За мажите, жените и за популизмот

Значително се намали стапката со која мигрантите пристигнуваа речиси секаде во Европа по големиот бран од 2015 година. Сепак, миграцијата продолжува да доминира во политичката дебата во целата ЕУ. Ова покажува дека популистичкото, антидоселеничко чувство всушност не е поттикнато од тврдењата дека водечките политичари не можат да ги бранат европските граници.

Намалувањето на новиот бран доселувања во Европа започна пред антидоселеничките политички лидери да дојдат на власт во Италија или пред доселеничкиот притисок речиси да ја собори владејачката коалиција на Германија. Ова во голема мера се должи на напорите на ЕУ како што е договорот со Турција, да ги спречи Сиријците да пристигнат во Грција, на соработката со либиските паравојски и на огромниот притисок што беше наметнат врз транзитните држави во Сахара за затворање на нивните граници. Благодарение на овие мерки, Европа стана практично тврдина против миграцијата.

Зошто тогаш доселувањето уште е главна тема кај многу Европејци? Одговорот би можел да биде од економска причина, па, така, оние што пристигнаа во 2015-2016 година веќе создадоа нерамнотежа во пазарот на трудот, со тоа што доселениците со ниски квалификации сè повеќе се натпреваруваат за работни места со граѓаните со ниски квалификации. Точно е дека во поголемиот дел на Европа, нетрпеливоста кон странците е најизразена токму кај работниците со ниски квалификации.

Но постојат силни причини да се верува дека повеќето економски прашања се изложени на ризик. Прво, антидоселеничкото чувство (односно против странците) почна насилно да се манифестира, но само во Италија, каде што беа забележани неколку примери на пукање кон мигранти, туку и во Германија, каде што добро функционира редот.

Во источногерманскиот град Кемниц, насилни судири неодамна избија меѓу десничарските демонстранти, полицијата и контрадемонстрантите, откако еден Германец беше убиен од двајца млади луѓе од Ирак и од Сирија. Поддршката за десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) е силна во Кемниц и во поширокиот регион, со тоа што најголем дел од нападите врз странци се случија на територијата на поранешна Источна Германија.

Криминалот и корупцијата не можат да ја објаснат оваа појава. Во Кемниц живеат помалку странци отколку во многу други германски градови со слична големина, а криминалот генерално е под контрола. Покрај тоа, невработеноста, која е намалена во цела Германија, не е особено висока во Кемниц и изнесува седум отсто.

Но има и друго можно објаснување што потекнува од еволутивната психологија. Еден тренд што ретко се споменува во дискусиите за миграцијата е подемот во уделот на мажи меѓу бегалците и азилантите. Во изминатите три години, мажите, од кои повеќето се на возраст 18-35 години, сочинуваа над две третини од сите луѓе што побараа заштита во Германија. Од друга страна, вкупниот број бегалци како удел во вкупното германско население е мал (2,5 отсто), а бегалците се застапени со многу поголем удел во германското машко население.

Влијанието особено се забележува во Источна Германија, која веќе страда од голема разлика меѓу машкото и женското население, така што соодносот во поголемиот дел од регионите изнесува 115:100, затоа што образованите жени имаа многу поголеми склоности од мажите да се преселат во Западна Германија за повисоки плати. Како резултат на тоа, значителен удел од машкото население во Источна Германија има мали шанси да најде партнер и да основа семејство.

Истражувањата покажаа дека кога има значително поголем број мажи отколку жени, зголемената конкуренција за женски партнери може да предизвика насилство. Едно истражување ја поврзува полигамијата, поради која мажите со низок статус остануваат без жени, со граѓанските војни.

Заклучокот е дека нетрпеливоста кон странците во Источна Германија и можеби низ Европа е вкоренета делумно во примитивниот одбранбен одговор на локалните мажи, кои сакаат да ја заштитат својата територија, вклучувајќи ги и „своите“ жени од другите мажи. Веројатно не е случајност што Кемниц, кој покажа дека е подготвен да гласа за екстремистичките партии, има најголема разлика меѓу машкото и женското население меѓу дваесет и четириесетгодишните во цела Германија.

Но не се сите мажи погодени од оваа состојба. Бидејќи жените целат да се „омажат“ или да најдат партнери со повисок социоекономски статус, токму помалку образованите и посиромашни мажи чии шанси за врска најмногу се на удар од напливот на машки азиланти. Всушност, помалку образованите и посиромашни групи имаат тенденција да покажуваат најмногу противење на миграцијата.

Имено, проблемите што се создаваат од нерамнотежата меѓу половите не може да се решат со подобро образование или распределба на приходите, затоа што склоностите за наоѓање партнер се релативни, а не апсолутни. Оние од локалното население со најниски приходи и образовно ниво секогаш ќе бидат во најлоша позиција, ако треба да се натпреваруваат со голем број млади машки доселеници.

Во секој случај, нерамнотежата меѓу половите не е единствената причина за подемот на антидоселеничкото чувство, па дури и популизмот воопшто. Но еволутивната психологија, која го нагласува натпреварот за жените, може да додаде нова димензија на нашите сфаќања за овој феномен додека ни помага да предвидиме кога и каде може да избијат граѓански безредија.

Многу малку може да се направи за да се промени нерамнотежата меѓу половите во одредено место. Но дури и ако има начин да се „реши“ проблемот, сепак свесноста за неговото постоење може да помогне да се ограничи штетата, особено со тоа што ќе им се овозможи на лидерите да избегнуваат некорисни политики или такви што ќе ги влошат тензиите. На пример, ограничувањето на семејните средби (за да се ограничи бројот на странци) само ќе го влоши проблемот, затоа што машките азиланти најверојатно ќе бидат неженети или ќе бараат партнери меѓу локалното население.

Државите како Германија неодамна признаа дека голем дел млади бегалки ќе треба да се справат со последиците на настанатите општествени промени. Со тоа ќе се бара од нивните лидери да признаат дека тие промени не се должат само на економијата.

Авторот е директор на Центарот за студии по европска политика во Брисел