Финансиската помош ја добиваат оние што можат да платат висока сума за изработка на проекти

Речиси 93 проценти од помошта доаѓа од Заедничката земјоделска политика на ЕУ и државниот буџет на Бугарија, а завршува во рацете на само 10 отсто од производителите

Во Бугарија поголемиот дел од европската помош за земјоделците завршува во рацете на големите земјопоседници и земјоделци. Во исто време, малите фармери едвај преживуваат, се заклучува во текстот на „Дојче веле“ посветен за тоа која е користа од добивањето финансиска помош од европските фондови.
Емилија Пешева беше учителка. Таа е пензионерка повеќе од десет години. Поради ниската пензија од 245 лева, таа е принудена да се занимава со земјоделство. Пешева одгледува 27 декари лозови насади. Меѓутоа, секоја година станува сè потешко да ја одгледува земјоделската површина.

– Добивам европска субвенција од триесетина лева за декар. Трошоците за ѓубрива, за обработка на земјата и бербата на производството многу пораснаа и стануваат премногу високи за малите производители. Во исто време откупната цена за килограм грозје е зацементирана од монополските комбинати во регионот на 50 стотинки – објаснува пензионерката.
Денес во бугарските села живеат помалку луѓе што се на работоспособна возраст. Поради тоа 78-годишната пензионерка сама ги извршува земјоделските работи.
– Ако политиката кон ситните земјоделци не биде радикално променета, малите фарми и селата во Бугарија се осудени на пропаст – смета основачот на Националниот сојуз на градинарите, Слави Трифонов.

Според него, бугарското земјоделство сѐ повеќе личи на латиноамериканските латифундии, каде што профитот се концентрира во рацете на малкумина, а другите ситни производители се борат за преживување.
– Во Бугарија незначителен број крупни земјоделски производители станаа вистински латифундисти, со моќно лоби во сите влади. Нееднаквоста меѓу малите и големите земјоделци постојано расте. Речиси 93 проценти од помошта доаѓа од Заедничката земјоделска политика на ЕУ и државниот буџет, а завршува во рацете на само 10 отсто од производителите – вели Трифонов, повикувајќи се на статистиката на Економскиот институт на БАН.

Во ЕУ, во просек, 25 отсто од поддршката за аграрните производители воопшто не стигнува до корисниците за кои е наменета. Профитираат главно сопствениците на неземјоделските стопанства и инвеститорите, се наведува во најновиот извештај на Светската банка за резултатите од Заедничката европска земјоделска политика во последните десет години. Експертите на Светска банка пресметале дека просечно за Европската Унија 70 отсто од поддршката од фондовите за заедничка аграрна политика се насочени само кон 28 отсто од земјоделските производители. Во Романија и во Бугарија овој сооднос е уште поизразен. Во Бугарија само еден отсто од земјоделските производители добиваат 45 отсто од директните и индиректните плаќања за земјата во рамките на Заедничката земјоделска политика. Полоша е ситуацијата само во Романија.

Во извештајот на Светска банка се наведува и уште еден друг проблем – дека постои продлабочување во нееднаквоста на платите на земјоделскиот труд. Во Данска, Холандија и во Шведска платата за еден час работа на поле или на фармата е во просек 15 евра. Истовремено во Бугарија, Романија, Литванија, Летонија, Полска и во Грција се плаќа три или дури и под три евра на час, велат експертите.
Овој расчекор во платите се одразува и на паневропски аграрна политика и тоа е една од причините за сезонски миграции на земјоделски работници, а понекогаш води до тешки форми на експлоатација. Ниските плати на трудот во Бугарија и во Романија принудуваат многу земјоделски работници од двете земји да мигрираат за неколку месеци во земји како Португалија и Италија. Истовремено, пак, Португалците бараат сезонска работа во Франција, наведуваат експертите на Светска банка.

Ваквиот развој на настаните е погубен за Бугарија – недостигот од работна рака во бугарското земјоделство го попречува развојот на традиционалните земјоделски дејности, како овоштарството, лозарството, хортикултурата, овчарството и екстракција на етерични масла.
Слави Трифонов од Сојузот на градинарите посочува на корупцијата, која е најсериозна причина за разидувањето на добрите намери и реалните состојби во земјоделството.

– Во последните години се одобрува едвај еден проект од четири предложени инвестициски програми од земјоделските стопанства. Зад ова има шема за „кооперирање“ меѓу службите во Министерството за земјоделство и консултантите, кои ги разгледуваат предлозите од фармерите. Консултантите им соопштуваат на земјоделците дека треба да се плати одредена сума за да им се одобри проектот. Се одобруваат само оние проекти за кои е платено. За тоа се прават разни ранг-листи и критериуми. За изработка на еден проект се потребни околу 25 илјади лева – тврди Трифонов.