повеќето земји“.
– Се надеваме дека секој од нас ќе има среќни празници и ќе најде начин да остане во контакт со своите најблиски. За среќа, многу луѓе во светот имаат можност виртуелно да се поврзат и мислам дека можеби тоа е начинот на кој треба да се дејствува на многу места. Затоа најдобро е да се обезбеди прослава со видеоконференција – посочуваат од СЗО.

Посебни протоколи за празнувања 

Европските влади ги одложуваат одлуките во врска со прославата на Божиќ и на Нова година, но сѐ уште не е познато што точно ќе биде дозволено.
Министерот на француска влада посочил дека одлуката да се одложат прославите за Божиќ и за Нова година создава голема главоболка, поради „невозможниот избор“ меѓу „социјално неодржливата“ забрана за семејно дружење и медицинскиот приоритет да не се разгорува ширењето на коронавирусот. Во говорот кон крајот на октомври, претседателот на Франција, Емануел Макрон, посочил дека ако пандемијата биде побрзо ставена под контрола, ќе може да се надеваме дека семејно ќе може да се слави претстојната празнична сезона.
Според него, забавите „со десетици луѓе“ нема да бидат дозволени, а владата нема да донесе одлука до крајот на ноември до кој степен ќе биде можно патувањето за време на одморот во Франција во тој период. Рестораните веројатно нема да бидат повторно отворени пред средината на јануари и сѐ уште нема сигурност дека црквите ќе можат да одржат божиќна миса.
Германија во одреден степен е во карантин од почетокот на овој месец, а канцеларката Ангела Меркел изрази надеж дека доколку граѓаните се држат до заострените правила во текот на ноември, ќе можат да си дозволат поголема слобода за Божиќ. Некои божиќни пазари, вклучувајќи го и тој во Нирнберг, веќе се откажани, додека некои, како тој во Дрезден, бараат дозвола за продавање традиционално варено вино. Стравувајќи од преоптоварување на болниците, властите во неколку града и општини размислуваат дали да ја следат Холандија за забрана на огномет за новогодишната ноќ.

Шпанија останува во вонредна состојба, а полицискиот час во текот на ноќта сè уште е во сила. Тамошниот министерот за здравство Салвадор Ила свикал состанок на регионални здравствени експерти за да излезат со планови за што е можно побезбеден Божиќ, но истовремено ги предупредил граѓаните да не се надеваат на прослави. Владата на регионот на Мадрид ја разгледува идејата во аптеки да се прават ковид-тестови пред и по Божиќ, за да им се овозможи на луѓето безбедно да се собираат. Се очекува баровите и рестораните делумно да се отворат, а полицискиот час од 22 до 6 часот во Каталонија ќе остане во сила за време на Божиќ и Нова година. Сепак, семејствата може да се состанат во групи до десет лица од 21 декември. Во моментов средби може да се одржуваат во шестчлена група.
Во Италија се забранети и божиќните пазари, а патувањата меѓу регионите се строго ограничени. Се подготвува декрет за празничната сезона, со можни мерки, вклучувајќи ги и продавниците и рестораните, кои може да бидат повторно отворени од 3 декември, со што националниот ноќен полициски час е продолжен за еден час. Божиќните вечери ќе бидат дозволени, но само со блиското семејство. Премиерот на Италија, Џузепе Конте, минатата недела ги уверил децата дека нивните подароци ќе им бидат доставени, зашто нивниот Дедо Мраз не е под никакви ограничувања за патување.

[email protected]